Грција во шок по убиството на новинарот
Познатиот грчки новинар Гиољас беше застрелан со 13 прострелни рани пред својата зграда
Смртта на грчкиот новинар Сократис Гиољас, два дена по убиството, се' уште е мистерија. Познатиот грчки новинар во понеделникот изутрината беше застрелан пред својата зграда во атинската населба Илиуполи. Според изјавата на неговата сопруга, во пет часот изутрината некој заѕвонил на нивната врата и го извикал Гиољас да се симне пред зграда, бидејќи му го крадат возилото. Вознемирениот Гиољас не ни можел да претпостави дека овој повик ќе го чини неговиот живот. Веднаш штом слегол, кон него било истрелано од огнено оружје повеќе од 20 пати. Безживотното тело на Гиољас имало 13 прострелни рани. „Дваесет истрели кон се' уште нерасонет човек. Напаѓачите не сакале да остават ништо на факторот среќа. Ужас и мистерија“, пишуваат грчките медиуми. Напаѓачите, наводно, носеле заштитни елеци и биле облечени во униформи на обезбедување. Полицијата го чешла компјутерот и сите досиеја на новинарот со цел да најде некаква трага што довела до ова свирепо убиство. Погребот на 37-годишниот Гиољас, татко на двегодишно дете, беше планиран за вчера попладне.
Првите извештаи од обдукцијата покажаа поврзаност на смртта на Гиољас со терористичката организација „Секта на револуционери“, позната по многубројни закани на новинарите во минатото. Истрагата на местото на инцидентот покажала дека куршумите со кои бил застрелан Гиољас одговараат на две парчиња оружје, кои „Секта на револуционери“ ги има користено при други напади, како што е убиството на полицаец во јуни 2009 година и при нападот на телевизиската станица Алтер во февруари минатата година кога, за среќа, немаше повредени. „Новинари, овој пат дојдовме кај вас пред врата, а следниот пат ќе не' најдете во вашиот дом“, беше пораката што тогаш ја испратија од „Сектата на револуционери“.
„Некој сакал да замолчи многу добар новинар, кој со своите истражувачки стории ’стапна‘ на многу прсти“, изјави Панос Соболос, претседател на Здружението на новинари во Атина. Многумина новинари, политичари и граѓани го истакнаа својот револт поради убиството на Гиољас, дел од нив сомневајќи се дека станува збор за терористички акт. Гиољас долги години се занимаваше со истражувачко новинарство, до пред неколку години беше близок соработник на еден од најпознатите грчки новинари Макис Триандафилопулос. Ненадејно се одлучи да ги раздели патиштата со својот ментор Триандафилопулос и замина, како што кажа и самиот Макис во писмото со сочуство за Гиољас, во спротивниот табор на Темос Анастасијадис. Гиољас за време на ��оработката со Анастасијадис стана главен уредник на вестите на атинското радио Тема ФМ и уредник на еден од најпопуларните грчки информативни блогови „троктико.блогспот.ком“, кој се' до понеделникот попладне одбиваше позитивно да одговори на прашањето дали овој новинар е дел од нивниот тим.
Убиството на Гиољас е прво убиство на новинар по речиси 20 години во Грција. Последното убиство на новинар било забележано во средината на 1980-тите кога терористичката организација „17 Ноември“ извршила напад на еден конзервативен новинар и издавач. (М.П.) |