Србија преплавена со хрватски производи
Над 200 хрватски фирми работат на српскиот пазар, а во Хрватска само десетина
Економските односи меѓу Србија и Хрватска во оваа деценија се одликуваат, главно, со позитивен развој, оценуваат аналитичарите на Стопанската комора на Србија (СКС).
Наспроти позитивниот напредок, структурата на српската стока во стоковата размена со Хрватска се' уште не е поволна, стопанствениците се жалат на лошите услови за пласман на српски капитал во Хрватска, а не се решени и имотноправните прашања на компаниите.
Во Србија работат над 200 хрватски фирми, а во Хрватска се присутни само околу десет српски претставништва. Тој број треба да се зголеми со зголемен ангажман на српските компании во наредниот период. Јакнењето на политичкиот и на економски дијалог и институционалното регулирање на меѓусебните односи во изминатиот период, позитивно влијаеше на стопанските односи на двете земји, за што сведочат бројките, наведуваат експерти од СКС.
Според податоците на СКС, обемот на стоковата размена во изминатите седум години е зголемен повеќе од седум пати. Во вкупната остварена стокова размена на Србија со светот, Хрватска е на 10. место во 2009 година, со вкупен обем на промет од 689 милиони долари, додека во вкупниот остварен извоз Хрватска е на 10. место, а според висина на увозот на 11. место. Вкупната стокова размена меѓу Србија и Хрватска од јануари до септември 2010 година изнесува 472,3 милиони долари, што е 3,3 отсто повеќе од истиот период во 2009 година. Извозот во Хрватска изнесува 208,5 милиони долари и бележи раст од 4,3 отсто во однос на истиот период лани. Увозот од Хрватска се зголеми 2,6 отсто во однос на истиот лански период и изнесува 263,8 милиони долари, што значи дека во тој период нашата земја имала дефицит од 55,3 милиони долари.
Најзначајни производи во извозот во Хрватска се бакарни жици, масни погачи од сончоглед, хартија, картон, делови за мотори, струја, шеќерна репка, сончогледово масло, конструкции од лим, од железо или од челик, етилен, авиони. Најзначајни производи во увозот во Србија се трансформатори, полиетилен, цигари, семе од сончоглед, течен пропан, стаклени шишиња, соја во зрно, мандарини, ракови, конзервирани сардели, телекомуникациски проводници.
Најголеми извозници од Србија во Хрватска во првите девет месеци во 2010 година беа „Тетрапак“, ХИП „Петрохемија“, „Дијамант“ - Зрењанин, „Ју-ес стил“ - Смедерево, „Викторија оил“, „Горење“ - Валево. Најголеми увозници од Хрватска во текот на анализираниот период беа „Ина“ Белград, „Атлантик БГ“, ХИП „Петрохемија“, „Подравка“ - Белград, „Ровита“ - Белград, „Карлсберг Србија“, Алатинска пиварница, „Петрохемија“, „Идеја“, „Ју-ес стил“, „Викторија оил“, „Књаз Милош“.
Приоритети во економската соработка се решавањето на имотноправни прашања на фирмите, активностите за создавање услови за пласман на капитал на српски фирми во Хрватска, регионалната соработка, договорното регулирање на преостанатите важни области на соработка, интензивирањето на соработката во процесот на европските интеграции, успешното остварување на соработка во рамките на регионалните иницијативи.
Хрватска е една од значајните земји-учеснички во приватизацијата во Србија, бидејќи од 1999 до 2008 година директните инвестиции на хрватски фирми во Србија изнесуваа околу 500 милиони евра, што опфаќа над 19 отсто од вкупните хрватски инвестиции во странство. Кон средината на 2009 година концернот „Свислајон-Таково“, еден од најголемите кондитори во регионот, ја купи фабриката „Јурофуд маркет“ од Сисак, еден од водечките кондитори на подрачјето на Хрватска, вреден околу 20 милиони евра. Тоа е единствена најголема инвестиција досега во хрватското стопанство.
Како што наведуваат во СКС, досега имало неколку неуспешни обиди за приватизација на хрватски фирми од српски фирми.
(Дневник - Нови Сад) |