Наместо да ги масакрира „ѓаволите“, Вила спасуваше бод
До 80. минута домаќините водеа со 2:0, но фудбалерите на Фергусон успеаја да се извадат од хаосот (2:2)
„Никогаш не го отпишувај Манчестер јунајтед“, е изреката која кружи веќе со години во Премиерлигата, а нејзиното потполно значење на сопствена кожа го почувствува Астон Вила.
Иако, во поголемиот дел од мечот беше подобар противник, и иако на десет минути пред крајот имаше водство од 2:0 (Јанг од пенал во 72 минута и Албрингтон 76 минута), во завршницата беше присилена да спасува и еден единствен бод.
Имено, Македа во 81 минута намали на 1:2, а во 85 минута нафрлањето на Нани го искористи Видиќ за 2:2. Во петте преостанати минути од регуларниот дел и трите од продолжението Јунајтед можеше да дојде до незаслужена победа, но ударите на Нани и Обертан отидоа крај голот.
Бодот си е бод, но Фергусон не може да биде задоволен од играта на својот тим. По бледата партија со Манчестер Сити бевме сведоци на уште еден лош ден на „бебињата“. На уште една неубедлива и тешко гледлива претстава.
„Се извлековме од хаосот. Во вториот дел многу лесно можевме да примиме шест парчиња. Астон Вила три пати ја гаѓаше стативата, а Албрингтон во два наврати не беше прецизен во сјајни шанси. Во тие моменти не знаевме каде се наоѓаме. Фудбалерите на Вила играа со многу емоции, во секој дуел влегуваа силно. На крајот мора да бидеме задоволни со бод. Ако имаше уште пет минути ќе победевме, без двоумење го велам тоа, но предоцна ни текна дека треба да играме“, изјави по мечот Фергусон.
И градскиот ривал на Јунајтед, Сити прикажа уште еден стерилен натпревар. Фудбалерите на Манчини чесно ги налутија навивачите и повторно одиграа 0:0, но сега со Бирмингем, тим кој мора да знаеш да го победиш ако веќе знаеш да се удираш в гради дека си кадарен да се бориш за титулата. Карлос Тевез имаше свои шанси, но не ги реализира. Еднаш ја погоди мрежата, но голот му беше поништен поради претходно играње со рака.
На Ливерпул, пак, никако да му успеа да врзе два добри натпревари. Со победата над Челзи „црвените“ мислеа дека црните денови се зад нив, но во само неколку дена се потврди дека најпрвин се лажеле самите себе а потоа и навивачите. Ремито со Виган и завчерашниот пораз кај Стоук од 0:2 се доказ дека во Ливерпул проблемот е многу длабок.
Резултати од 13.коло: Астон Вила - Манчестер Ј 2:2, Њукасл - Фулам 0:0, Вулверхемптон - Болтон 2:3, Тотенхем - Блекбурн 4:2, Манчестер Сити - Бирмингем 0:0, Виган - ВБА 1:0, Вест Хем - Блекпул 0:0, Стоук - Ливерпул 2:0. Вчера играа: Евертон - Арсенал и Челзи - Сандерленд. Табела: Челзи 28 (-1), Манчестер Ј. 25, Арсенал 23 (-1), Манчестер Сити 22, Болтон 19, Тотенхем 19, Њукасл 18, Астон Вила 17... |