Се' поголем прашалник за каргото во Штип
ТАВ треба да почне со инвестицијата на 1 март, дали власта дотогаш ќе ги заврши неопходните работи?
Маја Томиќ Иван Бојаџиски
Дали ќе се пролонгира изградбата на карго-аеродромот во Штип, чиј почеток требаше да биде во март годинава? Според владини информации што деновиве беа пренесени на два медиума, ќе се одложи оваа инвестиција на турската компанија ТАВ, и тоа за најмалку две години. И Зоран Алексов, градоначалник на Штип, според медиумите, потврдил дека се одложува изградбата на карго-аеродромот.
Причина за тоа било што инвестицијата не можела да почне без претходните градежни активности од наша страна, кои не биле се' уште завршени. Дополнително бил потребен и елаборат за движењето на ветровите во штипскиот регион што треба да покаже дали небото над Штип ги исполнува условите за функционирање на аеродромот или не, односно на неговата писта. Без овој елаборат, ризикот за инвеститорот би бил голем.
Според неодамнешното интервју на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески за една домашна телевизија, ТАВ во март годинава ќе ја почнел инвестицијата во реконструкција и доизградба на двата аеродрома, скопскиот „Александар Велики“ и охридскиот „Свети Апостол Павле“, како и за карго- аеродромот во Штип. Тој додаде и дека вложувањата во инфраструктурата, градежништвото и концесиите на патиштата се приоритетните проекти за 2010 година и иако оваа година ќе биде тешка и исполнета со предизвици, ТАВ ќе започнел со својата најавена инвестиција.
Дали се точни објавените информации дека се одложува изградбата на карго- аеродромот, од Министерството за транспорт и врски вчера не можеше да се обезбеди никаква официјална изјава поради недостапност на одговорните во тој ресор.
Штипскиот градоначалникот Алексов за „Утрински“ изјави дека општините немаат никакви ингеренции по прашањето за карго-аеродромот, бидејки таа инвестиција е во надлежност на Министерството за транспорт и врски. „За ТВ-медиумите на прашањето дали карго-аеродромот ќе започне да се гради од 1 март годинава, одговорив дека сметам оти март поради студеното време не е погоден за почеток на градба и дека почетокот може да се очекува во април или мај. Иако како општина немаме ингеренции, ние не можеме да останеме настрана од процесите што се одвиваат околу оваа голема инвестиција, бидејки таа ќе биде на наш терен, како и на Општина Свети Николе. Турски ТАВ има потпишано договор со Министерството за транспорт и врски за изградба на карго-аеродромот и согласно со овој договор, изградбата треба да започне оваа пролет. За се' друго одговорите треба да се побараат во ова министерство и кај турската компанија“, изјави Алексов.
Инаку, договорот за концесија треба да стапи во сила во утврдениот рок, 1 март 2010 година. Оваа турска инвестиција треба да тежи околу 200 милиони евра, од кои околу 60 милиони евра ќе бидат за штипскиот аеродром. Пред околу еден месец турски ТАВ доби заем од десет милиони евра од ИК банка, поддржана од нејзиниот холандски сопственик Демир халк банка, која е со мнозински турски капитал.
За модернизација на македонските аеродроми, која треба да трае 2 години, ТАВ веќе побара поволни кредити од 125 милиони евра од меѓународните финансиски институции. Од Европската банка за обнова и развој очекува 45 милиони евра и уште 80 милиони од Европската инвестициска банка.
Според изјавата од канцеларијата на ЕБОР во Лондон дадена за „Утрински весник“, ТАВ и Владата ги разгледуваат деталите на проектот за реконструкција на аеродромите. „ЕБОР разговара со сите страни за да се изнајде решение кое е согласно со полисите на ЕБОР, како и со целите и барањата на државата“, се вели во писмената изјава.
Владата неколку пати повтори дека веќе нема да се прават никакви отстапки и дека доколку се пробие први март како рок, Македонија ќе ја ефектуира гаранцијата од шест милиони евра, што ја депонирала компанијата ТАВ.
Според неодамнешната изјава на генералниот менаџер на ТАВ, Сани Шенер, дадена пред неколку месеци за еден наш електронски медиум, ако не се најдат кредити од меѓународните институции, ТАВ со сопствени средства целосно ќе ги модернизира македонските аеродроми, како што е договорено.
Инаку, ТАВ треба да ги добие трите аеродроми на концесија со времетраење од 30 години. |