Рамковниот не ги отвори вратите за сите
Од 719 институции, во повеќе од 500 нема вработено ниту еден Бошњак и Ром, во повеќе од 400 нема ниту еден Влав, Турчин или Србин
Жаклина Ѓорѓевиќ
Се претерува ли со нови вработувања по етничка линија, согласно со Охридскиот рамковен договор. Поминаа десет години од Договорот што предвидува правична застапеност на заедниците во сите централни и локални јави тела, а се' уште не стивнуваат критиките дека со овој принцип се фаворизира исклучиво албанската за сметка на другите етнички заедници. Дури и во извештаите на институциите што го следат спроведувањето на Договорот се констатира запоставување на помалите етнички заедници, кои јавно го изразија своето негодување во врска со ова прашање.
И од странците стигнаа критики дека јавната администрација се пумпа само за да се испочитува правичната застапеност, што не е добро, бидејќи би требало да има отворен натпревар меѓу сите кандидати на огласите. Нивните забелешки се дека најмногу оштетени со вработувањата се Ромите и Турците, иако забелешки има и од другите помали заедници.
Бројките кажуваат дека во повеќето институции најмногу е зголемен процентот на нововработените припадници од албанската етничка заедница. Од околу четири проценти Албанци во јавниот сектор до 2001 година, сега овој бројката е 17,2 отсто, велат во канцеларијата на народниот правобранител, кој ги следи вработувањата според правичната застапеност. Зголемувањето на бројката на нововработени од албанската заедница ја потврди и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред извесно време.
„Не може да се каже дека не е напреднат или изменет политичко-правниот статус на Албанците. Во оваа земја до 2001 година имаше 170 полицајци. Денес тој број е приближно 3.000. Повеќе од 20 илјади Албанци досега се вработени во јавните институции врз основа на Рамковниот договор“.
Ахмети го оценува Охридскиот договор како „еден од најважните документи и скапоцености во историјата на албанскиот народ, што предвидува еднаквост и гарантира суверенитет на албанската нација“.
Во последниот извештај на Европската комисија за 2010 година се потенцира: „Застапеноста на помалите заедници, особено турската и ромската, во државната администрација се' уште останува мала. Продолжи практиката на вработување голем број државни службеници од немнозинските заедници без оглед на потребите на јавната администрација. Наводно, некои од овие државни службеници не успеале да ги исполнат критериумите за избор, додека на други не им биле обезбедени канцеларии и опрема“. Во него се наведува и дека Агенцијата за заштита на правата на заедниците претставени со помалку од 20 отсто од населението се' уште не е функционална и дека во отсуство на јасни надлежности и буџет не презела иницијатива да ги брани интересите на помалите заедници.
Во 2005, на пример, како што се наведува во тогашниот извештај на правобранителот добиен од информациите од институциите, процентот на Албанците вработени во јавниот сектор изнесувал 7,42 отсто, додека кај другите заедници се движел околу еден процент. Сега бројките кажуваат дека кај Албанците е зголемен процентот, во споредба помалите заедници, каде што застапеноста се движи околу еден или нешто над еден процент.
Во најновиот извештај на Народниот правобранител за 2010 година се констатира дека „се' уште не е постигнато потребното ниво на застапеност, особено кај припадниците на помалите етнички заедници, иако постои напредок во спроведувањето на начелото на соодветна и правична застапеност. Од друга страна, ова начело не се применува доследно кај раководните работни места“. Во извештајот се препорачува доследно почитување и имплементација на принципот на соодветна и правична застапеност на припадниците на сите заедници, особено од страна на јавните претпријатија и кај раководниот кадар во органите на државната управа.
Сепак, извештајот на оваа институција не содржи целосни бројки од сите институции. Од 719 институции (од вкупно 816) кои доставиле информации, во 567 од нив нема вработено ниту еден Бошњак, во 506 ниту еден Ром, во 497 ниту еден Влав, во 457 ниту еден Турчин, додека во 418 нема ниту еден Србин, во 335 ниту еден Албанец, а во 20 ниту еден Македонец.
„Нашите извештаи покажуваат дека застапеноста на припадниците на заедниците во јавниот сектор во контунитет бележи пораст. Сепак, има и бројни јавни институции што воопшто не го почитуваат овој принцип. Овде, пред се' станува збор за јавните претпријатија и другите институции од сферата на културата, образованието и локалните власти“ вели Мемети.
Тој е убеден дека целта на овој принцип не е да се достигне само процентот, туку многу повеќе од тоа. „Основната цел на востановувањето на овој принцип беше и е интегрирањето на сите заедници во општеството. Сметам дека има потреба имплементирањето на овој принцип да не се прави само за да се натрупаат бројки, бидејќи така нема да ја постигнеме посакуваната цел“ вели тој.
Универзитетскиот професор, Јове Кекеновски смета дека при вработувањата според Рамковниот договор не се води сметка за компетентноста. „Во договорот е кажано дека треба да се запази пропорационалната застапеност на етничките заедници во јавната администрација, водејќи сметка за стручноста и компетентноста. Но, не се в��ди сметка за тоа. Ни се случува да имаме некомпетентна и трома администрација. Од една страна, пренатрупување со вишок вработени, а од друга, се нарушува рамноправноста, слободата и правото на работа. И сега што се случува? Работното место е загарантирано за припадник на етничка заедница, иако некој друг е покомпетентен. Тоа секако мултиплицира повеќе негативности и се одразува на ефикасноста на јавната администрација“ смета тој.
„Голем број вработени лица седат дома земаат плата само за да се постигне бројката. Никој не вели да не бидат сите пропорционално застапени, но да не се фаворизира една етничка заедница на сметка на другите. Во одредени инстутиции, како министерствата за локална самоуправа и за економија не се води сметка за пропорциналата застапеност туку само буткај да има повеќе. Што ќе правиме кога ќе ја надминеме бројката, дали значи дека треба да ги бркаме?“ прашува тој.
Кекеновски тврди дека партиите го толкуваат Рамковниот како што сакаат и со тоа го злоупотребуваат. „Нека бидат мажи големите политичари, па нека побараат автентично толување и за ова како што побараа за Законот за амнестија“ изјави Кекеновски.
Пратеникот на Партијата за европска иднина, Мевмед Џемајлоски, вели дека неговата заедница, Торбешите, не се воопшто опфатени со Охридскиот договор, иако според нивните сознанија во земјава има околу 100 илјади торбеши. „Досегашното спроведување на Рамовниот договор не ги третира овие луѓе, туку тие постојано се притискани економски да се изјаснат како Македонци за да добијат бенефиции, или пак, Албанци, од трета страна Турци и веќе не знаат кај се и кои се“, потенцира Џемајлоски. (Ж.Ѓ.) |