Македонците спортуваат само во обложувалници
Новите генерации се потешки од три до пет килограми за разлика од оние пред триесет години
Сашко Ѓ. Димовски
„Рецептот за долг живот е умереноста во храната и во пиењето. Но, особено е важно занимавањето со различни видови рекреација. Затоа добро се чувствувам и во длабока старост", изјави во една прилика Леон Штукељ, легендарниот гимнастичар на поранешна Југославија, за кого велат дека и на 100 години можел да направи подигнување на коњ под агол од 90 степени. Денес таков подвиг не може да направат голем број млади во Македонија, бидејќи се на врвот на најнеактивните во Европа. Фактот дека најдобро ситуираните Европејци се и физички најактивни води кон заклучокот дека Македонија не може да се надева на преродба ако заштитен знак за триесетгодишниците и повозрасните се стомаците (кај мажите) и целулитот (кај жените).
Иако нема официјални истражувања во областа на физичката култура и спортската рекреација, сепак, анкетите што се изготвуваат за разни потреби и проекти даваат слика за активноста на возрасниот Македонец во слободното време и надвор од работното место. Една анкета на постдипломец на Факултетот за физичка култура при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, спроведена во 2009 година во неколку институции и објекти на територијата на општина Аеродром, покажа поразителни бројки. Прашани колку често учествуваат во некоја спортска рекреација најголем дел од испитаниците одговориле негативно. Дури 90,98 отсто од анкетираните од машки пол се изјасниле со „никогаш“, „понекогаш“ се физички активни 7,03 отсто, еднаш или двапати седмично рекреираат 1,27 отсто, а само 0,71 отсто се физички активни од три до четирипати неделно. Кај жените таа бројка е уште попоразителна. Со „никогаш“ одговориле 93,98 отсто од испитаничките, со „понекогаш“ 4,76 отсто, со еднаш или двапати седмично 0,75 отсто и само 0,34 отсто одговориле дека од три до четирипати неделно се физички активни. Најомилени спортски рекреации кај рекреативно активните мажи се пливањето и прошетките, а жените најмногу сакаат прошетки. Како основна причина за слабата физичка активност е наведено немањето доволно слободно време (50 отсто од мажите и 55,17 отсто од жените), а потоа е недостиг на навика. Бројките се загрижувачки и предупредуваат за потпросечна физичка активност, психомоторни способности и функционалност на телото. А, кога тоа не е случај кај повозрасните тогаш не може да очекуваме дека такви навики може да се пренесат кај најмладите, кои најголем дел од слободното време го минуваат пред телевизорот или компјутерот.
„Состојбата е катастрофална. Често сум на кејот на Вардар, на Водно и можам да кажам дека рекреираат исти луѓе. За се' е потребно волја и навика, па така и за овој сегмент од секојдневието. Друго не е потребно. Разбирам дека за дел од спортската рекреација се потребни и материјални средства, но за пешачење, трчање, возење велосипед треба да има само волја што, за жал, нема кај најголем дел од населението“, вели професор доктор Горан Никовски од Факултетот за физичка култура во Скопје.
„Во 21 век физичката активност треба да биде нужност, а не луксуз. Сметам дека државата треба да изготви проект за здраво дете, здрава нација и треба да застане зад него. Во него свој придонес треба да има и локалната власт, женските лоби-групи, Агенцијата за млади и спорт, Македонскиот олимписки комитет, Факултетот за физичка култура, здравствениот сектор и приватниот сектор со финансиска поддршка“, додава Никовски.
Место вежбање македонските граѓани преферираат некакво хоби и тоа над 60 отсто. Кај мажите најчесто тоа се видеоигрите и обложувалниците, што значи дека спортуваат, но на ��толови пред апаратите, а жените, исто така, бидејќи најмногу играат јамб и карти.
Бирото за развој спроведе обемна студија во која беа опфатени 74.000 ученици од петто до осмо одделение во училиштата низ цела држава. Се истражуваа нивната физичка способност, психомоторните способности, функционалните способности итн.
Дел од резултатите во ова истражување, споредбено со она што е спроведено во поранешна Југославија пред 30 години, покажуваат дека денешните деца на возраст меѓу десет и 14 години просечно се потешки од три до пет килограми и се повисоки.
Ситуацијата, се чини, се подобрува во последните две-три години. Со воведувањето на деветолетката бројот на часовите по физичко воспитување во основните училишта од два часа е зголемен на три неделно. Се зачувуваат програмските активности во местата каде што условите го дозволуваат тоа. Таму каде што има сала и реквизити часот по физичко воспитување е омилен и едвај се чека, а таму каде што тоа не е случај, часовите по физичко се заменуваат со носење на децата на воздух во училишните дворови или, пак, често остануваат во училница и го повторуваат материјалот. Сепак, според кажувања на некои средношколци, оценки добиваат во зависност од тоа колку носат опрема, а не колку пати вежбаат, додека во некои основни училишта спортските активности делумно ги заменуваат со играње ора, па децата повеќе знаат „ајдучко“ отколку стоење на раце.
Некои епидемиолошки истражувања потврдуваат дека физичката неактивност придонесува за зголемување на ризикот од појава на некои незаразни болести (коронарни болести на срцето, дијабетес тип 2, канцер на дебелото црево, канцер на дојка, придонесува за скршеница на зглобовите во колкот кај повозрасните лица) од 15 до 20 отсто. Можноста за занимавање со рекреативна физичка активност е од витално значење за сите поединци, независно од полот, возраста, социоекономските можности, функционалните способности, културолошките карактеристики, а особено кај децата. Затоа Светската здравствена организација препорачува возрасните лица да имаат умерена физичка активност по 30 минути дневно. Во Западна Европа, на пример, 50 отсто од возењата со автомобил се однесуваат на релации покуси од пет километри, растојание што со велосипед може да се мине за 15-20 минути или за 30-50 минути со пешачење.
Наспроти нас, најновото истражување на Евробарометар покажува дека дури 40 отсто од граѓаните во Европската унија (ЕУ) се физички активни барем еднаш седмично. Повеќето од нив (65 отсто) велат дека практикуваат некаква форма на физички вежби еднаш седмично, 34 отсто од испитаниците, пак, ретко или никогаш не спортуваат и не се рекреираат. Најсериозен пристап кон спортот, рекреацијата и здравиот живот имаат Ирците (23 отсто од нив спортуваат, вежбаат и се рекреираат и повеќе од петпати во неделата). Најмногу спортуваат и се рекреираат Швеѓаните, Финците и Данците, односно најбогатите нации. На дното на скалата се граѓаните на Бугарија, Грција и на Италија, каде што само по три отсто од нив се изјаснија дека спортуваат. Најдена е релација и меѓу социоекономскиот момент и физичката активност. Бројките се поразителни. Лицата што го напуштиле образовниот процес (64 отсто) на 15-годишна возраст никогаш не спортуваат, или 24 отсто од оние што го напуштиле школувањето на 20 години. Но, еден резултат во истражувањето на Евробарометар е и оној што вели дека 22 отсто од луѓето во ЕУ што се над 70-годишна возраст се' уште се спортски и рекреативно активни. Во целина најактивни се жителите на нордиските земји и на Холандија, додека оние од Медитеранот и од 12-те нови земји-членки на ЕУ се под континенталниот просек кога се во прашање спортот и рекреацијата. Две третини од испитаниците се изјасниле дека не се членови на спортски клубови или центри, а основна причина за спортувањето е здравјето. Следуваат одржувањето на физичката кондиција, потоа релаксацијата и забавата. Немањето доволно време е основната причина поради која луѓето пропуштаат да спортуваат и да се рекреираат. Три четвртини (75 отсто) од учесниците во анкетата потврдија дека имаат услови за физички активности во местата каде што живеат. Оваа бројка паѓа на 56 отсто меѓу жителите на 12 нови земји-членки на ЕУ.
|