ММФ: Aзиската економија во 2015 ќе ги достигне САД и Европа
Вашингтон - ММФ прогнозира дека во наредните години Азија ќе доживее огромен економски раст, па до 2015 година со својата стопанска моќ таа ќе ги достигне економиите на САД и на Европа.
Според најновите прогнозите на Азиската развојна банка, економскиот раст на регионот оваа година ќе изнесува 7,9 проценти. Во своите априлски анализи банката предвидуваше раст од 7,5 проценти.
Доколку продолжи ваквиот тренд, според аналитичарите од ММФ, азиската економија во следните пет години ќе зајакне за 50 проценти во споредба со сегашното ниво, остварувајќи повеќе од една третина од глобалниот бруто- производ, па по својот обем ќе може да се споредува со економиите на САД и на Европа.
Азија во моментов е на водечка позиција во однос на глобалното економско закрепнување, при што прометот со акции на азиските берзи е поголем од оној во западните индустриски развиени земји.
Трговијата и инвестициите меѓу азиските земји бележи значителен пораст во однос на трговската размена меѓу државите од Азија и останатиот свет, што укажува дека азиската економија станува се' понезависна.
Таквиот тренд, според ММФ, нема да претставува краткорочна појава, туку станува збор за долгорочна промена, која укажува на зголеменото значење на интеграцијата на регионалните пазари.
Меѓународниот монетарен фонд, исто така предупреди дека голем број од богатите земји се доближуваат до границата на задолженост, што може да предизвика паника на пазарите.
ММФ додава дека не постои опасност за државен банкрот поради брзорастечките долгови на земјите.
Во три извештаи ММФ ја оценува задолженоста на 23 економии, при што се потенцира дека Грција, Италија, Португалија и Јапонија се во опасност да останат без простор за финансиско маневрирање. Во втората група земји на кои им се заканува банкрот се САД, Велика Британија, Шпанија, Исланд и Ирска. Земјите што имаат најголема можност за финансиско маневрирање и да се справат со новите закани за светската економија се Австралија, Данска, Јужна Кореја, Нов Зеланд и Норвешка. (Ек.Р.) |