Број 3100  петок, 02 октомври 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter

Сите очи на Брисел вперени во Даблин

Ирците денеска по втор пат ќе излезат на референдум за Лисабонскиот договор

Од нашиот дописник
Слободанка Јовановска

Брисел - Очите на Брисел денес се вперени во Даблин, од каде што ќе пристигне вест дали вториот контроверзен референдум за Лисабонскиот договор ќе добие втора шанса да стапи во сила, или, пак, ќе замине во историјата. За разлика од претходниот референдум, кога се внимаваше, колку-толку, на политичкиот бон- тон, овојпат се ставени во погон сите средства, од пари до уцени, закани, подмитувања, и од оние што се за и оние што се против европскиот устав. И досега проектите на ЕУ, како еврото и шенгенот, наидуваа на силни отпори во некои земји, но драмата што го следи Лисабонскиот договор е без преседан досега, парализирајќи ја веќе четири години Европската унија, а годинава и најбуквално, поради неможноста да се именува Европската комисија. Прогнозите моментно се дека референдумот ќе успее, но влогот е толку голем што никој во Брисел не се осмелува тоа јавно да го каже. Причина за тоа е и очекувањето лисабонскиот серијал да продолжи и по Ирска, поради најавите од Чешка дека група сенатори поднеле ново барање за преиспитување на компатибилноста на европскиот устав со националниот, што би значело уште од четири до шест месеци пролонгирање на ратификацијата. Веќе сега станува јасно дека Ирска ќе го нема крајниот збор и оти расте притисокот во Велика Британија да му се возврати ударот на Брисел, па ако може Ирска, можеби и Британија ќе решава по вторпат за истото прашање. Ваква политичка конфузија немало досега во Европската унија и таа покажа најтранспарентно колку ЕУ е на стаклени нозе, бидејќи не може да го протне најважниот документ за нејзината иднина, а не, пак, да се усогласи околу некоја заедничка политика.

"Можеби е ова сон на службениците, но е ноќна мора за граѓаните", е краткото објаснување на Ирците, кои ја предводат кампањата за отфрлање на Лисабонскиот договор. Нивните аргументи се дека со овој документ ќе биде загрозена сувереноста на државата, дека тој е длабоко недемократски, дека во 60 нови области нема да постојат вета, дека ќе им биде нарушена неутралноста, оти ЕУ ќе му наметне на Даблин легализација на абортусот и како најстрашно - дека ако стапи на сила Лисабонскиот договор нема шанси Тони Блер да не стане претседател на ЕУ. Освен што сами се заплашуваа, Ирците практично ги заплашуваше кој стигна, и во таа нонстоп психолошка "војна" главните пораки беа дека отфрлајќи го договорот Ирска ќе се стави во изолација во Унијата, дека не гласа за или против договорот, туку да биде внатре или надвор од ЕУ или барем од монетарната унија, па и тоа дека ќе остане без свој комесар ако продолжи да ја кочи ратификацијата. На сцена изминатите неколку седмици стапи и Брисел, истурајќи околу два милиона евра само за кампања во ирските весници и во компании за односи со јавност, што кулминираше со објавувањето на контроверзни 16 страници обраќање до граѓаните во сите ирски весници без исклучок, што се' уште е предмет на осуди во Даблин како грубо и незаконско мешање во државата. На помош на Жозе Мануел Баросо му дојде и ирската авиокомпанија "Рајанер", односно нејзиниот сопственик, кој не се обиде да скрие дека агитира за референдумот, бидејќи очекува за возврат да добие согласност од Брисел за купување друга авиокомпанија. "Рајанер" организираше бесплатни летови до Даблин за сите еврокомесари, кои сакаа да им порачаат на Ирците да гласаат за, а меѓу оние што го направија тоа беше и еврокомесарот за транспорт во чија надлежност е фамозната зделка за која е заинтересирана компанијата. Врв на се' се информациите дека во Чешка размислуваат да почнат постапка за прогласување како "неактивен" на претседателот Вацлав Клаус, кој упорно одбива да го потпише Лисабонскиот договор, а претседателот Никола Саркози по француските медиуми покажува мускули со пораките дека ако Прага не се дисциплинира и тие ќе го изгубат својот комесар. Што е тоа што го прави толку вреден и неопходен договорот е прашање што не' засега и нас, како земја која бара членство во Унијата.

Со новиот устав ЕУ првпат ќе добие нагласена надворешна политика, а ќе отвори пат и за заедничка одбранбена политика, со најави за отворање воено седиште, паралелно на тоа на алијансата. Договорот предвидува именување на претседател на ЕУ и шеф на дипломатијата, класична дипломатска мрежа што ќе им конкурира на националните, мнозинско гласање и без вето во 60 области (не и за нашиот спор), можност не само за влез туку и за губење на членството во ЕУ, задолжително почитување на Повелбата за човекови права и, како најинтересно, принципот како од член пет на Повелбата на НАТО - кога ќе биде нападната една членка да ја бранат сите. Неофицијално, претседателот треба да биде слаба фигура, а обидите да се спречи Лондон да организира референдум може навистина да го сместат Тони Блер на таа функција, како политичка компензација. Неофицијално, Валтер Штајнмаер, откако ги изгуби изборите во Германија, сака да ја добие фотелјата шеф на дипломатијата, а во негови раце, покрај останатите, ќе биде и досието за проширување на Унијата. За Македонија најдобро е Лисабонскиот договор да помине, но малку да се развлече неговата процедура, додека не заврши парламентарната расправа за визите во ноември, бидејќи, според Лисабон, одлуката на ЕП е задолжителна за Комисијата и процедурата подолго трае. Усвојувањето на договорот ќе го откочи процесот на проширувањето, кој буквално беше замрзнат по првиот референдум, иако никој во Брисел тоа не сакаше така директно да го каже. Најпарадоксално е што и да не помине договорот, проширувањето ќе продолжи со темпо со кое би продолжило и со него, бидејќи јавна тајна во ЕУ е дека и со неуспех во Ирска, тој ќе се имплементира, дел по дел, без кој било да се најде повикан да гласа. Клучно прашање е дали Лисабонскиот договор навистина беше причина за блокада на проширувањето или беше само изговор, освен тоа што проширувањето беше користено како оружје против тие кои го сакаа процесот, но не и уставот. Од Брисел многупати ја користат метафората за ЕУ како патека со многу пречки и колку и да прескокне некоја земја, се испречуваат нови, бидејќи ЕУ е "процес", кој не стои. Токму упорноста да помине Уставот, прекрстен во Лисабонски договор, иако и според авторите во него не е сменета ниту запирка, е доказ дека кога има расположение ништо не е неможно во Брисел, и обратно.


#
Статијата е прочитана 512 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Насловна
Двојни аршини
ММФ ни прогнозира пад на БДП од 2,5 отсто
Дали промената на власта ќе смени нешто во Грција?
Зденко
Насловна
Пироманите го гаснат пожарот
Царината тактизира за „Фершпед“
Четири града во трка за Олимијадата 2016
Земјотресот во Индонезија однесе над 450 животи
Зошто никој не го гасне огнот кај Албанците
На духовното богатство му треба и грижа
Дали социјализмот умира?
„Нормална“ шок-состојба
Еротската песна на Иво Санадер ја крена Хрватска на нозе