И Германија има долгови, но каде се?
Фондовите за спас на семеен бизнис и банки не се регистрираат како ново задолжување
Според општото економско сфаќање, и Германија смее да прави долгови. Тоа има смисла се' додека така се финансираат инвестициите, на пример, во инфраструктурата или во образованието. Оти, од тие инвестиции се постигнува добивка - добрата инфраструктура прави земјата да биде поатрактивна за стопанисување, поттикнува инвестирање, на долг рок носи поголеми даночни приходи. Добар образовен систем, пак, на луѓето им овозможува да дојдат до подобро платени работни места, што истовремено значи и поголеми приходи на државата од данок. Значи, бесмислена е омилената теза на политичарите дека правењето долгови било префрлување на товарот врз наредните генерации, оти и тие непосредно ќе профитираат од инвестициите на државата. Се разбира, од родителите ќе го наследат и долгот на државата со умерена камата.
Може дури и да се бара во одредени ситуации државата со кредитирање да финансира, освен инвестициски, и издатоци за потрошувачка. На пример, во време на рецесија, за да се компензира опаѓањето на приватната побарувачка. Претпоставка за ова е државата таквите долгови веднаш да ги намири, штом ќе дојде до стопански подем и до пораст на даночните приходи. Но, од 1957 година во Германија практично ниту еден политичар не се придржува кон ова.
Уставот дозволува поголемо задолжување само за „одбрана од нарушување на севкупната економска рамнотежа“. Со оглед на тоа дека никогаш не владеат истовремено целосна вработеност, надворешно-трговска рамнотежа и стабилно ниво на цените, севкупната економска рамнотежа е секогаш нарушена, што е како покана за незауздано правење долгови.
Покрај ова, кога се постави прашањето како да се финансира германското обединување, политичарите покажаа забележителна фантазија во наоѓањето буџети во сенка - израз со негативен призвук, поради што на сојузно ниво се етаблира поимот „фонд за посебни намени“, иако секако би била поточна ознаката „посебни долгови“. Таквиот фонд на федерацијата служи за финансирање на посебни трошоци: на пример, за поддршка на средните и на семејните претпријатија и на семејствата, за финансирање на стари долгови или, како неодамна, за спасување на банките и за финансирање на конјуктурните пакети против кризата. Една работа им е заедничка - сите тие се надвор од парламентарна контрола и воопшто не се регистрираат кај новото задолжување.
Но, наскоро треба да и' дојде крај на таа системска грешка. Од 2011 година стапува во сила кочницата на задолжувањето, утврдена во уставот. Таа предвидува федерацијата од 2016 година, во нормални времиња, да смее да зема нови кредити во обем од 0,35 проценти од домашниот бруто-производ. Тоа моментно би биле околу девет милијарди евра. За да се постигне таа цел, владата мора од наредната година континуирано да го намалува новото задолжување. Што треба да се случи со планината од 1,7 билиони евра, долгови натрупани во последните 50 години, никој не знае. Би било убаво ако таа планина не стане уште поголема. |