Обама предупредува: Ако не сториме ништо, рецесијата ќе трае
Вашингтон - Новоизбраниот претседател на САД Барак Обама имаше обраќање на универзитетот Џорџ Мејсон во Вирџинија, посветено на економската обнова на земјата и на усвојувањето финансиски план за стимулирање на економијата. „Ја почнавме 2009 година во состојба на криза, различна од се што досега сме виделе во текот на животот“, изјави Обама пред аудиториумот, составен од сенатори, гувернери и конгресмени. Обама стави акцент врз итноста на преземањето мерки за спас на земјата. „Не мислам дека е доцна да извршиме промена во курсот, но ако не дејствуваме веднаш, рецесијата може да трае со години“, предупреди Обама. Тој го обвини Волстрит за донесувањето „непромислени и опасни одлуки“, кои довеле до сегашната криза. „Цената на планот ќе биде значителна и на краткорочен план ќе го зголеми буџетскиот дефицит“, призна Барак Обама. Тој вети дека ќе ги намали даноците за 1.000 долари. Обама предупреди дека доколку Конгресот не инјектира средства во економијата тоа ќе има тешки и долготрајни последици за земјата, пренесуваат агенциите. Од друга старна, пак, британскиот министер за бизнис и трговија лорд Менделсон го предупреди Обама дека ќе се направи „голема грешка“ ако на производителите на автомобили им се префрлаат пари за помош, без притоа компаниите да извршат реформирање. (МИА) |