Одобрени ли се 85 милијарди евра помош за Ирска?
Даблин - Европската унија и ММФ ја одобрија помошта за Ирска во висина од 85 милијарди евра. Претставници на ЕУ, Европската централна банка и ММФ постигнаа согласност за условите за пакетот за санација, пренесува агенцијата АФП, повикувајќи се на дипломатски кругови во Брисел. Оваа спогодба треба да биде одобрена и од европските министри за финансии. Ирска може да биде принудена да се согласи да плаќа 6,7 проценти камата на финансиската помош. Тоа е многу повеќе од каматата од 5,2 отсто што Грција се согласи да ја плаќа во мај, соопшти државната телевизија Ер-Те-Е.
Портпаролот за финансиски прашања на главната опозициска партија Фина гејл, Мајкл Нунан, истакна дека оваа камата е превисока и не може да биде прифатена во рамки на прогнозата за разумен раст.
Весникот „Ајриш тајмс“, меѓутоа, тврди дека каматата ќе биде под 6,7 отсто, повикувајќи се на извор поврзан со преговорите.
Ирската влада објави план за драстично штедење, во вредност од 15 милијарди евра до 2014 година, неопходен како услов за доделување на спасувачката помош од ЕУ и од ММФ.
Планот има цел до 2014 година десет пати да го намали буџетскиот дефицит на земјата, до три проценти од бруто домашниот производ (БДП), во однос на моментните рекордни 32 процента од БДП. (Ек.Р.)
|