Хеј го нокаутира Харисон
ВБА-шампионот во тешка категорија го исполни ветувањето дека мечот ќе трае три рунди
Британецот Дејвид Хеј лесно си ја одбрани титулата шампион во тешка категорија според Светската боксерска асоцијација (ВБА) со технички нокаут во третата рунда од борбата со својот сонародник Одли Харисон, кој зададе само еден удар во очајно слабиот меч. По првите две рунди, по кои навивачите во арената во Манчестер ги исвиркаа обајцата за дефанзивниот бокс што го прикажаа, борбата оживеа во третата, во која Хеј со серија десни крошеа и аперкати го испрати Харисон во јажињата. Харисон го издржа броењето на нозе, но мечот беше прекинат непосредно потоа, кога предизвикувачот веќе немаше одбрана на новиот дожд од тешки удари од шампионот.
„Им реков на луѓето дека ќе ја завршам работата во три рунди и токму тоа и го сторив“, изјави 30-годишниот Хеј. „Знам дека многу луѓе заработија многу пари од ваквиот резултат“.
Победата го заокружи ефектот на Хеј во кариерата на 25 триумфи, од кои 23 со нокаут, и само еден пораз. Тоа веднаш го наметна прашањето кога тој ќе боксува со едниот или со двајцата браќа Кличко, кои се сопственици на титулите во тешка категорија во другите четири верзии.
„Тоа треба да се случи во 2011 година, кога ќе се пензионирам“, одговори тој во врска со Украинците.
Хеј требаше да се бори со Владимир, помладиот од браќата Кличко, во јуни минатата година, но се откажа поради повреда. Владимир ги има титулите во верзиите на ВБО, на ИБФ и на ИБО, а Виталиј на ВБЦ.
Хеј вели дека треба да седнат на маса и да се договорат, а неговиот тренер вели дека заработувачката треба да се подели 50-50. Претходните преговори пропаднаа поради парите, а Хеј нагласува дека нема да ги одли своите планови за повлекување за да им ги задоволи нивните барања. |