Големо враќање на Чешка во Дејвис купот
Првиот чешки рекет Радек Степанек со инспиративна игра и' го донесе победничкиот поен на својата земја против Аргентина во четврт-финалето на Дејвис купот, совладувајќи го Хуан Монако со 7-6, 6-3, 6-2 во петтиот и решавачки меч во Острава. Пред тоа, петтиот светски рекет Хуан Мартин дел Потро израмни на 2:2 со победата над Томаш Бердих од 6-4, 6-4, 6-4.
Земајќи го предвид големиот влог во последниот меч, чешкиот капитен Јарослав Навратил реши да го замени Иво Минар со Степанек, и покрај проблемот со коленото на 21. на АТП-листата. Таа повреда го оддалечи Степанек од сингл-мечевите во петокот, но не му попречи да ја оправда довербата на селекторот, лесно излегувајќи на крај со Монако за рана елиминација на ланскиот финалист Аргентина.
„Ова е неверојатно“, беше првото што го изговори Степанек додека публиката со овации го прославуваше успехот. „Немав енергија за трошење, па се обидував да собирам поен по поен“.
Чесите, кои беа „прегазени“ од Аргентинците со максимални 5:0 во претходниот меѓусебен дуел во 2005 година, последен пат во полуфиналето играа во 1996 година. Единствената титула во Дејвис купот, пак, ја освоија во 1980 како дел од тогашна Чехословачка. В
Во полуфиналето во септември тие ќе се сретнат со Хрватска, која со 3:2 ги победи САД во Пореч. Јунак на Хрватите беше Марин Чилиќ, кој им донесе недостижно водство од 3:1 со победата над Џејмс Блејк од 6-3, 6-3, 4-6, 6-2.
„Ова е еден од моите најдобри мечеви во кариерата и мислам дека одиграв извонредно од почетокот до крајот“, изјави Чилиќ по триумфот над најуспешната нација со 32 освоени „салатари“, како што се нарекува трофејот во Дејвис купот. „Малку искомплицирав во третиот сет, кога нозете ми беа малку тешки и Блејк ја презеде иницијативата, но со голема поддршка од публиката успеав да си ја вратам силата“.
Победа од 3:2 извојува и Шпанија против Германија. Во отсуство на Рафаел Надал, херој на беше Хуан Карлос Фереро, кој од селекторот Алберт Коста доби предност пред Томи Робредо во петтиот меч, а тој врати со победа над Андреас Бек од 6-4, 6-4, 6-4. Последна пречка на „црвената фурија“ кон уште едно финале ќе биде најпријатното изненадување Израел, која во Тел Авив ја елиминира Русија со 3:2. |