Атрактивен волеј на Јакинта во ремито со Рома
Јуве и Рома во дербито во Серија А ги поделија бодовите играјќи 1:1 во Торино. На тој начин и двата тима ги задржаа сериите на непобедливост. Онаа на Јувентус сега се протега на осум меча, а онаа на Рома на шест. Римјаните притоа ја прекинаа низата од три победи по ред. Инаку, поведоа домаќините со извонредниот гол на Јакинта со полуволеј од 12 метри. Рома израмни во последните минути од првиот дел со голот на Тоти од пенал. Капитенот на Рома изведе слободен удар топката удри во живиот ѕид, поточно го погоди во рака Пепе, по што судијата Рицоли, и покрај големите протести покажа на белата точка.
„Мислам дека одигравме добар натпревар. Моите играчи заслужија победа. Создадовме многу шанси, но за жал дадовме само еден гол. Штета“, вели тренерот на Јуве, Луиџи дел Нери.
Во првиот саботен меч од 12. коло во Серија А Фиорентина ја совлада Чезена со 1:0 со голот на Џилардињо во 59 минута.
Меси не знае за доста
Заслужено Барса славеше над Вилјарел со 3:1 и барем на 24 часа го презеде врвот во Примера. Сега има 28 бода, а Реал кој вчера го играше мечот со Спортинг Хихон има 26. Резултатот го отвори Давид Виља во 26 минута, но само две минути подоцна Нилмар израмни на 1:1. Во вториот дел на сцена стапи Меси и со два гола во 58 и 83 минута на Барса и донесе нови три бода во жестоката битка со „кралевите“. Меси така стигна до бројката од 10 гола во Примера, а прв стрелец е Роналдо со 12. |