Фудбалски вести
Селекторот на Мексико со лизгачки „собра“ играч на Панама
Бившиот тренер на Атлетико Мадрид, сега селектор на Мексико Хавиер Агире направи нешто што никој пред него го нема направено. Имено, на натпреварот од Голд купот против Панама со високо подигната нога му „влезе“ на Филипс, кој се бореше за простор покрај аут линијата. Панамскиот репрезентативец во истиот момент ја заборави топката и тргна да се пресмета со Агире. И двајцата добија црвени картони, а селекторот е казнет со три меча забрана за водење на репрезентацијата. „Им се извинувам на мексиканските навивачи, на фудбалерите, новинарите, сите кои имаат некаква врска со репрезентацијата. Мојата постапка беше непромислена и глупава“, изјави Агире.
Фергусон во лов на новиот Роналдињо
Манчестер јунајтед повторно е во комуникација со бразилскиот Гремио во обид да го доведе 18 годишниот Даглас Кошта, кого го нарекуваат „нов Роналдињо“. Фергусон го смета Даглас за најперспективен талент во Јужна Америка, но Гремио бара виосока отштета од 20 милиони фунти. Во Јунајтед сметаат дека тоа е премногу и се подготвени во моментов да платат двојно помалку, а во договорот да вградат бројни бонус клаузули кои би зависеле од самиот играч, односно од неговиот успех. Даглас има 11 настапи за младата репрезентација на Бразил и има постигнато три гола.
Македа ограбен, пријателот во болница
Талентираниот напаѓач на Манчестер јунајтед е ограбен од две маскирани лица, кои во неговиот дом влегле со ножеви. Инцидентот се случил во раните утрински часови, кога Македа и неговиот пријател биле во домот. Не е познато колку пари ограбувачите однеле, но се знае дека Македа им го дал и неговиот часовник вреден 20.000 фунти. Неговиот пријател поминал многу полошо. Тој бил удрен со шише по глава и завршил во болница. Полицијата смета дека овој инцидент би можел да биде доведен во врска со оној што се случил неколку часа порано. Тогаш Македа заедно со пријателите се судрил со група луѓе во еден ноќен клуб. Македа со 16 година стигна во Јунајтед од Лацио, а минатата сезона со своите голови денесе важни победи.
Трезеге во Ливерпул или Сити
Некогашниот репрезентативец на Франција и напаѓач на Јувентус, Давид Трезеге, кариерата ќе ја продолжи во Премиерлигата. Најсериозни кандидати за услугите на Трезеге се Ливерпул и Манчестер Сити. Тоа го потврди и неговиот менаџер Антонио Калиендо, кој дополни дека во последен момент се вклучила и некоја екипа од Лондон. |