Авганистанците сакаат да си ја вратат земјата до 2014 година
Карзаи на донаторкста конференција не побара повеќе пари, туку поголема контрола врз доделените13 милијарди долари
КАБУЛ - Авганистанците сакаат да бидат одговорни за безбедноста во земјата до 2014 година, изјави претседателот Хамид Карзаи вчера на меѓународната донаторска конференција, апелирајќи за поголема контрола врз 13 милијарди долари наменети за развој. „Решен сум нашите национални безбедносни сили да бидат одговорни за сите воени и полициски операции низ нашата земја до 2014 година“, изјави тој на конференцијата, свикана за да се дискутира за тоа уште колку одговорности треба да му се предадат на Авганистан.
Над 40 милијарди долари се потрошени во Авганистан од 2002 година, наведува Оксфам, и околу половината биле упатени за обука и опремување на армијата и полицијата за да ја преземат контролата врз безбедноста, додека одредени земји планираат повлекување од своите сили предводени од НАТО, кои бројат 150.000 војници. Но, и покрај зголемувањето на странските сили што има цел поразување на талибанците во нивното духовно упориште, и натаму остануваат отворени прашањата за ефикасноста на авганистанските безбедносни сили да одговорат на задачите кога тие ќе се заминат.
Карзаи вчера не побара повеќе пари, туку поголема контрола на она што веќе е наменето за земјата. Тој изјави дека Авганистан имаше доволно заложби за три години. Ако Авганистанците видат дека градежни проекти доаѓаат од владата наместо од странците, се верува дека е поголема веројатноста дека ќе ги поддржат. Во земјата во септември ќе се одржат парламентарни избори.
Свесен дека неговите западни сојузници сакаат што поскоро да заминат од земјата, Карзаи побара поддршка за мировниот план, кој има цел да придобие и да реинтегрира околу 36.000 бунтовнички пешадинци, додека ги сондира разговорите со умерените талибански лидери. Талибанците се охрабрени од перцепцијата дека Вашингтон не се залага за пролонгирана борба, речиси деветгодишната војна веќе е најдолгиот воен конфликт во кој е ангажирана Америка и инсистира на тоа дека нема да престанат да се борат додека сите странски сили не ја напуштат земјата. (Ројтерс) |