Нема пари за отштета на британските штедачи
Лондон - Исландскиот претседател Олафур Рагнар Гримсон одби да го потпише законот за отштета на британските и холандските штедачи, чии влогови пропаднаа со крахот на банката Ландсбанки од Исланд, погодена од кредитниот удар во октомври 2008 година, јави Би-Би-Си. Со овој, според Исланѓаните контроверзен закон, островската држава во северен Атлантик треба на Велика Британија и на Холандија да им исплати пет млијарди долари, во следните десет години, чии влади веќе ја компензираа загубата на нивните граѓани, кои своите заштеди ги чувале во исландската Интернет-банка Ајсејв, која до пропаѓањето работеше како филијала на „Ландсбанки“. Законот на владата на Исланд за исплата на отштета на Британците и Холанѓаните помина во парламентот во Рејкјавик, со само три гласа повеќе, но и потоа беше жестоко критикуван од опозицијата и од јавноста во земјата. Околу една чтвртина од жителите на оваа држава потпишаа петиција за блокирање на законот, инсистирајќи на тоа дека жителите на островот не се должни да го покриваат лошото работење на банките. Претседателот на Исланд сега предлага наместо закон, граѓаните да се изјаснат на референдум. Владата во Рејкјавиќ го донесе законот под притисок на ветото од владите во Лондон и Хаг по барањето на Исланд за приклучување на земјата во ЕУ. Британската и холандската влада се заканија со блокирање на приклучувањето на земјата во ЕУ доколку претходно таа не обезбеди исплата на отштета за штедачите од Британија и Холандија. (МИА)
|