Станислав Вавринка го шокира Енди Мари
Станислав Вавринка и Саманта Стосур се најголеми победници на седмиот ден на УС-опен, кој вистински возбудувања приреди во вечерните часови.
Швајцарецот Вавринка по пресврт шокира еден од најголемите фаворити за титулата во Њујорк, Енди Мари со 6:7 (3), 7:6 (4), 6:3, 6:4. Четвртиот носител после партија со многу грешки ја доживеа најраната елиминација на Гренд-слем турнирите по 2008 година.
Шкотот сервираше за 2:0 во сетови, но го растрои повредата на мускулот, што му помогна на Вавринка да се врати во мечот. И тој имаше проблеми со повреда, но подобро се снајде, продолжи со агресивна игра и запиша вреден триумф по речиси четири часа игра, и тоа на својот 25. роденден за четврта победа во 9. дуел против Шкотот. Велика Британија на Гренд-слем титула чека од 1936 година, ќе чека и понатаму, а Вавринка во осминафиналето оди на домашниот адут Сем Квери кој со 6:3, 6:4 и 6:4 го совлада Шпанецот Николас Алмагро.
„Немам поим дали ќе освојам некој Гренд-слем. Тоа го посакувам многу силно, но и ако не успеам што тогаш? Давам се' од себе, физички најмногу работам, тренирам најмногу, тоа е се' што можам. Во третиот и во четвртиот сет физички се мачев и тоа ме фрустрираше“, изјави Мари.
Четири часа играа и Михаил Јужни и Џон Изнер, а по победата на Русинот од 6:4, 6:7 (7), 7:6 (5) и 6:4, домашната публика остана без уште еден миленик, па сега, во машка конкуренција сите надежи се полага на Сем Квери и на Марди Фиш.
Шпанците можат да бидат многу задоволни о�� турнирот и од седмиот негов ден. Шестмина се во осминафиналето, петмина од горниот дел на ждрепката тоа го обезбедија во неделата, а еден сигурно ќе биде во полуфиналето, со оглед дека во горниот дел се само Шпанци.
Тој најдобриот, воедно и првиот светски рекет Рафаел Надал, го совлада Французинот Жил Симон со 6:4, 6:4 и 6:2 за два часа игра. УС-опен е единствен Гренд-слем кој му недостасува на Надал во неговата богата колекција. Надал лесно и уверливо го совлада Симон, така што и натаму е без загубен сет на турнирот, но треба да се истакне дека се' уште не загубил гем на свој сервис!. Во осминафиналето Надал го чека својот сонародник Фелисијано Лопез, кому Украинецот Сергеј Стаковски му го предаде мечот при резултат 6:3, 4:0 поради инфекција на ножниот прст. Двајцата шпански левучари досега играле седум пати, а Лопез славеше во првиот меч кој се одигра во 2003 година во Базел, како и во последниот, оваа година во лондонскиот Квинс клуб.
„Мене ми е драго што можам да играм против Надал. Тоа е и причината поради која играте тенис, да дојдете во најголемата арена и да се борите против најдобриот светски играч Јасно, Рафа е сјаен играч, тоа сите го знаеме, но доколку одиграм добро и агресивно во текот на целиот меч, имам шанси. Секако, тоа против Надал ќе биде исклучително тешко да се постигне“, најави Лопез.
Уште еден шпански левучар, Фернандо Вердаско, славеше против Аргентинецот Давид Налбандијан со 6:2, 3:6, 6:3, 6:2.
Возбудлив меч одиграа Саманта Стосур и Русинката Елена Дементиева, а во трилерот подобра беше Австралијката по големиот пресврт во мечот - 6:3, 2:6, 7:6 (2).
Стосур комплетно испадна од мечот во вториот сет, а кога го претрпе и петтиот врзан брејк за 0:3 во третиот сет се чинеше дека нејзината приказна во Њујорк е завршена. Деметиева стигна до 5:3, но нејзината ривалка спаси меч-топка, потоа уште три на свој сервис, а сјајниот тенис мечот го однесе во тај-брејк во кој попрецизна беше Саманта Стосур. Австралијката во осминафиналето ќе игра против Белгијката Ким Клајстерс, победничка на овој турнир во 2005 година, која до 18. победа во серија во Њујорк стигна за 59. минути игра. Толку и требаа за победа над Србинката Ана Ивановиќ од 6:2 и 6:1.
Резултати, 3. коло, тенисери: Надал (1) - Симон 6:4, 6:4, 6:2, Лопез (23) - Стаковски 6:3, 4:0 (Стаковски предаде), Ферер (10) - Гимено Травер 7:6, 6:2, 6:2, Вердаско (8) - Налбандијан (31) 6:2, 3:6, 6:3, 6:2, Вавринка (25) - Мари (4) 6:7, 7:6, 6:3, 6:3, Квери (20) - Алмагро (14) 6:3, 6:4, 6:4, Јужни (12) - Изнер (18) 6:4, 6:7, 7:6, 6:4, Робредо - Лодра 3:6, 7:6, 6:4, 2:1 (Лодра предаде).
Тенисерки, осминафинале: Скијавоне (6) - Пављученкова (20) 6:3, 6:0, В. Вилијамс (3) - Пер (16) 7:6, 6:3, Стосур (5) - Дементиева (12) 6:3, 2:6, 7:6, Клајстерс (2) - Ивановиќ 6:2, 6:1. |