Ставрески го прозва Гошев, банките пресметуваат
За власта, доколку основната стапка порано се спуштела, позитивно ќе се одразела и врз стопанството и врз БДП
Соња Маџовска
Министерот за финансии, Зоран Ставрески, вчера отворено го прозва гувернерот на Народна банка на Македонија, Петар Гошев, дека задоцнил со спуштањето на основната камата. Сепак, најновиот потег на централната банка тој го оцени како охрабрувачки, нагласувајќи дека му е драго што оваа институција ги согледала подобрувањата во реалниот сектор и перспективите на македонската економија.
„Доколку референтната каматна стапка беше спуштена порано, и ефектот за стопанството и за граѓаните ќе беше поголем“, изјави вчера Ставрески. Според процените на првиот финансиер, и падот на БДП за 2009 година ќе бил помал за половина процентен поен доколку навреме се реагирало со намалувањето на каматната стапка. „Сметам дека до крајот на 2010 година би можеле да се приближиме на нивото што беше пред кризата и тоа би било оптимално ниво за каматите, додека во 2011 година би можело постепено да продолжи намалувањето на каматните стапки кон нивото на европските каматни стапки“, истакна Ставрески.
Банкарите, пак, барем првите луѓе на банките, се' уште се на зимски распуст и не ја слушнаа веста дека Народна банка на Македонија ја намали основната камата за половина процентен поен. Сепак, иако честитката од гувернерот не ја прочитаа изворно, најавуваат дека многу брзо, уште деновиве, ќе направат пресметки за пониски камати за банкарските заеми.
Централната банка во понеделникот ги изненади сите со експресното, второ намалување на каматата на благајничките записи, која сега изнесува 8 отсто. НБМ на крајот од ноември минатата година ја намали основната камата од 9 на 8,5 проценти.
Симнувањето на референтната каматна стапка за еден отсто не е нагло олабавување на монетарната политика, но тоа е добро, бидејќи, во спротивно, појакиот пад на каматите може да предизвика контраефект, коментираат експертите.
Со ова гувернерот Гошев ја исполни желбата и на Владата и на стопанствениците да ја релаксира монетарната политика, која една година се држеше под мраз.
Дел од банкарите, кои, сепак, останале во Скопје порачаа дека ќе ги поевтинат кредитите и тоа брзо. „Соодветно ќе реагираме на намалувањето на референтната каматна стапка на НБМ и ќе ги намалиме каматите за кредитите од 0,5 до 1 процентен поен. Брзо ќе реагираме, веднаш деновиве ќе ги коригираме каматните стапки. Ова намалување најмногу ќе го почувствуваат фирмите, бидејќи износите за кои се задолжени тие се далеку поголеми и намалувањето веднаш ќе им се одрази на ратата за исплата на кредитот“, вели Јованка Јолеска-Поповска, генерална директорка на Прокредит банка.
Кредитите веќе ги поевтини Комерцијална банка од 0,5 до 1 процент, непосредно пред Нова година. Дали ќе има ново поевтинување, од оваа банка ќе соопштат по празниците. И од Стопанска банка првичните очекувања се дека ќе има намалување на каматите.
Според експертите, централната банка соодветно реагирала со тоа што постепено ја намалува основната каматна стапка.
„Потегот на НБМ нема да се одрази значајно врз каматите на кредитите. Тие ќе реагираат на овој сигнал, но со благо намалување на банкарските камати. Се' уште побарувачката за кредити е огромна, зошто тогаш банките подрастично би ги спуштале каматите. Монополизираноста на банкарскиот сектор кај нас, која се' уште е висока, го дозволува тоа. Не треба да се биде голем оптимист за падот на каматите. Тоа би било повеќе опортунистички потег на банките отколку реакција базирана врз фундаментални фактори“, смета професорот Мирољуб Шукаров.
Според него, овие сигнали на кои се потпира НБМ, се темелат врз информации дека светската економија заздравува и дека тоа брзо ќе се одрази и врз домашната економија. „Ама тоа не е баш така. Од светот доаѓаат различни сигнали. Американската економија е живната, ама тоа не се одразува врз стапката на раст и на намалување на невработеноста. И германската канцеларка Ангела Меркел порача дека годинава може да биде потешка од лани. Ова покажува дека може да се очекува уште едно изненадување во светот, со повторен пад на економиите што ќе ги врати песимистичките сценарија“ вели Шукаров. |