Симон Трпчески и актерската легенда Џереми Ајронс на иста сцена
Македонскиот пијанист и британскиот оскаровец ја раскажаа приказната за Шопен и Жорж Санд во рамки на фестивалот „Тосканско сонце“ во Италија
Во Кортона, Италија, прексиноќа беше спуштена завесата на годинашното издание на фестивалот „Тосканско сонце“, што се одржа под мотото „Уметноста на живеењето“. Во рамките на годинашната деветдневна програма, со свои перформанси и концерти настапија ѕвезди од калибарот на актерката Грета Скаки, виолинистот Пинчас Цукерман, гитаристот Милош Карадаглиќ, пијанистката Марта Аргерич, како и македонскиот пијанист Симон Трпчески.
И додека минатата година централно место во програмата на фестивалот имал проектот на попула��ниот пејач Стинг (екс „Полис“), кој настапил со својата сопруга Труди Стајлер, овој пат такво внимание предизвикала премиерата на проектот под наслов „Заведување, чад и музика: љубовната приказна на Шопен и Жорж Санд“ од Џејмс Мело, во режија на Доналд Т. Сендерс, а во чија изведба ликот на музичарот Шопен зад пијаното го интерпретирал нашиот пијанист Симон Трпчески. Човекот и љубовникот Шопен, пак, на сцената го донел легендарниот британски актер, оскаровецот Џереми Ајронс. Во екипата на сцената биле и сопругата на Ајронс, ирската актерка Шинејд Кјузак како Жорж Санд (која ја заменила претходно најавената Шерон Стоун), виолончелистката Нина Котова и балетските играчи Ирина Дворовенко и Максим Белосерковски. Овој своевиден театарски концерт бил инспириран од врската на двајцата современици, пијанистот и композиторот Фредерик Шопен и писателката Жорж Санд и се базира врз писмата што тие ги разменувале низ годините, на сведоштвата на нивните пријатели, како и друг вид документарен материјал.
Со денови однапред распродадениот театар „Сињорели“, со својата одлична акустика бил вистински избор за доживување што ќе се памети. Овациите од публиката на крајот од изведбата и извиците „браво“ за нашиот пијанист биле доволна потврда дека изборот на носителот на музичката интерпретација на вонвременскиот опус на Шопен е вистинскиот. Тоа, впрочем, одговарајќи на прашањето на новинарот на Македонското радио го потврдува и самиот Џереми Ајронс: „Како актери мораме да се концентрираме на времето и умот на карактерот. Но, за мене, штом Симон ги отсвире првите три ноти, јас веќе бев таму. Така, тој во голем дел ја заврши и мојата работа“.
Симон Трпчески, пак, ќе изјави: „Овој проект, освен што за мене, дефинитивно, е значаен, беше и многу интересен. Ме врати во детството со својот необичен спој на музиката со прозата која има поетски примеси и балет. Навистина со години не сум учествувал во вака несекојдневен проект, чија огромна димензија е збогатена со фактот што добив понуда да соработувам со легенда каква што е Џереми Ајронс. Драго ми е што проектот помина прекрасно и се надевам дека успехот на фестивалот ’Тосканско сонце‘ ќе понуди можност оваа продукција да помине уште неколку изведби низ светот“.
Мобилен телефон го попречи свирењето на Трпчески
На самиот почеток на премиерата, откако Трпчески, кој сам настапувал свирејќи четири такта од „Ноктурно“ во цис-мол, тишината меѓу две ноти ја распарало ѕвонење на мобилен телефон, чиј сопственик не успеал да се снајде и веднаш да го исклучил, па ѕвонењето продолжило неколку пати. Пијанистот станал, ја напуштил сцената и по кратка пауза се вратил почнувајќи со проектот од почеток. Публиката со одушевување го поздравила ваквиот потег на Трпчески.
Tрпчески ја стартува новата сезона во Италија
Новата сезона за нашиот пијанист Симон Трпчески започнува во Италија. На крајот од август, Трпчески ќе настапи на фестивалот во Стреза, на еден тамошен јубилеј. Диригент ќе биде неговиот колега и пријател Џанандреја Нозеда, со кого Трпчески го имаше своето деби со Њујоршката филхармонија во 2005 година. На негова покана ќе свири рецитал со дела од Шопен, Лист и Панде Шахов. Потоа, концертната турнеја ја продолжува во Хонг Конг, Лондон, Милвоки, Вашингтон, Антверпен, Брисел, Порто, Париз...
|