Изложба со многу емоции на Петр Стојановски
Уредникот на фотографија во „Утрински весник“ ја постави првата изложба на фудбалска фотографија
Сашко Ѓ. Димовски
И да врне и да вее и бура на коси поштар пошта носи. Тоа е старата фраза за поштенските работници кои вредно, чесно и одговорно си ја вршат својата работа. Таа важи за нашиот ур��дник на фотографија, Петр Стојановски. Не може да се промаши на фудбалските терени или сали низ Македонија. За него нема временски неприлики, болест, кај него нема не можам, кај него има одам и само одам. Го има секаде, плени со својата посредност, комуникативност и смисла за хумор. Брзо и лесно е воочлив е уште при самото влегување во спортските арени, главен белег за негово препознавање е фризурата ала Пјерлуиџи Колина, познатиот италијански фудбалски судија. Работата за која вели дека ја сака, го исполнува и му донела многу пријатели во животот, ја работи веќе 11 години во „Утрински весник“ и не планира да го обеси фотоапаратот на ѕид, барем не засега. Во архивата што ја одржува и постојано ја збогатува, за која вели дека е горд, се овековечени најважните спортски настани во македонскиот спорт, радосни и тажни, било да се репрезентативни или клупски и тоа во сите спортови.
Во Музејот на град Скопје во понеделникот, со поддршка на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), ја постави својата втора изложба во кариерата како фоторепортер (првата ја имаше во 2004 година во културниот центар „Точка“ со фотографии исклучиво со навивачки групи). Изложени се околу 60 дигитални фотографии од моменти во мечевите од домашното фудбалско првенство и партии на националниот тим од 2005 година наваму.
Задоволен е од сработеното, задоволство од неговите дела изразија и сите оние што го испочитуваа и беа присутни на отворањето. Го почестија и комплетните фудбалски репрезентативци на „А“ тимот, кои по гостувањето во Братислава и пред дуелот со Ерменија не ја пропуштија можноста да го поздрават, а некои од нив и да се видат врамени и застаклени при дуелите фатени со објективот и соколовото око на Стојановски. Заедно со нив беа и младинците пред заминување за Португалија, меѓутоа и мноштво претставници на ФФМ, колегите со ��ои го минува најголемиот дел од работниот ден од „Утрински весник“, но и од останатите медиуми.
Стојановски има архивирано и стотици фотографии со спортски моменти на нашите клубови и национални селекции на гостувањата во странство од „Олимпико“ во Рим, „Фелтинс“ арена во Гелзенкирхен (мечеви на Вардар), потоа Загреб, Белград итн.
Изложбата во Музејот на град Скопје може да се види до 12 септември и сигурно вреди да се одвои дел од времето за да се погледнат делата на Стојановски. |