Ружин: Со форум до решение името
Претседателскиот кандидат на ЛДП, Нано Ружин, вчера на прес-конференција најави дека согласно со уставните ингеренции, доколку победи на изборите, ќе се фокусира, како што рече, на дипломатијата на врвот, преку сопствени иницијативи и проекти.
„Ќе се практикува поагресивна државна политика во однос на подобрување на добрососедските односи, експресно влегување на Македонија во НАТО и во ЕУ, како и механизам за решавање на прашањето за името со јужниот сосед“, рече Ружин.
За надминување на актуелната блокада и деградирачка положба на македонската дипломатија, како што рече, Ружин најави формирање меѓупартиски форум. Форумот, заедно со него, би ја понел политичката и историската одговорност да го потпише она за што, како што нагласи, тој би се договорил со Владата како заедничка стратегија за решавање на прашањето за името.
Одговарајќи на новинарско прашање, Ружин рече дека го прифатил личното извинување од претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов за изјавата дека му помогнал да ги собере потребните потписи, но само како граѓанин, а не и како политичар. (П.Р.) |