Бидерман му го нанесе најтешкиот пораз на Фелпс
Освојувачот на осум злата во Пекинг по поразот на 200. слободно призна дека денгубел шест месеци
Германецот Пол Бидерман е новиот светски шампион на 200 метри слободно. До второто злато на Светското првенство во Рим (беше најдобар и на 400 метри слободно) тој стигна со време за нов светски рекорд од 1:42,00 минути, резултат што е за дури 96 стотинки подобар од најдобриот досега во оваа дисциплина на Американецот Мајкл Фелпс од Игрите во Пекинг. Токму Фелпс заврши како втор (1:43,22 минути), бронзениот медал го освои Русинот Данило Изотов (1:43,90 минути).
„Знаев дека ќе биде тешка трка, но морам да признам дека никогаш досега не сум се чувствувал вака немоќно. Дадов се од себе меѓутоа не можев да го стигнам. Не му можев ништо во последните 50 метри. Бидерман е во подобра форма од мене, физички е подобро подготвен, а тоа е се што треба кога се во прашање дисциплини кои не се спринтерски. Морам подобро да се подготвам на физички план доколку сакам да се натпреварувам со најдобрите“, рече Фелпс.
„Веројатно погрешив во подготовките за ова светско првенство. Никогаш во животот не сум денгубел шест месеци и затоа и не знаев што да очекувам од настапите во Рим. Мора да се вратам во вистинска форма, да бидам подобар наредната година. Но, мојата цел е кристално јасно и таа и натаму останува ОИ 2012 во Лондон“, заврши Фелпс.
Со време за нов светски рекорд на 100 метри градно пливаше и Британката Гема Стофорд. Во финалето таа оствари резултат 58,12 секунди и за 36 стотинки го поправи рекордот на Русинката Анастасија Зујева од понеделникот. Зујева го освои второто место (58,18 секунди), бронзата заврши на градите на Емили Сибом од Австралија (58,88 секунди).
Светски рекорди паѓаа и во полуфиналните трки во третиот натпреварувачки ден во пливање на СП 2009. Ги поставија Италијанката Федерика Пелегрини и Јужноафриканецот Камерон ван дер Бург. Во полуфиналето на 200 метри слободно Пелегрини пливаше 1:53,67 минути и за 80 стотинки го подобри нејзиниот рекорд во оваа дисциплина постигнат во март оваа година. Ван дер Бург, пак, е новиот светски рекордер на 50 метри градно. Неговиот резултат од полуфиналнат�� трка е 26,74 секунди, односно, 15 стотинки побрзо од досегашниот рекорд на Бразилецот Фелипе Франко Силва од мај оваа година.
Американката Ребека Сони стана светска шампионка на 100 метри градно. Во финалната трка таа исплива време од 1:04,93 минути. Среброто и' припадна на Русинката Јулија Јефимова (1:05,41 минути), бронзата на Американката Кејси Карлсон (1:05,75 минути).
Јапонецот Јуни Кога е нов светски првак на 100 метри грбно. До златото тој пливаше со време 52,26 секунди што е нов рекорд на светските првенства. Германецот Хелге Меув заврши на втората позиција со нов европски рекорд кој сега гласи 52,54 секунди, трет беше Шпанецот Ашвин Вилдебоер (52,64 секунди).
Италијанката Алесија Филипи се закити со златниот медал на 1.500 метри слободно. За домаќинот на мундијалот ова е втор златен медал во Рим. Времето што таа го оствари е 15:44,93 минути што воедно претставува нов рекорд на мундијалите. Сребреното одличје го освои Лоте Фрис од Данска (15:46,30 минути), бронзеното Романката Камелија Алија Потек (15:55,63 минути).
Наумовски 132 на 100 метри слободно, Јованов 131.
Нови два симболични резултати на нашите пливачи на Светското првенство во Рим. Сергеј Наумовски и Бојан Јованов вчера настапија во квалификациите на 100 метри слободно, Наумовски оствари време од 53,30 секунди и заврши на 132 позиција во конечниот пласман во оваа дисциплина, Јованов е едно место погоре со резултат 53,27 секунди (три стотинки подобро од Наумовски). Најдобриот резултат во квалификациите го забележа Американецот Дејвид Волтерс (47,59 секунди).
ФИНА ги забранува високотехнолошките костими за пливање
Меѓународната пливачка асоцијација (ФИНА) ја потврди минатонеделната одлука на Управниот одбор за забрана на високотехнолошките костими за пливање од наредната година. Новиот правилник ќе се донесе до мај во 2010 година.
Од ФИНА најавуваат дека ќе дозволат употреба само на костими изработени од текстил. Машките ќе биде дозволено да го покриваат телото од половина до натколена, женските нема да смеат да одат над рамења и под колена. Со новиот правилник исто така ќе се одредат и дозволените станарди за еластичност, дебелина и пропуштање вода на костимите.
Прецизниот правилник ќе го донесе научната комисија при ФИНА, а компаниите кои се занимаваат со производство на пливачки костими ќе знаат што ќе можат да произведуваат до 30 септември.
ФИНА реши да воведе сроги правила врзани за пливачките костими поради повеќе од 150 светски рекорди што беа постигнати во изминатите година и половина. Само во првите три дена на Светското првенство во Рим беа соборени 15 светски рекорди. |