„Ареа“
Убедлив концертен кам-бек пред скопјани
По осумгодишна концертна апстиненција, во петокот, 16 април, познатиот македонски рок-состав „Ареа“ направи кам-бек пред скопската публика со двочасовен настап во Универзална сала. Првото акустично издание во живо на гостиварци, по подолга пауза се претвори во задоволство на бројните обожаватели. „Ареа“ направи незаборавно патување низ своите најголеми хитови од досегашните албуми, но и од новото парче „Се' што сакам си ти“.
По громогласниот аплауз од присутните се појавија петтемина членови на групата и го почнаа настанот со композиција од последното издание, а четирите инструменталистки на виолини и на виолончела, заедно со придружниот вокал, значително придонесоа за пријатното доживување на целото музичко случување. Преку „Фреквенција на љубовта“, „Нешто недостасува“, „Очи ангелски“, па се' до „Биди мој“ и „Одведи ме“ тие ги опиваа фановите со својот популарен музички рокерски израз, доживеан многу емотивно и интимно.
Атмосферата во преполната сала од песна во песна постојано се разгоруваше и добиваше интензитет, а задоволната публика постојано со аплауз го држеше ритамот и како голем хор, заедно со Ружица, ги пееше темите со новите анплагт-аранжмани, специјално подготвени само за оваа пригода. Како изненадување во еден момент се појави и хармоникаш за да биде дел од неколку нумери. Присутните двапати ја враќаа „Ареа“ на бината. Групата создаде еуфоричен и достоен крај изведувајќи ги „Јас сум ти пријател“, „Колку ми значиш“ и „Сите мои слики“.
Поради големиот интерес и распродадените билети денеска „Ареа“ ќе одржи и втор концерт пред скопската публика на исто место во исто време. (Б.Ш.) |