Што се крие зад бурката
Во исламската внатрешност, покриената глава има повеќе од едно значење
Во муслиманските земји конзервативното покривање на главата не секогаш значи да се биде конзервативен на друг начин. Само погледнете ја двојката што ужива во романтична ноќ на отворено во Истанбул; нејзината коса можеби е скриена, но останатата облека е модерна, а нема и ништо ограничувачки во бакнежот што му го нуди на момчето.
Колку и да звучи чудно за луѓето од Запад, „исламското“ облекување за многу жени од исламскиот свет можеби е избор што е слободно прифатен од религиозни причини, политика или, пак, мода: избор што е посебно присутен во земјите каде што правото да се покрие главата е ограничено со закон или со секуларистичка конвенција.
Постојат некои места, како што се Саудиска Арабија и Иран, каде што жените мора да ги покриваат нивните глави; во други земји, пак, особено Турција и Тунис, јавните службенички, како и ученичките во државното образование, имаат забрана да ја кријат косата. На ужас за секуларниот естаблишмент на Турција, сопругите на претседателот и на премиерот ги покриваат своите глави; поради тоа, имаат забрана за многу државни институции, вклучувајќи и некои болници. На 29 април јавниот обвинител ја одби жалбата на една секуларистичка група дека двете дами направиле прекршок, бидејќи присуствувале на јавни церемонии со шамии.
Во останатиот дел од Блискиот Исток повеќето жени носат превези од еден или од друг вид, иако речиси никоја не носи бурка. Во Иран многу жени се спротивставуваат на структурите на кодексот за облекување на Исламската Република со симболични шамии, куси палта и јака шминка. Тие ја чувствуваат годишната кампања против „бад хиџаб“, што почнува сега. В пролет и в лето жените чии шамии се сметаат за несоодветни или на кои глуждови им се премногу откриени се носат во полициски станици за да потпишат изјави, ветувајќи дека ќе се облекуваат поскромно.
Во други земји, пак, каде што има поголем избор, причините за прикривање се покомплексни. Во Египет, во екот на социјализмот, мал е бројот на оние што носеа превез. Во 70-тите и во 80-тите години од минатиот век, кога напредуваше политичкиот ислам, многумина се покриваа како знак на се' поголема побожност и конзерватизам. Имаше и практична корист, исто така. Исламската облека им овозможи на жените да работат заедно со мажите, без да предизвикуваат срам кај строгите машки роднини. Нешто слично се применува и во провинциска Турција, каде што шамијата им олеснува на жените да бидат активни во јавниот живот.
Сега хиџаб (превез за главата) е толку популарен во многу места ��аде што не е задолжителен, така што веќе не се смета за политичко декларирање. Во Египет се размножија списанија како што е „Хиџаб фешн“, како и продавници во кои се продаваат шамии украсени со скапоцени камења и со ленти. Во Каиро младите жени ја усогласуваат бојата на превезите со таа на туниките, ранците, шминката и чевлите. Во Дамаск тие се во врвот на модните случувања, со цврсто заврзани бели шамии. Многу малку се покажува од телото, но тесната гардероба укажува дека сите жени кои носат шамии не се и побожни.
Сепак, никабот (превез за лицето) останува контроверзен. Кусо време пред смртта високиот муслимански свештеник од Египет, Сајед Тантави, му рече на едно 11-годишно девојче да го отстрани својот никаб, бидејќи тоа не е исламски. На лидерите од Египет не им се допаѓа превезот, но допрва треба да го забранат. Периодичните забрани на универзитетите и во владините претставништва беа формулирани на јазикот на безбедноста.
Политиката, исто така, има улога. Во Египет, оние што притискаат за примена на никаб, се ревносни салафисти, толку чисти што дури и главната исламска опозиција во Египет, Муслиманско братство, е претпазлива околу ова прашање. Преземањето строги мерки за никаб можеби е начин владата да замолчи група опоненти.
Авганистан е единствена земја каде што жените носат бурка во голем број. Некои ја отфрлија по соборувањето на талибанците, но повеќето не го направија тоа. Феминистките во Авганистан - тие се храбри души - велат дека оспорувањето на бурката можеби не е најитна задача во едно општество каде што наметнувањето промена однадвор често може да има повратна реакција. (Економист) |