Слободан Унковски
Немам друг чадор освен Македонија
Режисерот Слободан Унковски работи со најдобрите театри во Грција десет години. Тој објаснува дека никогаш немал политички проблем како Македонец да биде во врвниот уметнички свет во Грција
Димитар Чулев
„Јас немам резервен идентитет“ – изјавивте неодамна во една ТВ-дебата во која еден од учесниците од Грција елаборираше дека тој се чувствува и како Грк, и како Криќанец и како Македонец...
Пред неколку недели, учествував во првата македонско-грчка дебата на една ТВ-емисија во Скопје и ја сметам како значајна точка во чекорите кон подобро запознавање и разбирање на двата соседни народа. Иако сум поминал во Грција речиси десетина месеци во последниве десет години, работејќи три претстави во Атина и во Солун, и држејќи работилници по режија и глума, морам да кажам дека дури во оваа отворена и релативно фер дискусија успеав да ја разберам подлабоко позицијата на грчките интелектуалци за она што го нарекуваат грчка Македонија во расправата за името на Република Македонија. Гостите, Филос Стангос - ТВ-новинар и Василис Блиумис - филмски режисер, отворено, со внимание, и со секојдневен јазик и примери, ги објаснија своите чувства, традиција и жива историја. Едниот рече дека се чувствува најнапред солунец (граѓанин на Солун), па Македонец, па Грк, па Европеец. И дека без овие четири слоја не може да биде автентичен, свој, и комотен во својот идентитет. Така нашето широко телевизиско гледалиште имаше можност изворно да ја слушне, прв пат, грчката страна на спорот и на приказната.
Јас се обидов, пак, да објаснам дека сум од Скопје (скопјанец) и над тоа уште само Македонец и дека немам некој друг чадор, некоја друга определница што ќе може да ме покрие, заштити и да ми објасни кој сум и од каде сум, и што сум и која е мојата историја. И тоа дека ако не сум Македонец, немам што друго да бидам, ниту имам на ум некој друг, резервен, за прва помош, идентитет што ќе ме заштити и ќе ме артикулира како суштество и граѓанин на Европа. Ниту имам некој друг јазик, освен македонскиот, и не гледам како себеси би се нарекувал, освен како Македонец. И сето ова не е од вчера, не е за некои дневни потреби, ниту за провокација на кој било, па и на Грците и Грција.
Вие сте еден од ретките што имал можност да креира со полно име, презиме и национален идентитет во соседна Грција. Згора на тоа, ја имавте честа да работите слободно како режисер од Република Македонија. Како изгледа тоа?
Во Грција дојдов да работам по повик на уметничкиот директор на Националниот театар (НТ) во Атина, големиот актер Никос Куркулос, eден од најблагородните луѓе што сум ги запознал, бескомпромисен, искрен и со јасни ставови и идеи. Кога дојдов прв пат на разговор со него во неговата мала канцеларија во НТ, веднаш го прашав: „Се надевам дека знаете од каде доаѓам?“ Куркулос одговори: „Се надевам знаете да го направите ’Ричард Трети‘?“
Така започна едно искрено и длабоко пријателство, кое понатаму се прошири на многу други луѓе во грчката култура, на многу актери и други соработници од театарот, новинари, критичари и други. Имав чест на премиерата на „Кралот Лир“, неколку години подоцна, на сцената да се качат и да им честитаат на моите актери, а и на мене, сегашниот и претходниот претседател на Грција, Каролос Папуљас, и Константинос Стефанопулос. Сегашниот премиер Јоргос Папандреу (како заменик-министер за надворешни работи) во 1997 година беше на премиерата на македонската драма „Буре барут“ во најзначајниот приватен театар во Атина, Аморе, сопственост на режисерот Јанис Хувардас, кој сега е уметнички директор на НТ во Атина. Како режисер, но и како Македонец, јас сум во групата од само неколкумина странски режисери што имале премиера во Епидаурус, храмот на театарот и античката култура.
Во овие десетина години, колку што траат моите уметнички комуникации со Грција, излегоа многу интервјуа во сите позначајни дневни весници и бев претставуван како скопјанец, од ФИРОМ, од соседството, од Македонија и повеќе пати одговарав на прашањата како се нарекувам себеси и како се вика земјата од која доаѓам. Сакам да потцртам дека моите одговори (Македонец, Македонија) секогаш беа објавувани без какви било интервенции и во целина.
Проблемите што ги имав во работата, вообичаени за кој било театар, каде било во светот, беа во доменот на професијата и никогаш политички. Ја имав среќата да работам со најзначајните актери од Грција. На моите премиери во Германија, во Белград, на Театар фест во Скопје секогаш имаше по неколку актери од Грција, кои ја сакаат мојата естетика и со кои се' уште сум во контакт. Со грчкиот кореограф Сотириу годинава сработивме заедно две претстави...
И уште:
Кога пред две години ги почнав пробите во Националниот театар на северна Грција во Солун, еден важен политичар од градот, во паузата на ТВ-преносот на традиционалната воена парада, го нападна театарот за тоа дека довел режисер од Скопје. На нападот одговори уметничкиот директор на театарот, Цакироглу, кој рече дека е среќен што ме имаат таму и дека ме поканиле како врвен уметник во областа. Не се сеќавам дека имаше други негативни коментари.
Работев во Грција во разни фази на македонско-грчките односи, таму бев на денот кога САД не' признаа под уставното име. Во Солун пробавме во зграда која театарот ја најмува од Центарот за македонски студии, кој е сместен непосредно до неа, и има книжарница во која се изложени разни изданија на карти на голема Македонија и на други компромитирачки публикации издадени, наводно, кај нас, кои овде во Македонија не сум ги видел никогаш.
Кои од овие слики се поважни, кои слики треба да ги запаметиме и да ги земеме како репер за сегашноста, како патоказ за иднината? Која е вистинската Грција? Ја познаваме ли?
Дали успеавте да доловите во што е проблемот дури и на обичните Грци да ги користат термините „Македонец“, „македонски“ во контекст на северниот сосед и претпочитаат да речат „културно-уметничкото друштво од поранешната југословенска Република Македонија“.
Проблемот е комплексен и верувам подобро ќе го објасни некој стручен истражувач на историјата на балканските народи. Но, ако инсистираме другата страна да има сензибилитет и да ги разбере нашите ставови и ако се лутиме поради црно-белото претставување на нашите позиции или за негирање на нашата историја, култура, малцинството таму, македонскиот идентитет, тогаш, секако, треба да вложиме напор да го запознаеме другиот и да се обидеме да разбереме (различно од - да потклекнеме) кои се корените на грчките чувства спрема именката Македонија, кон античката македонска историја, кон областа во северна Грција што ја нарекуваат (грчка) Македонија. Само така можеме да ги разбереме причините на другата страна за овој спор, кој нам ни личи дека е апсурден и, конечно, и на тој начин евентуално Македонија да може да доразвие адекватна стратегија како да го најде решението во овој спор.
Кај нас е раширено мислењето дека името Македонија стана важно за Грција дури по нашата независност. Но, се чини, тоа во денешниов миг е речиси сеедно, како што е сеедно дали чувствата што ги имаат сегашните генерации Грци се резултат на автентичното идентитетско созревање, чувството на припаѓање, местото на потеклото, територијата или се резултат на политичка и државна доктрина. Имајќи предвид дека до пред нецели 100 години (до 1912) Грција имала во Солун само грчки конзулат (според одличната книга „Солун, градот на духовите“ на Марк Мазовер), а пред тоа границите на таа држава завршувале стотини километри подолу, јасно е дека грчката држава покажувала уште тогаш апетити за проширување, за асимилација, капацитет за борба за своите интереси.
Не знам што учат учениците во Грција за сопствената историја и за историјата на Балканот, а и за нашата историја. Видов повеќе пати таму комплетно празен простор во едукацијата и информираноста за она трапезоидно парче земја што е меѓу Грција и Србија.
Дали „ново име за севкупна употреба“ ќе го демонтира „чипот“ вграден во доцните осумдесетти години на минатиот век кој ја пали алармната сијаличка во Грција уште при споменување на буквата „М“?
Тешко е да се каже. Факт е дека за овие речиси 20 години било блокади, било дискусии, било визи на хартијка, ставот на Грција еволуираше до прифаќање на именката Македонија во нашето име. Тоа е наша голема победа, но се плашам дека не ја препознавме навреме, а сега веќе работите отидоа во други насоки. Нашите влади не создадоа услови за национален консензус околу плановите, идеите и стратегиите, и црвените линии, на овој драматично значаен проблем. Нетранспарентноста на процесот на преговарање не' спречува да ги разбереме и да ги просудиме потезите на актуелната Влада детално и сериозно и затоа понекогаш се' изгледа однадвор како евтини покерски трикови без јасно фундирана стратегија.
Дали е тоа резултат на една не само политичка, туку и енормна културно-образовна пропаганда во Грција?
Најверојатно. Една држава што има дефинирани стратегиски цели, ресурси и инфраструктура ќе се обиде и да ја пишува, интерпретира и, ако е потребно, и реинтерпретира историјата на начин што и' одговара. Грција, би рекол, независно од односите со нас, изгледа се' уште не е подготвена да ја отвори Пандорината кутија на Граѓанската војна и да одговори објективно, одговорно, аналитички на многуте прашања врзани со таа тематика, па и на она што нас најмногу не' засега - за егзодусот и етничкото чистење на македонското население во Егејска Македонија. Она што го имала Грција како доктрина и стратегија во поставувањето и дефинирањето на македонското прашање во еден подолг период мислам дека не е реално да се очекува да го промени преку ноќ, а особено не под притисок.
Наспроти тоа, во Македонија е речиси незабележително влијанието токму на луѓето што ја создаваат културата. Како што саркастично забележа еден мој колега, дури и во аферата „Големото уво“ власта не прислушуваше писатели, артисти, сликари, режисери, но затоа бил прислушуван новинар што пишувал за депонијата „Дрисла“...
Македонското општество минува низ разни фази на своето дооформување и, евентуално, зреење. Оние слоеви и социјални или професионални групи што се уплашени или подмитени не верувам дека се во состојба да го артикулираат својот став за битните прашања на нашето време. Со денешнава културната политика, живата култура е на пат да умре зашто е неинтересна за монументалниот момент на политиката на владејачката партија! Нивото на квалитет во еден значаен дел од културата, наспроти изјавите, драматично паѓа и е обратнопропорционално на бројот на градилишта отворени и хранети директно или индиректно од страна на Министерството за култура.
Што се однесува до прислушувањето, се надевам дека и културните работници ги прислушуваат, како што е ред, зашто ако сме испаднале и од тој список, сеедно што е црн, тешка ни е перспективата.
Речиси е фасцинантно како политиката воопшто може да постави бариери меѓу културите на соседни земји. Поправете ме доколку грешам, но на Балканот, со кој се гордееме дека е микс на етникуми, култури, јазични различности, денес немаме културна комуникација.
Зошто не гледаме филмови од Бугарија, Грција, кога последен пат јавноста имала можност да види нешто од филмската продукција на Албанија...
Никако да дојдеме до навистина нормални односи меѓу државите во регионов, културните односи се дел од таа состојба. Има малку иницијативи, а потребна им е и финансиска поддршка за да се развијат во значајни акции на културното вмрежување. Уште во дамнешната 1997 година имаше една иницијатива на бизнисменот Билис од Грција, кој сакаше во близината на Солун да изгради еден вид културна амбасада, берза, место за размена на информации, иницијативи и слично од областа на културата. Идејата беше секоја земја од Балканот да има делегирано по еден „амбасадор“ и таму на самото место и на дневна база да се нудат и разменуваат сите можни проекти.
Моментно балканските земји имаат различни цели и приоритети. На пример, бугарските театри одат на гостување низ цела Европа, албанските се често во Италија и во Франција, грчките имаат турнеи низ Америка, Јапонија, Кина, српските - на значајни фестивали во Европа и во Латинска Америка, косовските не можат да постигнат од играње на многуте домашни фестивали...
Не правиме доволно за развивање на соработката и, некако, како да сме си самите на себе доволни. Би било прекрасно Македонија да стане регионален центар за културна размена и комуникација и, ако најде сили и средства, тоа навистина може да биде значајно.
Како гледате на изградбата на новиот Стар театар... „Скопје 2014“?
Сметам дека „Скопје 2014“ е демократски, естетски и политички елементарна непогода што се темели на фалсификат на македонската историја и градителско наследство, со презир и игнорирање на јавното мислење.
Градењето на Театарот и на зградата на Филхармонијата ги одвојувам од овој проект и не верувам дека некој во Скопје ќе го оспори како културна потреба и за нив, а особено за Филхармонијата, искрено му честитам на Министерството. Ќе биде голема штета ако таа зграда остане во задниот двор на Финансиската полиција или нешто слично.
Повеќе ќе сакав ако и проектот на театарот е од некој ученик на познатиот архитект Норман Фостер, како што е Филхармонијата, а не од локалниот производител на челични крстови и надвозници, но тоа е друга приказна.
Како што сега се развиваат понатаму работите, изгледа дека овие објекти беа само мразокршачи за една цела низа бесмислени, според функција и според дизајн, згради, мостови и споменици по течението на Вардар, распоредени без чувство за простор и однос со постојните градби, а да не говориме за потребите на градот.
И да не останам недоискажан, сите згради имаат куполи како белег на креаторот на целиот овој основношколски цртеж на Скопје: Собранието - најмалку три, а се сомневам на пет, околните згради - колку која заслужила, хотелите - по една најмалку, Стариот театар – една, ама вредна, сеедно што никогаш ја немал, и така натаму.
Хајлајтсите на македонската селективна историја сместени само на еден скопски плоштад ги имаат сите предуслови да станат место на разделба на народите и споменик на тонењето и исмевањето на нашата кревка демократија. |