Ѓоргиоски: Подготвени сме за БАТЕ Борисов
Македонија Ѓ.П. попладнево (17 ч.) на Националната арена „Филип Втори“ ќе дебитира во ЛШ
Сашко Ѓ. Димовски
Македонија Ѓорче Петров попладнево (17 ч.) на Националната арена Филип Втори“ во Скопје ќе го има дебито во Лигата на шампионите (ЛШ), поточно, во квалификациските рунди во најеминентното европско клупско натпреварување. Ждрепката беше немилосрдна за ѓорчепетровци за нивната премиера во ЛШ. Ги спои со тимот на БАТЕ Борисов, ланската сензација од Белорусија, кој стигна до групната фаза во шампионската лига на УЕФА, а со слични амбиции белорускиот првак допатува во Скопје.
Тренерот на Македонија Ѓ.П., Илчо Ѓоргиоски, не сака да прави паралели меѓу БАТЕ Борисов и Динамо Минск, кој ја елиминира Ренова во Лига Европа, не сака да го споредува неговиот тим со прволигашот од Џепчиште, ниту пак сака да направо компарација на ланскиот и моментниот состав на неговата екипа. Го интересира единствено изданието на неговите фудбалери со екипата од белоруското гратче Борисов. Не сака да коментира што ќе биде успех за клубот од Ѓорче Петров само попладнево, за него успех ќе биде ако Македонија биде вкупен победник во двомечот со БАТЕ.
„Го знаеме рејтингот и реномето на противникот, знаеме со каков квалитет се соочуваме. Подготвени сме максимално да одговориме на предизвикот. На гости ни доаѓа одличен тим, тим со искуство, тим со квалитетни поединци, тим кој игра дисциплинирано. Мислам дека оваа сезона БАТЕ Борисов е посилен од лани, клубот има голем буџет, но мене лично не ме плаши противникот“, порача Ѓоргиоски.
Ѓоргиоски е задоволен од она што го доби како засилување со оглед на реалната состојба. Здравствената состојба во Македонија Ѓ.П. е одлична. На повреда изминатите денови се жалеше Васко Митрев, но Ѓоргиоски смета дека ќе го има на располагање попладнево. Признава дека има една до две дилеми за стартниот состав кои требаше да ги отстрани по вчерашниот последен тренинг во пресрет на натпреварот. Задоволен е од сработеното во периодот на подготовки и се надева дека неговите играчи ќе го спроведат на теренот она што ќе го договорат во соблекув��лната. Тој изрази задоволство и од новите играчи за кои вели дека добро се адаптираат и полека се вклопуваат во нашиот стил на игра иако во почетокот кај нив воочил недоволна физичка подготвеност.
„Ќе се обидеме да наметнеме наша филозофија и стил на игра. Немаме проблеми во делот на физичката подготвеност. Во тој дел добро ќе парираме. Во поглед на играчкиот дел имавме грешки кои ги решававме од ден во ден, од натпревар во натпревар. Ако ги спроведеме замислите ќе немаме проблем“, дополни Ѓоргиоски.
Мечот меѓу Македонија Ѓорче Петров и БАТЕ Борисов ќе започне во 17 часот. Фудбалерите на теренот ќе ги изведе судиска тројка од Данска на чело со Петер Расмусен на кого ќе му помагаат Мартин Вулф и Ларс Хумелгард.
Лига на шампиони, 2. квалификациско коло
Денеска играат: Македонија Ѓ.П. (Македонија) - БАТЕ Борисов (Белорусија), Пјуник (Ерменија) - Динамо Загреб (Хрватска), Стрејмур (Ф. Острови) - АПОЕЛ (Кипар), Екранес (Литванија) - Баку (Азербејџан), Рил (Велс) - Партизан (Србија).
Утре играат: Вентспилс (Летонија) - Диделанж (Луксембург), Интер Турку (Финска) - Шериф (Молдавија), ВИТ (Грузија) - Марибор (Словенија), Левски (Бугарија) - Сент Јулија (Андора), Макаби Хаифа (Израел) - Гленторан (С. Ирска), Дебрецин (Унгарија) - Калмар (Шведска), Тирана (Албанија) - Стабаек (Норвешка), Копенхаген (Данска) - Могрен (Црна Гора), Салцбург (Австрија) - Бохемијанс (Р. Ирска), Зрињски (БиХ) - Слован Братислава (Словачка), Висла (Полска) - Левадија (Естонија), Хафнарфјордур (Исланд) - Актобе (Казахстан).
|