Колку губи државниот буџет од се' поевтината нафта?
Во ресорот за финансии нема одговор дали ќе се остварат планираните приходи од ДДВ за 2009 година
Нина Нинеска-Фиданоска Александрија Стевковска
Колку пари губи државниот буџет поради падот на цената на нафтата на светските берзи, што сосема логично доведува и до намалување на сумите на данок на додадена вредност што се наплатува од нафтените деривати? Ако во периодот кога цената на нафтата во светот буквално дивееше и секој ден соборуваше нови и се' повисоки ценовни рекорди главно прашање беше колкави вишоци пари врз основа на ДДВ се слеваат во државната каса, сега се поставува токму обратната дилема - колкави се загубите, односно намалувањето на приходите во буџетот како последица на постојаното снижување на цените на црното злато, што резултира и со спуштање на цените на бензините во земјава, а со тоа и на износот на ДДВ што се наплатува на нафтените деривати. Тоа произлегува од фактот што ДДВ се наплатува како процент од цената на бензините, односно 18 проценти, па доколку е повисока цената, повисока е и сумата на ДДВ што се собира во државната каса и спротивно, како што се намалува цената на бензините така се спушта и износот на ДДВ од нафтените деривати.
Второто прашање што се поставува неминовно е дали и колку ќе биде одржлив буџетот за 2009 година или конкретно приходите од ДДВ токму поради намалувањето на цената на нафтата на светските берзи, која моментно е малку над 40 долари за барел, додека во јули минатата година достигна рекордна вредност од дури 147 долари за барел. Поточно, ако во јули лани цената на бензинот во земјава изнесуваше околу 78 денари, а ако сега таа е сведена на 46 денари, сосема е извесно дека државата моментно наплатува многу понизок ДДВ од нафтените деривати. Ако цената на нафтата продолжи да паѓа, па дури и ако остане на ова ниво од околу 40 до 50 долари за барел, државата сигурно дека не може да се надева на солидни полнења врз основа на ДДВ во наредниот период. Според експертите, главна дилема е на кое ниво на цени на нафтата биле планирани приходите од ДДВ. Но, од Министерството за финансии таков одговор не може да се добие, бидејќи проекциите не се правеле врз основ на цените на дериватите ниту, пак, ��е пресметувал ДДВ за одделни видови производи, туку на генерално ниво.
Инаку, „Утрински весник“ пред неколку месеци објави податоци токму од Министерството за финансии, кое пресмета дека во првите 6 месеци од 2008 година, од вкупниот ДДВ што се слеал во државната дури 20 милиони евра биле ефект на високата инфлација, односно толку пари практично биле повеќе „исцедени“ од граѓаните и фирмите врз база на ДДВ, отколку во случај ако инфлацијата беше на ниво од 3 проценти. Од нив, вишокот „нафтен ДДВ“, бил најголем и изнесувал 14,4 милиони евра, што значи толку пари повеќе се собрале во буџетот од повисоките цени на нафтата.
Но, колкави биле загубите откако драматично почна да паѓа цената на нафтата од септември годинава, продолжувајќи го тој тренд во целиот изминат период од неколку месеци?
Во Министерството за финансии тврдат дека за 2008 година нема некое големо негативно отстапување, односно разлика меѓу остварените и планираните приходи од ДДВ, поради тоа што дошло до компензација на приходите. „Генерално земено, нема некоја голема разлика, бидејќи дојде до компензација на повисоките приходи во првата половина од 2008 со пониските приходи во втората половина од годината. Така што во основа нема некој негативен ефект врз буџетот од 2008 година“, изјави Мартин Мартиновски, портпарол на Министерството за финансии.
Во поглед на буџетот за 2009, пак, во Министерството за финансии велат дека нема пресметки како ќе се одразат пониските цени на нафтата врз планираните приходи, бидејќи проекциите за ДДВ не се правеле врз база на проекции на ДДВ од одделни производи и услуги, туку генерално, врз база на проектираниот раст на економијата за следната година. „Проекцијата на приходите не се прави врз база на конкретните производи, кои ги има илјадници, па вклучително ни врз основа на нафтените деривати“, објаснува Мартиновски. Поради тоа, нашите власти не можеле да знаат како ќе се одразат пониските цени на буџетот. Тоа ќе се следело во текот на годината, но дури на 15 јануари ќе се направи првиот пресек.
Инаку, за 2009 година власта планира дека од ДДВ вкупно ќе оствари приходи од дури 42,6 милијарди денари или близу 693 милиони евра. Во 2008, пак, од ДДВ вкупно биле остварени 38,7 милијарди денари или 629 милиони евра. Значи, за годинава се проектирани повеќе приходи од ДДВ од 64 милиони евра.
Инаку, според грубите процени на Министерството за финансии, на ДДВ од нафтени деривати отпаѓа околу 10 проценти од вкупниот ДДВ. Тоа би значело дека за годинава се очекува само од ДДВ од дериватите да се остварат приливи од 69,3 милиони евра. Но, дали навистина ќе дојдат толку високи приходи, ќе биде под голем знак прашање и ќе зависи од тоа како ќе се движат цените на нафтата годинава.
Експертите не ја исклучуваат можноста да трпи приходната страна на буџетот поради пониските цени на нафтата.
„Многу е важно како се проектирани приходите во буџетот врз основа на нивото на цената на нафтата. Ако претпоставиме дека проекциите за приходите се направени со цена на нафтата од 80 долари за барел, а нафтата остане на нивото од 40 долари за барел, се разбира дека ќе трпи буџетот во својата приходна страна и ќе биде доведена во прашање неговата одржливост. Доколку, пак, проекциите се направени врз база на цената на нафтата од 40 долари за барел, а таа чини околу 30 или 35 долари, тогаш разликата во приходите во буџетот нема да биде голема и нема да претставува закана за одржување на државните проекции“, вели професорот на Американ колеџ, Томе Неновски, кој потенцира дека за да се добие слика за судбината на буџетските проекции, најважно е да се знае на кое ниво на цената на нафтата се тие планирани.
Според него, доколку има раздвижување на економската активност во светот, ќе дојде до поголема побарувачка на овој енергенс и зголемување на неговата цена, што пак ќе овозможи и зголемување на приходите, врз основа на поголема наплата на давачки од увозот на овој енергенс. |