Земјотресот во Индонезија однесе над 450 животи
Земјотресот урна стотици објекти, вклучувајќи и болници За најмалку 464 луѓе е потврдено дека ги загубија животите во силниот земјотрес што го погоди во средата индонезискиот остров Суматра, соопштија властите. Спасувачите вчера се бореа и против обилните дождови, при обидите да пронајдат преживеани во урнатините на уништените објекти. Земјотрес со интензитет од 7,6 степени беше почувствуван во близина на Паданг, главниот град на провинцијата Западна Суматра. Земјотресот урна стотици објекти, вклучувајќи и болници. Беше прекинато и снабдувањето со електрична енергија, а предизвика и лизгање на земјиштето. „Нашите проценки се дека има илјадници загинати“, изјави Рустам Пакаја, шеф на Центарот на природни катастрофи во Министерството за здравство, во Џакарта. Вториот земјотрес со интензитет од 6,8 степени вчера повторно беше почувствуван во близина на Паданг, но нема информации за жртви или штети.
Првиот земјотрес се случи во средата во 17,16 часот по локално време, на околу 85 км под морето, северозападно од Паданг, соопшти Американскиот геолошки центар. Според зборовите на еден лекар со работа во Паданг, за Би-Би-Си изјави дека голема е веројатноста илјадници луѓе да се згмечени или заглавени под урнатините. Една мајка во Паданг, Андријана, за новинската агенција АФП рече дека била кај урнатото училиште на нејзината 14-годишна ќерка кое паднало при првиот потрес. „Се' уште не сум била дома и постојано му се молам на бога ќерка ми да е жива“. Сити, друг жител на Паданг, за Ројтерс рече: „Потребна ни е помош и тоа во најкус можен рок. Потребни ни се храна и лекарства. Нашите куќи се урнати“.
Предходно Пријади Кардоно, портпарол на индонезиската Национална агенција за катастрофи изјави дека повеќе од 500 куќи и згради се урнати. „Голем број на луѓе престојуваат на отворено, додека некои се сместени во јавни објекти“, изјави тој за Ројтерс. Кардоно наведе дека во погодената област има испратени околу 150 војници, како и полицајци и лица од Министерството за здравство, но ним ургентно им е потребна градежна машинерија за да се расчистат урнатините. Земјотресот ги прекина и телефонските линии, сериозно погодувајќи ги комуникациските врски со регионот и ја отежна проценката на штетата.
Говорејќи во средата индонезискиот претседател Сусило Бамбанг Јудхојоно изјави дека во тек се координирани напори за испраќање на помош. Тој наведе дека во погодениот регион со воени авиони се доставува медицинска опрема и персонал.
Очевидци на првиот потрес посочија дека жителите со трчање излегувале од зградите во Паданг, чиешто население брои 900.000 жители, и околните места. Џејн Лидон, бизнисменка од Австралија во Паданг, за Австралиското радио изјави дека многу големи објекти во градот се сериозно оштетени. „Бетонските објекти се урнати, болници, големи трговски центри, се урнати и изгорени“, вели таа. „Голем број на луѓе тука ги загубија животите. Многу места горат“. Меѓутоа, Лидон посочи дека многу помали резиденцијални објекти успеале да минат без оштетувања. Австралија се понуди да испрати итна помош за Индонезија, ако тоа биде побарано. „Тие ни се многу блиски пријатели и соседи. Тие знаат дека ние сме тука и подготвени да помогнеме. Треба само да го побараат тоа од нас“, изјави Боб Мекмулан, министерот за помош.
Официјални претставници на Индонезија изјавија дека земјотресот бил еден од најсилните во земјата, во последниве неколку години, и би можел да биде посилен од оној во 2006 година што се случи во Јодџакарта кога загинаа повеќе од 5.000 луѓе. Земјотресот што беше почувствуван во средата беше долж раседот што го создаде азиското цунами во 2004 година кое одзеде повеќе од 230.000 животи во десетина земји. Многу посилен земјотрес се случи на околу 600 км северозападно од Паданг. Геолозите долго време предупредуваа дека Паданг еден ден би можел целосно да биде уништен од силен земјотрес поради неговата местоположба. Западна Суматра е главно рурална територија со густи тропски шуми. Има неколку национални паркови и многу од нејзините плажи се популарни кај сурферите. (Би-Би-Си)
|