Триумфално враќање на Гранж
Жан Баптист Гранж перфектно се врати на победничките патеки славејќи во првиот слалом сезонава во Леви.
Французинот, кој поради повреда на коленото го пропушти поголемиот дел од минатата сезона мина прв низ целта со 33 стотинки подобро време од Швеѓанецот Андре Мирер.
За шампионот во слалом од 2009 година ова беше првата победа во Светскиот куп по декември 2009. Гранж беше прв и по првата трка, додека Мирер беше четврти. На крајот за место на подиумот се избори и Хрватот Ивица Костелиќ, кој по првата трка беше шести.
Шилд ги искористи калкулациите на Риш
Марлис Шилд не можеше да им поверува на своите очи кога последната скијачка на првиот слалом сезонава во Финска мина низ целта на патеката „Леви Блек“. Марија Риш возеше внимателно, верувајќи дека 80 стотинки предност од првата трка се доволни за победа, но семафорот на крајот покажа дека е за три стотинки послаба од Австријката. Калкулантскиот однос скапо ја чинеше.
„Пресреќна сум. Навистина не можев да поверувам дека може да победам по контролираната прва трка“, изјави Шилд.
На домашен терен третата позиција ја фати Тања Путинаинен, развеселувајќи ги 10.000 гледачи кои се натискаа крај патеката. „Трето место е добар старт на сломската сезона. Направив неколку ситни грешки, но сега тоа не е важно. Возбудливо е да се забележи дека јас се' уште учам, но тоа е нужно, бидејќи сите напредуваат од година в година. Одржувањето на Светскиот куп во Леви за Финска направи многу позитивно. Сигурна сум дека многу девојки биле крај патеката и помислиле дека е убаво еден ден да бидат во финската репрезентација. Драго ми е што сум на подиумот. Не сакав да ми се повтори неславното четврто место од отворањето во Зелден“, изјави Путинаинен.
Резултати од слаломот
1. Марлис Шилд (Австрија) 1:52,84
2. Марија Риш (Германија) +0,03 стотинки
3. Тања Путинаинен (Финска) |