ТВ-серија
„Кога лисјата паѓаат“ продолжува на Алсат М
Али Риза, неговата сопруга Хајрие, ќерките Фикрет, Неџла, Лејла, Ајше, единствениот син во семејството Шефкет, Ферхунде, Огуз, Митхат... и останатата актерска екипа одново се враќаат на домашните ТВ-екрани. Новите епизоди од мегапопуларната турска серија, правена според истоимениот роман на турскиот белетрист и драматург Решат Нури, ќе почнат да се прикажуваат на телевизија Алсат М од 12 септември, во секој работен ден од 19,50 часот. Секоја епизода ќе трае по еден час, а вкупно се откупени 28 часа, досега неемитувани епизоди од последната сезона на серијата, информираат од телевизијата.
Пред официјалниот старт на последните епизоди од „Кога лисјата паѓаат“, во кои ќе се ра��реши дилемата дали и како ќе умре Али Риза, од Алсат М најавуваат и кратко потсетување за гледачите со емитување на последните пет епизоди, кои беа прикажани на А1 телевизија. Патем, новите епизоди ќе емитуваат со превод на албански јазик.
Како што неофицијално дознаваме, во тек се преговори и со уште една македонска телевизија на која ќе се емитуваат продолженијата на популарната серија, но со синхронизација на македонски јазик. Со оглед на тоа дека преговорите се во тек, името на телевизијата се' уште се држи во тајност, додека официјална најава ќе следува во наредниов период.
Што се однесува до Алсат М, од телевизијата најавуваат емитување на уште една серија - „Солзи на есента“, која ќе се прикажува во секој работен ден по завршувањето на „Кога лисјата паѓаат“. Во секој случај, не' очекува жешка сапунска есен. (К.Ш.) |