Број 3338  среда, 21 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Site Meter
Свет

Битка за спас на бурката во Велика Британија

Едно истражување покажало дека 67 отсто од Британците сметаат дека треба да се гледа лицето на човекот со кого се разговара

Од нашиот дописник
Томислав Ивановски

ЛОНДОН - Во британската политичка јавност се разгоре своевидна битка за „спасување“ на бурката откако еден пратеник на сега владејачките конзервативци го прекина молчењето на владината коалиција за тоа дали владата на Британија би требало да ги следи Франција и Белгија, кои веќе донесоа закони со кои на муслиманките им се забранува на јавни места да го покриваат целосно лицето, носејќи бурка.

Пратеникот Филип Холбон објави дека не чекајќи ја владата, самиот определил како ќе се однесува кога во неговата канцеларија, за совет или мислење, ќе му се обрати жена облечена во традиционалната муслиманска облека-бурка. Ќе побарам од неа да го тргне превезот што и' го покрива лицето, па доколку таа одбие и се создаде ситуација во која таа мене може да ме гледа, а јас не можам да видам со кого разговарам, ќе нема никакви услови за една нормална комуникација, објаснува пратеникот Холбон. Овој ториевец вели дека во тој случај ќе побара од соговорничката да му се обрати со писмо, затоа што, според него, нема услови за разговор кога едниот од соговорниците е целосно затскриен зад облеката.

Во одбрана на ова свое „право“, пратеникот се повикува на новото време во кое живееме, на современата комуникација на која денешните луѓе се насочени и на податоците од едно истражување во кое 67 отсто од Британците сметаат дека треба да се гледа лицето на човекот со кого се разговара. Додека Холбон зборува за новото време, разните асоцијации на британските муслимани, кои остро се спротивставија на правото на пратеникот да прифаќа или да одбива службен разговор во зависност од тоа како е облечен соговорникот, инсистираат на религијата и на традицијата во облекувањето на муслиманските жени. За некои кругови од муслиманската заедница навестувањето на ториевскиот пратеник дека нема службено да разговара со жени во бурка е напад врз човековите права и слободи затоа што станува збор за „парче платно што не смее да биде забрането“.

Оние што застанаа во одбрана на пратеникот забележуваат дека и кај младите популарните дуксери, овде познати како худи облека, станува збор за „парче платно“, па од безбедносни причини (за да се спречи криминалците да се затскриваат од сведоците или од уличните ТВ-камери) се бара да се забрани носењето дуксери. За оваа облека има објаснување дека најголемиот дел од луѓето што извршиле кривично дело, покривајќи ја главата со „худи���, тешко може да се откријат и уапсат, што е засега единствениот аргумент во прилог на непопуларното забранување на една облека. Од друга страна, се посочува дека превезот на лицето и онака мора да се тргне при пасошка контрола за да се види идентитетот на носителот на пасошот, поради што се смета дека затоа нема пречка тоа да се тргне и при појавувањето на овие жени на јавни места. Холбон, од своја страна, уште вели дека за бурката разговарал со експерти на муслиманската религија и исламски верски лидери, кои го уверувале дека исламот и верата не бараат од жената да носат бурка или нагиб.

По провокацијата од сопствените редови, реагираше министерот за имиграција Дамијан Грин, кој навести дека британската влада нема намера да го забрани носењето на бурката. Прво, затоа што станува збор за мерка што не би личела на британска затоа што британското општество по традиција е толерантно и определено за заемно почитување на сите што се дел од него, а потоа и затоа што би се појавела практична тешкотија за спроведувањето на законот доколку би бил донесен. Во таква ситуација полицајците би морале да ги претресуваат и насила да им ја тргнуваат бурката на жените или да ги апсат на јавни места. Ситуацијата уште повеќе ја искомплицира министерката за екологија, ториевката Каролин Спелман, која не само што се противи на забраната, туку се залага за своевидно ополномоштување на овој вид облека. По престојот во Авганистан, Спелман вели дека бурката е симбол на „дигнитетот на жената“, како и дека е своевиден израз на феминизмот.

Се покажа дека така не мисли голем дел од пратениците на владејачката конзервативна партија, па некои од нив изјавата на министерката ја нарекоа „моронска“, додека повеќето пратеници сметаат дека таа е далеку од реалноста. За овие луѓе носењето на бурката е најдобриот знак за длабоката поделеност на британското општество и на постоењето две паралелни општества, при што она другото, малцинското, живее во услови што немаат ништо заедничко со вистинските британски вредности и во кое жената се третира како во средниот век. Со остра критика на однесувањето на владата се огласи и европратеникот Наџел Фараз, кој смета дека додека во целата ЕУ се отвора дебата за бурката и за нејзиното несогласување токму со европските закони за човековите слободи, британската политичка елита се затскрива (погрешно) зад британските вредности, што на овој начин само се деградираат. За него најсилен аргумент е изјавата на имамот од една лондонска џамија, кој рече дека бурката не се врзува за исламската вера, туку за племенската традиција во Саудиска Арабија, Авганистан и Ирак.

Тонот на спротивставената дебата, меѓутоа, ја даваат лондонските медиуми, кои се противат на забраната, што се виде уште пред донесувањето на законот за забрана во Франција кога сите го осудуваа француското решение. Во Велика Британија има помалку муслимани отколку во Франција, но се смета дека забраната на бурката би била спротивна на политиката за т. н. „политичка коректност“ што засилено се гради во односот кон британската муслиманска заедница во последниве години. Опозицијата во Британија тврди дека луѓето во земјата се (наводно) поделени (50:50) по прашањето на бурката, па затоа нема да поддржат таа да биде законски забранета. Но, едно истражување на тинк-танк агенцијата „Чивитас“ открива дека кога станува збор за британската јавност, секој на неа гледа од својот агол. Анализата на истражувањето предупредува дека новото законодавство за расна и за верска омраза, во основа, ја ограничува слободата на говорот за „белите и христијански“ Британци, затоа што она што е за нив казниво, не е за „црнечкото или муслиманското“ малцинство.


#
Статијата е прочитана 485 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Свет
Обвинение против 196 лица за ковање заговор
Авганистанците сакаат да си ја вратат земјата до 2014 година
ЕУ ја критикува Романија за корупција, а ја фали Бугарија
Што се крие зад бурката
Грција во шок по убиството на новинарот
Таjна Америка
Пандемијата на свински грип продолжува
Босански Хрват осуден за масакрот во Сребреница