Таjна Америка: Улогата на контракторите
Како што растеше таjната Америка, власта стана позависна од контракторите
ВАШИНГТОН - Во јуни каменорезец од Манасас направи уште една перфектна ѕвезда во мермерниот ѕид на седиштето на ЦИА, една за 22 припадници на агенцијата убиени во глобалната војна иницирана од терористичките напади во 2001 година. Намерата на споменикот е јавно да им се оддаде почит за храброста на оние што загинале извршувајќи ја својата должност, меѓутоа, тоа, исто така, крие и подлабока сторија за власта во ерата по 11-септември: осуммина од дваесет и двајца воопшто не беа офицери на ЦИА. Тие беа приватни контрактори.
За да се осигура дека најчувствителните должности на земјата се спроведуваат само од луѓе лојални, пред се', на интересите на државата, федералните закони велат дека контракторите не може да го извршуваат она што се нарекува „по природа владини должности“. Меѓутоа, тие го прават тоа, цело време и во секоја разузнавачка и контратерористичка агенција, според двегодишната истрага спроведена од „Вашингтон пост“.
Она што почна како привремено решение, како реакција на терористичките напади, се претвори во зависност која го поставува прашањето дали федералните работни сили вклучуваат премногу луѓе, кои имаат обврски кон акционерите место јавните интереси - и дали власта се' уште ја има контролата врз своите најчувствителни активности. Во интервјуата што минатата недела ги даде секретарот за одбрана, Роберт Гејтс, и директорот на ЦИА, Леон Панета, се вели дека тие се согласуваат со таквите загрижености.
Истрагата на „Пост“ обелодени што значи алтернативната географија на САД, „Тајна Америка“ креирана по 11 септември, која е скриена од погледот на јавноста, нема вистински надзор и е толку гломазна што нејзината ефикасност е невозможно да се утврди.
Тоа, исто така, е и систем во кој контракторите играат уште поважна улога. „Вашингтон пост“ проценува дека од 854.000 луѓе со дозвола за работа на строгодоверливи работи, контрактори се 265.000. Нема подобар пример за владина зависност од нив отколку онаа во ЦИА, единственото место во власта кое постои за да извршува работи во прекуокеански земји, кои не им се дозволени на други американски агенции.
Приватните контрактори што работат за ЦИА регрутираат шпиони во Ирак, плаќаат мито за информации во Авганистан и ги обезбедуваат директорите на ЦИА, кои ги посетуваа светските метрополи. Контракторите помогнаа да се грабне осомничен екстремист од улиците во Италија, да се испрашуваат затвореници што се држеа во тајни затвори во странство и тие ги надгледуваат дезертерите што се кријат во предградијата на Вашингтон. Во штабот во Ленгли тие ги анализираат терористичките мрежи. Во тренинг- објектите на агенцијата во Вирџинија тие помагаат во моделирањето на новата генерација американски шпиони.
Со посредство на процесот на федералниот буџет, администрацијата на Џорџ Буш и Конгресот многу им олеснија на ЦИА и на други агенции инволвирани во контратероризмот, да ангажираат повеќе контрактори отколку државни чиновници. Тие го направија ова за да се ограничи големината на постојаната работна сила, да се ангажираат службеници побрзо отколку што тоа го дозволува инертниот федерален процес и тие сметаа - што се покажа погрешно - дека контракторите ќе бидат поевтини.
Девет години подоцна, во администрацијата на Обама, се отфрла идејата дека контракторите чинат помалку и таа направи одреден напредок во целта да го редуцира бројот на платеници за седум проценти во текот на две години. Сепак, околу 30 проценти од работната сила во разузнавачките агенции се контрактори. „Премногу долго зависевме од контракторите тие да ја извршуваат оперативната работа што мораше да биде завршена од службеници на ЦИА“, вели Панета. Меѓутоа, нивното заменување „не се случува преку ноќ. Кога зависите од контрактори толку долго, треба да ја изградите таа експертиза со тек на време“.
Втората загриженост на Панета е насочена кон ангажирањето корпорации, чија одговорност „е кон нивните акционери и тоа претставува неразделив конфликт“. Или како што вели Гејтс, кој е во или надвор од власта цел свој живот: „Сакате некој кој реално е во ова за кариера, бидејќи тие се страсни во работата и затоа што се грижат за земјата, а не се вклучени поради парите“.
Контракторите може да им понудат повеќе пари, честопати двојно повеќе, на искусните федерални службеници отколку што тоа може да си го дозволи власта. И бидејќи конкуренцијата меѓу компаниите за луѓе со безбедносни овластувања е толку голема, корпорациите нудат бенефиции како автомобили БМВ и бонуси од 15.000 долари, како што Рејтион направи во јуни за софтвер-експертите со овластувања од највисоко ниво.
Идејата дека власта ќе заштеди пари со работната сила по договор е „лажна економија“, вели Марк Ловентал, поранешен висок официјален претставник на ЦИА, а сега претседател на сопствена академија за обука на разузнавачи.
Контракторите убиваат непријателски борци. Тие ги шпионираат странските влади и ги прислушуваат терористичките мрежи. Тие помагаат при осмислувањето на воените планови. Тие собираат информации за локалните фракции во воените зони. Тие се историчари, архитекти, регрутни офицери во најтаинствените агенции во државата. Нивните луѓе ги надгледуваат центрите низ областа Вашингтон. Тие се меѓу најдоверливите советници на генералите со четири ѕвездички, кои ги водат војните на државата.
Толку е голем апетитот на власта за приватните контрактори со дозволи за работа на строгодоверливи работи што сега има повеќе од 300 компании, честопати наречени „снабдувачи со ИТ работна сила“, кои се специјализирани за пронаоѓање кандидати, честопати за хонорар кој изнесува околу 50.000 долари за лице, според оние што се во овој бизнис.
Тоа прави да биде потешко контракторите да се заменат со федерални службеници: власта не знае колкав број има на федералните платни списоци. Гејтс вели дека сака да го намали бројот на контрактори за околу 13 проценти, до нивоата пред 11 септември, меѓутоа, има проблеми дури и да ја добие основната бројка на ангажирани. „Ова е ужасно признавање“, вели тој. „Јас не можам да добијам бројка за тоа колкумина контрактори работат за канцеларијата на секретарот за одбрана“, алудирајќи на цивилното раководство на департментот.
„Вашингтон пост“ проценува дека 265.000 контрактори, кои извршуваат тајна работа, се темелно проверени од неколку високорангирани разузнавачи, кои ја одобрија методологијата на „Вашингтон пост“. Базата на податоци на весникот за „Тајна Америка“ вклучува 1.931 компанија, која изведува работи на строгодоверливо ниво. Повеќе од четвртина од нив, или 533, се формирани по 2001 година, а другите што веќе постоеја, значително се проширени. Повеќето од нив се успешни, иако остатокот од САД се справува со банкроти, голема стапка на невработеност и запленувања. (Вашингтон пост)
|