Шумахер ќе го замени Маса во Ферари
Шумахер подготвен за кам-бек во Валенсија. Маса го отвори окото и добро гледа со него
Web update
09:00 30.07. - Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Михаел Шумахер ќе го замени Фелипе Маса во екипата на Ферари, во седумте преостанати трки од оваа сезона.
Веста ја објави германскиот весник „Билд“, според кој Шумахер лично потврдил дека ќе ги вози преостанатите трки и воедно му се заблагодари на Господ што Фелипе Маса е вон животна опасност.
„Вистина е дека јас сум ја завршил својата авантура во Формула 1, но не можам да не одговорам на таквото барање на мојот тим кој се наоѓа во еден тежок момент“, изјави Шумахер.
На 23 август, на Големата Награда на Европа која се одржува во Валенсија, на воланот на болидот на Ферари ќе застане Михаел Шумахер, покрај Кими Раиконен, што претставува мотив повеќе за италијанскиот тим кој во тековната сезона се уште не го почуствувал вкусот на победата. (Макфакс)
Текст од печатеното издание:
„Не постојат никакви видливи знаци на оштетување“, порача неговиот личен доктор Дино Алтман
Одлични вести за опоравувањето на 28 годишниот пилот на Ферари, Бразилецот Фелипе Маса, стигнуваат од неговиот личен доктор, Дино Алтман.
„Фелипе го отвори повреденото око и не' гледаше со него. Не постојат никакви видливи знаци на оштетување на окото“, порача неговиот личен доктор, Дино Алтман.
Службеник во воената болница во Будимпешта, АЕК, во која се' уште се наоѓа Маса, сепак, дава далеку попретпазлива изјава.
„Окото на Маса ќе може да го да го прегледаме и провериме за седум до десет дена. Пред тоа никако“, вели претставник на болницата АЕК.
Од опоравувањето е задоволен и таткото на Мааа, Луис Антонио.
„Фелипе е се' подобар и подобар и тоа не од ден во ден туку од час во час“, изјави Луис Антонио.
Според моментните информации Маса наредната недела најверојатно ќе ја напушти воената болница во Будимпешта.
Шумахер подготвен за кам-бек?
Според многумина најдобриот возач во Формула 1 на сите времиња, Германецот Михаел Шумахер (40), не ја отфрла можноста повторно да седне во болидот на Ферари по повредата на Бразилецот Фелипе Маса.
По бизарната и тешка несреќа на саботниот тренинг на Хунгароринг на Фелипе Маса, веднаш се јавија гласишта дека Ферари може да побара од Шумахер да се реактивира возачки по речиси тригодишна пауза. И додека во првиот момент веста се чинеше како сензација и пуста желба на Ферари, во вторникот Би-Би-Си објави дека седумкратниот Ф1 шампион најверојарно повторнио ќе седне зад воланот.
„Целата приказна за кам-бек на Шумахер мора да почне од Ферари. Доколку тие го замолат Михаел, тој сигурно ќе размисли за таквата опција“, вели портпаролката на Шумахер, Сабине Кем, во изјава за Би-Би-Си и додава:
„Засега нема причина Михаел Шумахер да излегува во медиуми во врска со ова прашање. Во сите други ситуации јас би рекла дека тој не е заинтересиран за враќање во Формула 1 бидејќи е задоволен со моментниот живот. Но, ова е сосема поинаква ситуација и поради тоа Михаел не сака ништо јавно да говори, барем засега“.
Таа порача дека Шумахер е во извонредна физичка форма и дека и натаму тренира секој ден, но не е сигурен дали е доволно подгтовен за трки.
„Михаел имаше несреќа со мотор во април. Тогаш имаше проблеми со вратот и јас не можам да кажам дали денеска неговиот врат може да ги поднесе силите кои се јавуваат во трките. Доколку Ферари го побара како замена за Маса тој ќе ја разгледа таа идеја, но не заборавајте дека Шумахер веќе има 40 години“, заврши Кем.
БМВ се повлекува на крајот на сезоната
Германскиот производител на автомобили, БМВ, ќе се повлече од Формула 1 шампионатот на крајот од оваа сезона. Веста ја објави претседателот на управата на БМВ, Норберт Рајтхофер.
Причина за тоа не се ниту големите трошоци ниту слабите резултати.
„Управниот одбор одлучи дека е време за промена на стратегијата“, објаснува Рајтхофер и додаде дека БМВ ќе остане активен во други автомобилистички спортови.
БМВ во 2005 година ја презеде швајцарската екипа Заубер, а претходно произведуваше мотори за Вилијамс.
|