Венко Серафимов
Гитара со мана што останува во срце
Природно, моите први гитари беа гитарите на моите херои од детството што висеа на постери во мојата детска соба. Луѓето што беа на сликите со тие гитари се викаа Џими Хендрикс, Џими Пејџ и Ричи Блекмор. Имаше и еден без гитара, се викаше Драган Киќановиќ, но тој беше во патики. Така е тоа во осмо одделение, а така приближно е и денес кога не те пишал Господ да пораснеш во меѓувреме. Ама некако сум свикнал на тоа и нема бегање. А, ни помош! Природно!
Мојата прва електрична гитара се викаше ХБ, јапонска кастум лес пол копија, црна боја и беше бивша гитара во тоа време на гитаристот во подем под скопски псевдоним Патак, кој тогаш некаде правеше група со пријателите со некое чудно име „Леб и сол“. За кратко време станав горд сопственик на еден инструмент што го свирел гитаристот на оваа група. Гитарата ја купив во втора година гимназија, од еден негов пријател, Звонко Игиќ, гитарџија под псевдонимот Нонте. Таа гитара имаше се' што треба затоа што изгледаше, исто така, магично, како оние од сликите во мојата стара соба. Со текот на времето сфатив дека има само една мана - не свири баш најдобро, не штима идеално, а и не држи штим предолго. Точно е и дека фонираше премногу, а и саундот не беше баш тоа што треба. Но, кога ќе се сетам на тоа, мислам дека можеби баш така требало да биде. Таа гитара на некој чудесен начин направи многу повеќе од своите можности. Низ годините многу инструменти ми поминаа низ рацете, но мислам дека таа гитара беше и остана нешто необјасниво, нешто таинствено и свечено. Без никаков патос, ве уверувам дека е така. |