Управните судии да одлучуваат непристрасно за изборни жалби
Управните судии кои ќе одлучуваат за евентуални жалби и спорови во врска со изборниот процес треба да бидат непристрасни, политички неутрални, ефикасно и брзо да донесуваат одлуки и соодветно да ги толкуваат законите, со цел да не се создава недоверба во судството и да се обезбеди докрај фер изборен процес, порача шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија, Хозе Луис Хереро, на обуката за судиите организирана од ОБСЕ. Поведените постапки за минатите избори, донесените одлуки за дел од нив, според него, можат да придонесат за подобрување на овој изборен процес.
„Судскиот систем направи напори да ги разреши овие случаи и мислам дека поради овој факт ќе може да видиме директни подобрувања во изборниот процес“, рече Хереро.
Тој додаде дека иако постојат некои дела кои не се директно поврзани со Изборниот законик, според него, тие сепак спаѓаат во дела поврзани со изборниот процес без разлика дали се кривични или прекршочни, поради што мора да се гонат еднакво брзо и ефективно.
Обуката што ја организира ОБСЕ е заокружување на поголемиот број обуки за судиите од Управниот суд, кој согласно со измените на Изборниот законик во иднина ќе биде надлежен за одлучување за изборни жалби, за разлика од досега, кога надлежен беше Врховниот суд. Претседателката на Управниот суд, Розалија Кочковска, потенцираше дека судиите се подготвени и обучени и изрази уверување дека добро ќе се справат со евентуалните жалби во изборниот процес, односно заштитата на изборното право. (МИА) |