Во Грција повисоки акцизи за алкохол и за цигари
Атина - Грчката влада размислува за зголемување на акцизите на алкохолот и на цигарите во текот на оваа година, кои би можеле да достигнат и до 20 проценти.
Како што тврди грчкиот весник „Та неа“, ваквото зголемување на акцизите што би било двојно поголемо од планираните 10 отсто со буџетот за 2010 година, е во рамките на напорите на владата во Атина за намалување на буџетскиот дефицит во согласност со барањата на Брисел.
Весникот, повикувајќи се на неименувани извори во економскиот тим на владата, тврди дека ваквото драстично зголемување на акцизите би помогнало во намалувањето на дефицитот за дополнителни 0,4 проценти, односно за околу милијарда евра.
Со тоа буџетскиот дефицит на Грција за 2010 година би се намалил на 8,7 проценти од домашниот бруто-производ (БДП), наместо првично планираните 9,1 отсто, наведува „Та неа“.
Според весникот, ваквите поамбициозни мерки за намалување на буџетскиот дефицит ќе бидат преземени под притисок на ЕУ и на меѓународните кредитни агенции, кои во текот на декември го намалија кредитниот рејтинг на Грција. (МИА) |