Грција ќе добие уште еден бонус
Атина - Европската унија и ММФ може за пет години да го продолжат периодот во кој Грција треба да го врати спасувачкиот кредит, за да и' биде полесно да го сервисира долгот, пишува вчера грчки весник „Реалнењс“, повикувајќи се на функционер на ММФ, пренесоа агенциите.
„Ние имаме можност да го продолжиме периодот на враќање од околу шест години до околу 11 години“, пишува весникот, повикувајќи се на Пол Томсон, службеник на ММФ, одговорен за грчкиот спасувачки заем.
Претставници на Грција, ЕУ и на ММФ многу пати ја смируваа јавноста за можноста од продолжување на периодот во кој Грција треба да го исплати спасувачкиот заем од 110 милијарди евра.
Прв пат, меѓутоа, претставник на ММФ прецизира дека може да се продолжи рокот за исплаќање на заемот, откако Грција ќе ја добие и последната транша во 2013 година, забележуваат агенциите. (МИА) |