Пет минути интервју
Не ги кријам годините
Билјана Беличанец-Алексиќ - актерка
Валентина Тодоровска
Неодамна славеше роденден. Ќе те прашам за годините, за жените што ја „забораваат“ годината на раѓањето? Како стоиш со тоа прашање?
„Лично немам проблем со годините, ги имам сега веќе 38 и не гледам зошто би ги криела. Со досегашното мое животно искуство, можам само да кажам дека секоја доба си има своја убавина. Се трудам гордо да си ги носам. Важно е само едно - детето во себе некаде по пат да не се загуби. Сепак, тоа е она што ги негува духот и ведрината на една личност“.
Има ли повеќе живот, енергија во лето? Романтика, страст? Плажа, сонце, слободно време, препуштање...
„Мене лично л��тото ништо посебно не ми значи. Период како и сите други годишни времиња. Признавам, ме нервира горештината, не сум некој љубител на плажи, сончање и капење. Сега во него наоѓам една добра страна, зашто децата ми се слободни, па времето го врвам со нив. А да, се радувам на овошјето и зеленчукот што ги има во изобилство“.
Кои се одморите што ги паметиш?
„Секако дека ги паметам детските одмори од некое друго време. Нам ни беше овозможено од мали да одиме организирано и на море, и на езеро и на планина со деца. Тоа имаше некоја посебна убавина, она што го нема сега за нашите деца. Потоа, одморите како девојка, која знаеше и сама да замине 10-15 дена на одмор, а таму никого да толерира, туку да си ги исполнува само сопствените желби и потреби. И сега, секако, се овие фамилијарните што имаат основен предзнак, а тоа е како на црвците да им биде поубаво - позабавно“.
Ти недостасува ли работата во лето? Вие актерите сте привилегирани по тоа прашање. Имаш ли некакви планови за есен?
„Се случувале долги и работливи жешки лета, во подготовки и премиери на претстави по фестивали низ Македонија. Тоа кај нас никогаш не се знае. Но, оваа година, ете ми се погоди да не сум ангажирана. Секако, морам да споменам дека некаде до средината на јуни интензивно течеа подготовките на новата ’Грев или шприцер‘, стасавме до една фаза, за веќе во септември да финансираме и да се случи премиера и отворање на новата театарска сезона“. |