Русија малку ја подотвори вратата за извоз на жито
Русија делумно го укина привременото ембарго з�� извоз на жито, воведено во август, овозможувајќи извоз во специјални случаи, како што е хуманитарна помош, или како средства наменети за справување со несреќи и елементарни непогоди, објави владата.
Забраната нема да влијае на извозот потребен за исполнување на голем број меѓународни и цивилни договори на Русија, вклучувајќи го извозот на житни производи за хуманитарна помош, пренесе „Бгнес“.
Како што е познато, ова лето сушата уништи една четвртина од руската жетва, а премиерот Владимир Путин потпиша декрет во почетокот на август, со кој се воведуваше забрана за извоз на жито од 15 август до 31 декември. Подоцна Путин појасни дека владата може и да го продолжи ембаргото и по тој датум.
Ваквата состојба со недостиг од пченица веднаш ја поскапе храната низ светот. Организацијата за храна и земјоделство на ОН, ФАО соопшти дека цените на храна во август се зголемени на глобално ниво за пет проценти, како резултат на сушата во Русија и на големите поплави во Пакистан, кои резултираа со намалување на приносите на пченица и на други житни култури. Во извештајот на ФАО, сепак, се потенцира дека овие цени се речиси 40 проценти пониски од нивните рекордни нивоа достигнати за време на глобалната економска криза во 2008 година.
Поради сушата во Русија и поплавите во Пакистан, ФАО ги намали прогнозите за овогодишните приноси на житните култури, нагласувајќи дека цените ќе продолжат да растат, доколку потрошувачката на храна остане непроменета или се зголеми. (Ек.Р.)
|