Босански Хрват осуден за масакрот во Сребреница
САРАЕВО - Босански суд го осуди поранешниот војник на босанските Хрвати, Марко Бошкиќ, на десет години затвор поради неговата улога во масакрот во босанскиот град Сребреница во 1995 година. Бошкиќ (46) е прогласен за виновен за злосторства против човештвото откако призна дека учествувал во убиството на неколку стотици муслимани, заробени по паѓањето на Сребреница, соопшти судот. Тој е вториот босански Хрват обвинет за Сребреница, каде што армијата на босанските Срби уби осум илјади луѓе во 1995 година. Тоа претставува најголем масакр во Европа по Втората светска војна.
Во април Бошкиќ беше екстрадиран од САД каде што претходно се преселил и работел како градежен работник. Во САД Бошкиќ бил обвинет за имиграциска измама, бидејќи лажел за неговата улога во босанската војна. Тој навел дека побегнал од Босна, бидејќи сакал да избегне етнички борби.
Босанскиот суд за воени злосторства се изјасни дека Бошкиќ заедно со други членови на специјална единица на војската на босанските Срби учествувал во прогонувањето на муслиманите на политичка, етничка, културна и верска основа од 10 јули до 1 ноември 1995 година. Во соопштението се вели дека на 16 јули „Бошкиќ и неколкумина други припадници на специјалната единица пукале од автоматско оружје врз неколку стотици муслимански затвореници со врзани очи, кои биле донесени со автобуси во селото Пилица, во близина на источниот град Зворник“. (Ројтерс)
|