Ставрев суди во Ирска, Мечкаровски во Норвешка
Македонските меѓународни судии се речиси „распродадени“ во првите кола во европските купови. Сите тројца интернационалци од нашата држава сае ангажирани.
Сезоната ја отвори Горан Спиркоски кој на 10 јули го судеше квалификациониот меч од Евро лигата меѓу Ветра (Литванија) и Гревен Махен од Луксембург (3:0). Му помагаа Ширилов и Негриевски, четврти судија беше Александар Ставрев.
На 16 јули во Норвешка средбата од квалификациите во Евро лигата меѓу домашниот Розенборг и Карабах од Азербејџан ќе ја води Димитар Мечкаровски, ќе му помагаат Кодовски и Милошевски, четврти судија ќе биде Горан Спиркоски.
Димитар Мечкаровски беше делегиран од УЕФА да суди и на Универзијадата во Белград која заврши во неделата. Тој беше главен судија на три натпревари: Чешка - Канада, Јапонија - Тајланд и Јужна Кореја - Франција.
На 12 август во Љубљана Мечкаровски ќе ја суди средбата од квалификациите за Светското првенство меѓу Словенија и Сан Марино. Помошници ќе бидат Кодовски и Милошевски, четврти судија Спиркоски.
Нашиот најдобар судија Александар Ставрев е делегиран да го суди натпреварот од квалификациите за Лигата на шампионите меѓу Бохемијан (Р. Ирска) и Салцбург (Австрија) што ќе се одигра на 22 јули во Даблин. Нему ќе му помагаат Крстевски и Кипровски, четврти судија е Мечкаровски.
Не е заборавен и единствениот контролор на листата на ФИФС од Македонија, Ангел Бунгуров. Тој ќе биде контролор на мечот од квалификациите за Евро лигата меѓу Јувена од Сан Марино и Полонија од Полска кој се игра на 16 јули во Сан Марино. (М. М.) |