Без ракавици
„Нормална“ шок-состојба
Јосиф Ќурчиев
Еден од најголемите апсурди е што КНИГА предизвика такви турбуленции во земја чии граѓани се при дното на скалата читатели и писменост во Европа
Од вчера (1.10.2009) влеговме во последниот квартал од оваа година, за кој со доза на оптимизам од најодговорни места беше порачано дека се очекува да биде „позитивен“ - на економски план. Не сакам да бидам расипувач на забави, но се' што се случуваше во изминатиот период не остава многу простор за такво нешто. Дај боже да не сум во право, меѓутоа... А, сега, нешто сосем поразлично - исто!
Не треба да се враќаме многу назад. За сите шокови во изминатите години би биле потребни томови хартија! Доволно е да се потсетиме на она што се случуваше во септември. Само два-три настани ќе потврдат дека за оние што би требало да се најодговорни за водењето на државава – од тоа не е исклучен никој – економскиот колапс во кој се наоѓаме како да е на последно место. Но, затоа шокови од поинаква природа на сите страни. Ако се лажам – моја вина. Проценете сами:
Во првите денови - трагедијата во Охрид со 15 жртви. Она што се случуваше потоа – беше мизеријата на некои од живите: понудената оставка на министерот за транспорт од морални причини, премиерот, на пат за Кина, не ја прифати. Односно ја прифати „сугестијата“ на пратеничката група на неговата партија дека министерот немал „директна вина“. Моралната одговорност, природно е, во таква ситуација, да падне врз негови плеќи, но тој го одмолча и тоа. Тонењето на „Илинден“ го засени и одбележувањето на полнолетството на државата – 18 години независност. Шокот од несреќата беше преголем за да се користат фанфари. Во меѓувреме се случија протестите на лозарите, се дозна дека Македонија делумно ги почитува пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, но и дека македонските граѓани се меѓу оние што непропорционално на бројот на населението, најчесто му се обраќаат што, пак, зборува за состојбата во овдешното судство. Почна и новата школска година. Како, знаат родителите и нивните паричници, ако во нив има нешто. Опозиционата СДСМ одржа конгрес и ја претстави програмата со која – тргна ли? - во „офанзива“ на терен. Тоа, пак, како да беше повод за владејачката партија одново да почне да користи лопати (веројатно се' уште не е потрошен контингентот од пет шлепери полни со нови лопати нарачани за неодамнешните избори) и да „сади“ камења- темелници. Во меѓувреме, двете партии продолжија со „истраги“ за криминални дејства и дискредитација на личности, небаре се истражни органи, и тоа со зачудувачки детали (не знам дали се и точни, а за нивото на кажаното нема да зборувам). Потоа во Њујорк, претседателот на државата си дозволи и математички операции во кавга со личност – макар и амбасадор – кој никако не му е ниво. (Паланчаните му аплаудираа, без притоа да имаат поим што е протокол за однесување на еден шеф на држава, особено надвор, и како сериозни кругови ги третираат таквите настапи. „Ама, ај не дрндај“, ќе ми речат тие и ќе ми залепат етикета. „Благодарам“, ќе одговорам јас, но тоа нема да ја намали, најблаго речено, покажаната несмасност).
И се' така си муабетевме за „важни збиднувања“ кога, ете ти иницијатива за бришење на петокраката од државниот грб. Но, таман темата ги загреа ревносните и „ептен упатените“ во хералдиката, иако беше обнароден консензус меѓу партиите за елиминација на идеологијата од минатото, се појави една КНИГА која не само што ја засени таа вест, туку експресно ја елиминира и онаа дека државата официјално влезе во рецесија, односно дека економијата во земјата е на колена. Книгата на МАНУ, Македонска енциклопедија до тој степен ги разбранува духовите, што сите колективно, како хипнотизирани, заборавивме на се' што се случуваше пред тоа. Еден од апсурдите притоа е што токму КНИГА предизвика такви турбуленции. И тоа во земја чии граѓани се при дното од скалата читатели и писменост во Европа!!! А, во дебатата, се чини, најмногу се вклучија оние што КНИГАТА ја „виделе“ во весник (поретко) или на телевизија (најчесто). Единствениот што се појави со цитати и наведување на точните страници во енциклопедијата каде што се наоѓаат тие, досега барем, или колку што ми е мене познато, е професорот Љубомир Фрчкоски во неговата колумна во „Дневник“. А, потоа и академик Милан Ѓурчинов, чии аргументи се за почит. Тоа се за мене факти, иако запаленковците и ним веднаш им префрлија. Со кој речник, претпоставете сами...
Значи, малку потсмирените поделби на „патриоти“ и „предавници“, на „антички“ и „славјански“ добија нова храна: меѓу публиката пцости и недоквакани коментари и навреди, меѓу политичарите најнапред вкочанети, до релативно смирени реакции, а потоа, како што се „загреваше атмосферата“ и груби до радикалност. Треба ли да веруваме дека „примирјето со Охридскиот договор е нарушено“ (некои новинарски пера дури пренесоа дека е „прекинато“, што, ако ги употребеа малкуте „сиви мозочни клетки“ ќе увидеа дека тоа значи оти во земјава веќе имаме воен конфликт!), или дека зад ова „стојат некои мрачни сили“!? И тоа треба да се оцени на зрели и одговорни политичари кои, овојпат јавноста, без оглед на националната припадност, ги прозва да ја смират топката. „Бедна наука ако политичарите треба да и' кажуваат како се прават капитални дела“, ми вели еден пријател кој не е академик, но има, за среќа, се' уште, здрав разум. Ама се сомнева, засега не знам дали со право, дека зад КНИГАТА стои токму политика...
Сега земјата има проблем и тоа каков. Пред само малку време претседателот на државата, при посетата на Берлин, ги пренесе зборовите на неговиот германски колега Хорст Келер, според кој, и земјите на развиена Европа можат да учат од Македонија како со доверба се живее во мултиетничко општество. Тоа е раскопано и граѓаните се најдоа во нов вител на „нормалната“ шокантна состојба што ни ја приредуваат час најодговорните политичари, час претпоставените „мудреци“, зашто на МАНУ ова и' е вторпат - по „поделбата на териториите и размената на народите“ (како меѓу Индија и Пакистан во далечните години на минатиот век) што се покажа дека е по нарачка на политиката.
Едно е неспорно: За жал, токму политиката е повикана да покаже разум и да ја расчисти маглата во главите на некои наши „подвижни споменици на целокупниот ум“. За вестите дека индустриското производството во државава и натаму паѓа и дека во многу бранши се губат работни места, дека расте сиромаштијата, да бидат оние доминантните и таму да се насочи енергијата за тоа да се ублажи. Ајде баш да видиме дали имаат толку доблест и храброст барем сега да излезат од желкините оклопи, без пароли и црвени ленти... и да реализираат – како што би рекле.
П.С. Неколку дена во непосредна близина на Транспортниот центар во Скопје, значи, железничката и автобуската станица, е распнат циркуски шатор. Како симбол за оние што пристигнуваат во метро(и)полата да знаат каде доаѓаат, а за оние што заминуваат, каде биле.
(Авторот е новинар)
|