Фудбалски вести
Капело: Ибра ќе биде подобар од Ван Бастен
Селекторот на Англија Фабио Капело го спореди засилувањето на Барселона Ибрахимовиќ со легендарниот Холанѓанец Марко ван Бастен. И двајцата имаше можност да ги тренира. Ван Бастен во текот на 90. години како тренер на Милан, а Ибрахимовиќ во Јувентус во периодот од 2004 до 2006.
„Кога Златан стигна во Италија беше неизбрусен дијамант. Но, сега е комплетен, најдобар напаѓач во светот и невозможно е да се чува во шеснаесетникот. Знам дека тешко е да се споредуваат Ибрахимовиќ и Ван Бастен, но поради својата сила и техника мислам дека Ибра ќе го надмине Марко“, изјави Капело и додаде: „На Златан му требаше време да созрее. Но тој е паметно момче. Неверојатно е надарен, способен да задржи позиција, да се ослободи од двајца и да најде простор за шут. Марко, пак, се роди со топка во нозете. А, Златан беше толку заљубен во фудбалот што повеќе уживаше да игра со топката отколку да шутира кон голот. Тоа се промени откога му ги пуштив снимките од натпреваритер на Ван Бастен. По нивното гледање тргна многу поконкретно кон голот. Тоа што двајацата го имаат е природната интелегенција“, смета Капело.
Паралено со оваа компарација на Капело, камерунскиот напаѓач Самјуел Ето, кој како дел од трансферот на Ибрахимовиќ во Барса се пресели во Интер, се обидува да побегне од споредбата токму со Швеѓанецот. Во морето прашања на претставувањето во Интер се најде и она за Ибрахимовиќ и неговата трага која ќе биде тешко да се повтори.
„Јас сум Ето и не сакам да ме споредуваат со никого. На Ибрахимовиќ му посакувам се најдобро во Барселона, мојот дом во последните пет години“.
На прашањето зошто не го бакнал дресот на Интер, како што тоа го направил Ибрахимовиќ на „Ноу камп“, Ето одговори: „Воопшто не ми е гајле што прави Ибрахимовиќ. Не го бакнав дресот биддејќи сакам прво да победувам“.
Фергусон: Не би сакал да сум на местото на Пелегрини
Менаџерот на Манчестер јунајтед Алекс Фергусон смета дека Реал М ќе им огромни проблеми да го вклопи тимот поради тоа што перверзните купувања на Перез собраа премногу ѕзведзи на едно место.
„Ќе ми биде жал кога Мануел Пелегрини ќе мора да го бира првиот состав. Не би сакал да сум на негово место. Му кажав на Роналдо кога заминуваше дека нема да игра на својата позиција, бидејќи тие немаат центархалф. Тешко е со сите тие индивидуалци да најдат вистинска рамнотежа. Така ви е тоа кога така се создава екипа“, потенцираше Фергусон.
Роналдо го даде првиот гол за Реал М.
Кристијано Роналдо, најголемото засилување на Реал Мадрид ова лето го постигна првиот гол во дресот на „кралевите“. Го заби на „Пис купот“ од пенал против еквадорскиот ЛДУ Квито. Реал М. на крајот славеше со 4:2, а серијата ја почна токму Роналдо во 50 минута, кога нанижа двајца противници, а потоа беше соборен во шеснаесетникот од Карлос Араујо, по што самиот го изведе ударот од 11 метри. Гранеро зголеми на 2:0, а Вера намали на 1:2. Но Мецелдер и Негредо го решија прашањето на победникот. Во полуфиналето Реал М ќе игра со Јувентус, а во вториот меч Порто ќе се сретне со подобриот од дуелот Аѕтон Вила - Атланте.
Реал М играше во состав: Дудек, Салгадо, Пепе, Мецелдер, Марсело, Робен (Гранеро), Гути (Дренте), Гаго, Роналдо (Диара), Игуаин (Раул), Бензема (Негредо). Кака се' уште чека на првиот настап за Реал М.
Андерлехт ги разби Турците
Најубедливата победа во првиот меч од 3. претколо во Лигата на шампионите ја оствари Андерлехт, кој многу лесно мина со турскиот Сиваспор. Белгијците славе со дури 5:0, со што им ја угасија сета надеж на Турците дека може да направат нешто во реваншот. Македонскиот тренер Ѓоко Хаџиевски со својот Баку одигра 0:0 со Левски (така заврши и мечот меѓу казакхстанскиот Актобе и Макаби Хаифа), а Спарта Прага го совлада Панатинаикос со 3:1.
Берлускони веќе не дава пари за стари фудбалери
Претседателот ан Милан, Силвио Берлускони, го повикал тренерот Леонардо и му наредил во преодниот рок да бира млади фудбалери. Милан во последните години беше жестоко критикуван дека иднината ја гради со фудбалери постари од 30 години, како што беа Малдини, Бекам, Сидорф, Роналдињо. „Нема веќе да купуваме играчи постари од 30 години. Ќе купуваме фудбалери кои имаат помалку од 23“, кажа Берлускони. Досега Милан купи двајца играчи - Онјева Огучи и Тијаго Силва.
Баслер го понижи Шимуниќ
Бившиот германски фудбалер и актуелен спортски директор на четвртолигашот Ајнтрахт Трир, Марио Баслер, нема превисоко мислење за хрватскиот репрезентативец Јосип Шимуниќ, кој минатата сезона одигра солидно за Херта и беше фален од германските новинари.
„Тој е неспособен фудбалер кој има 31 година. Доби повеќе црвени картони отколку што навивачите на Хофенхајм можеа да видат на сите домашни натпревари во Бундеслигата. И за него Хофенхајм плати седум милиони евра. Лусио, дефанзивецот на Баерн мина во Интер за осум милиони, а Хофенхајм скоро еднакво плати за Шимуниќ, кој не може со ништо да помогне. Тоа е смешно“, напиша Баслер во својата колумна во „Билд“. |