Писмо од Лондон
Одново „Коса“ на Вест енд
Томислав Ивановски
Пораките што ги носи „Коса“ Ја немаат онаа сила и значење што Ја имаа во време на првата премиера, од краЈот на септември 1968 година
ЛОНДОН - Најславното музичко-сценско остварување од шеесеттите години на 20 век, рок-мјузиклот „Коса“ кој ја велича „племенската љубов“ на хипи - генерацијата, одново е на сцената во лондонскиот Вест енд. Пред без малку 42 години, за време на одржувањето на првата премиера во Сафтсбери театарот, настапувачите и гостите ги пречекаа демонстрации на гневни противници на „неморалот и наркоманијата, како и на исмевањето на патриотизмот“, како што тие ги објаснуваа силните антивоени пораки на авторите на мјузиклот. Овој пат немаше кој да протестира, зашто предизвиците и пораките што ги носи „Коса“ ја немаат онаа сила и значење што ја имаа во време на првата премиера, од крајот на септември 1968 година, иако и сега има луѓе кои сметаат дека станува збор за „неморална и антиамериканска“ претстава.
Првата и велат контроверзна премиера се совпаѓа со укинувањето на повеќе од 200 години долгата цензура на театарската сцена во Велика Британија, што се смета за едно од најзначајните достигања во ослободувањето на културата во таа тогаш турбулентна година, во деценијата која темелно ги потресе дотогаш важечките и традиционални вредности во општеството, во музиката, модата, театарот и филмот. Уште пред „Коса“ да дојде во Лондон, младите Британци, како и младите низ тогаш поделената Европа ги знаеја главните музички нумери кои по премиерата во Њујорк веднаш станаа и светски хитови, но им беа познати и заложбите на мјузиклот за универзален мир, за љубов и меѓусебно разбирање, кои поставени во тогашниот свет, беа многу далеку од тоа да може да бидат реалност или вистинити.
Летото во 1967 година, годината на светската премиера на „Коса“ почнува со пораката за љубовта на „Битлси“, во нивната серенада „Се' што ни треба е љубовта“, емитувана во живо и пренесувана преку сателитската телевизија. Тоа овозможи настап и песната да ја слушнат и да ја видат (тогаш) рекордни 400 милиони гледачи низ светот, меѓу кои и нашите во Македонија. Но, песната на Ленон и на Макартни не го донесе она што таа го порачуваше, без разлика што сите млади луѓе во светот го посакуваа и се надеваа на неа. Во јануари 1968 година, со појавата на т.н. прашка пролет, се јави надежта за можна либерализација на општеството во тогашна Чехословачка и за постепеното ослободување на оваа земја, од стегите на тврдиот советски комунизам. Но, беше грубо, сурово и крваво прекината со упадот на советските тенкови на улиците на Прага, во август таа година. Москва го спасуваше својот модел на комунизам, „праведно општество“ и источниот блок, преку окупацијата на земјата од армиите на членките на Варшавскиот пакт, чија „братска помош“ помогна за промовирање на новата советска доктрина за „ограничен суверенитет“ на земјите од нејзината социјалистичка заедница.
Насекаде студентите во Европа, делумно и во поранешна Југославија, а најмногу во Франција и во Париз, излегоа на улиците барајќи реформи и модернизација на општеството во кое живееја, па на крајот успеаја (Французите) да го испратат во историјата својот остарен претседател, генералот од Втората светска војна Шарл де Гол, кому претходно му се восхитуваа и во него гледаа како во спасител. Американскиот воен ангажман во Виетнам, што го почна Џон Кенеди за да му помогне на прозападниот, но диктаторски режим во Сајгон (денес Хо Ши Мин град), веќе се претвори во отворена војна на САД и на комунистите од Северен Виетнам, помогнати од јужновиетнамското партизанско движење Виетконг и едните и другите, помагани од Москва и од Кина. Убиството на црнечкиот верски лидер Мартин Лутер Кинг, проповедач на сонот за една поинаква Америка, како и атентатот на вториот брат од кланот Кенеди, сенаторот Роберт во Лос Анџелес, од еден „луд“ јордански Палестинец (Сирхан Сирхан), го дотепа сонувањето и надевањето на младите низ светот за љубовта, слогата, разбирањето и помирувањето.
Во една таква меѓународна политичка клима, „Коса“ доаѓа прв пат во Лондон, каде што на Вест енд тоа време доминираат американските мјузикли од типот на „Мојата драга леди“ или на „Јужниот Пацифик“, нудејќи се, според својата содржина, рок-музиката и изведбата како силен предвесник на промените што ќе се случуваат подоцна во „театарленд“, во срцето на британскиот главен град. Претставата на двајцата американски актери без постојан ангажман Џером Рагни и Џејмс Радо со своето деби во САД предизвика шок и таму, но и во средините каде што се' уште не беше прикажана, со разголените сцени на машки и женски тела, нескриениот хомосексуализам, отвореното дрогирање и мошне силната порака против војната и војувањето, со сквернавењето на американското знаме. Голем дел од Британците на „Коса“ имаат гледано и како на своевиден симбол на промените, па затоа претставата си обезбеди успех и покрај гневот и протестите на другиот дел од домашната јавност. Прво затоа што по 1737 година, во таа 1968 година, конечно, британскиот парламент ќе изгласа закон за укинување на цензурата во театарот што ја има воведено уште премиерот Роберт Волпол пред повеќе од два века, за да ги запре антивладините сатирични претстави, а второ затоа што една година пред тоа, под влијание на веќе започнатото менување и модернизација на општеството во Британија, беше извршена „делумна декриминализација“ на хомосексуалноста за мажи од над 21 година и беше легализиран абортусот, прв пат во земјата.
Како куриозитет денеска се раскажува во Лондон дека укинувањето на цензурата стапила во сила на само еден ден пред премиерата на „Коса“, особено што во времето додека се подготвуваше мјузиклот, цензорот веќе имал забрането три верзии што му ги имаат понудено продуцентот и режисерот, поради, како што рекол, „вулгарност и антипатриотизам“. Тоа, велат, било и поблага верзија од оцените на другиот член на цензорската комисија кој за „Коса“ ќе напише дека претставата нуди „само валканост, слободна љубов, хомосексуалност и исмевање на патриотските чувства“. Британските закони и денес предвидуваат можност за поведување постапка за „остар јазик“ на сцената, или за непристојност и бесрамност, но по сегашната, обновена „Коса“ и новата премиера нема шанси некој да настрада поради тоа, во денешен Лондон, каде што во еден момент има повеќе претстави, изложби, модни ревии или рекламни акции во кои доминира голотијата и голото женско и машко тело. Во првата претстава на овој рок-мјузикл, за публиката овде, најконтроверзно, но и најскокотливо е сцената кога голите тела на актерите ќе се најдат под еден голем чаршаф и за момент сите нив заедно ќе ги види публиката во театарот „Сафтсбери“. Тогашен „Тајмс“ ќе напише за „веселиот звук“ на група луѓе кои му порачуваат на светот што чувствуваат. За „Гардијан“, најважниот момент ќе биде прикажувањето на голотијата (посочувајќи дека тоа било однапред), додека за „Дејли телеграф“ тогашниот 78-годишен главен театарски критичар ќе забележи дека му било тешко сето тоа да го издржи и дека поминал во театарот „една здодев��а вечер“.
„Коса“ во Вест енд, по премиерата, е изведена уште 1.997 пати, се' до 1973 година, кога е симната од репертоарот. Во истото тоа време, додека се играше лондонската верзија, белградското „Ателје 212“ направи своја претстава на „Коса“ и ја донесе во Скопје, во време кога сите тогашни млади ги знаеја и ги пееја музичките хитови од претставата. Во преполнетата Универзална сала се собраа повеќе генерации гледачи, добро распалени во очекување на сцената со белиот чаршаф, под кој се голите актери и изведувачи. Долго потоа по скопските седенки, (како виц) се раскажуваше како во брзото и вешто кревање на чаршафот, за само кусо да се видат соголените тела, некои од гледачите не успеале да го „уловат“ клучниот и историски момент на првата сценска разголеност во Македонија. Им остана само задоволството дека биле на „театарскиот феномен“ на тие години, што им беше скратено на многумина во тогаш политички и идеолошки поделената Европа. |