„Златен гонг“ за Русинот Максим Газизов
Рускиот ��оксер во финалето го декласира Кубанецот Емилио Кореја, освојувач на сребрен медал на на Олимписките игри во Пекинг
Миодраг Мицковиќ
Еден од најдобрите европски боксери во категоријата до 75 кг, Русинот Максим Газизов, е освојувач на вредниот трофеј „Златен гонг“ на јубилејната 40. традиционална боксерска приредба, која се одржа во Скопје по повод „13 Ноември“ - Денот на ослободувањето на Скопје. Тој во една извонредна борба која ги крена гледачите на нозе, убедливо го победи Кубанецот Емилио Кореја, освојувач на сребрениот медал на последните Олимписки игри во Пекинг 2008 година со 5:0 на поени.
Во текот на целата борба, понискиот, но мошне брзиот и експлозивниот Газизов со прецизни удари собираше поени и ја зголемуваше својата предност од рунда во рунда. Залудно Кубанецот се обидуваше со контраудари да му парира на одличниот руски боксер, единствено што успеа на крајот на мечот да му ја подаде раката и да му ја честита победата на подобриот противник. На сите во салата им беше јасно дека Максим Газизов по овој меч ќе го освои вредниот трофеј „Златен гонг“, така и се случи, бидејќи жири-комисијата воопшто немаше дилеми на кого да му го додели. Покрај трофејот, Газизов доби и парична награда од 1.000 евра.
На крајот на финалните мечеви беа доделени и неколку други награди. За најборбен боксер беше прогласен Бугаринот Стефан Иванов, кој иако загуби од Кубанецот Рамирез Каразана, храбро се бореше во текот на сите три рунди. Без награда не остана и Кубанецот, кој беше прогласен за најмлад боксер. Нашиот претставник Примислав Димовски, кој убедливо го победи во најтешката категорија, Србинот Горан Деспотовиќ, жирито го прогласи за најдобар техничар, Јовановиќ (БиХ), доби награда како најдобар судија.
Инаку, на „Златен гонг“ доминираа боксерите од Куба, кои имаа шест претставници во финалните борби, од кои петмина забележаа победи.
Најбрз беше Кастилио во категорија до 56 кг кога го принуди да се предаде уште во првата рунда Бугаринот Кучаров.
Нашиот втор претставник во финалето, младиот и неискусен Ибраим Мустафи, не издржа долго на рингот против одличниот боксер од Русија, Гривачев. По неколку удари што ги прими во главата, се предаде во првата рунда, бидејќи беше јасно дека е нерамноправен противник и тренерот го спаси од некоја потешка повреда.
Во финалните борби, како што веќе напишавме, Кубанците имаа пет победи од шест мечеви и нивниот селектор беше прогласен за најуспешен на „Гонгот“, две титули освоија боксерите од Русија, по една од Албанија, Црна Гора и Македонија.
Сите очекуваа во финалето да го видат Вели Мумин, освојувач на два бронзени медала на европските првенства, но тој во полуфиналето загуби од Бугаринот Стефан Иванов по грешка на судиите со 3:2, бидејќи еден поен наместо во неговото конто, беше запишан за Бугаринот. Протестите на гледачите беа залудни, Мумин остана без финалето.
На годинашниот „Златен гонг“, сигурно најсилен што е одржан во самостојна Македонија, настапија 65 боксери од 13 држави, беше прикажан квалитетен бокс. Штета што салата „Борис Трајковски“ не беше исполнета до последното место, имаше околу 2.000 гледачи и покрај тоа што влезот беше бесплатен.
Финални резултати
49 кг: Сото (Куба) - Андонов (Буг) 3:0
52 кг: Рамирез (Куба) - Иванов (Буг) 3:0
56 кг: Кастилио (Куба) - Куларов (Буг) ТКО (предадена во прва рунда)
60 кг: Гривачев (Рус) - Мустафи (Мак) (предадена во прва рунда)
64 кг: Вренози (Алб) - Вангели (Итал) 2:0
79 кг: Суарез (Куба) - Видиќ (БиХ) 3:0
75 кг: Газизов (Рус) - Кореја (Куба) 5:0
81 кг: Пераза (Куба) - Бошњак (БиХ) 3:1
91 кг: Радоњиќ (Ц.Г.) - Оташ (Пол) 4:0
+91 кг: Димовски (Мак) - Деспотовиќ (Срб) 3:0 |