Русија
Жените од Кремљ - од туршии до музеи
Пред 25 години „перестројката“ почна и со појавувањето на Раиса Горбачова во јавноста. Таа беше настан сама за себе
Од нашиот дописник Бранко ВлаховиЌ
МОСКВА - Пред 25 години во светот тргнаа и станаа популарни два руски збора што многумина многу тешко ги изговараа - перестројка и гласност. Тие во СССР најавија големи општествени промени, како што ние би рекле престројувања и отворање пред јавноста. Тие зборови ги асоцираа луѓето на новоизбраниот генерален секретар на ЦК КПСС, Михаил Горбачов, кој дојде на власт по серија погреби на остарени и тешко болни советски лидери. Во споредба со нив, тој беше млад, енергичен и комуникативен. Луѓето му поверуваа, како во земјата, така и во светот. Горбачов уште по нешто се разликуваше од своите претходници во Кремљ. Ја имаше енергичната и многу амбициозна жена Раиса Максимовна Горбачова, чие моминско презиме беше Титаренко. Може да звучи неверојатно, дури и чудно, но токму Раиса му ја донесе на Михаил Горбачов популарноста на Запад, бидејќи таа за многумина беше доказ дека во Москва нешто радикално се менува во стилот и во начинот на живот, а од друга страна, пак, сопругата многу му штетеше на угледот што таткото на перестројката го имаше кај конзервативните граѓани на СССР.
За разлика од Викторија Петровна Брежнев, сопруга на генералниот секретар на КПСС, Леонид Брежнев, која не сакаше излегувања во јавноста, сликање пред камерите и посети на музеи и на културни приредби, Раиса Горбачова не само што тоа го сакаше, туку очекуваше и да се слушне нејзиниот влијателен глас.
Во традицијата на советските државни лидери, до Раиса Горбачова, немаше практика сопругите сами да посетуваат изложби и други културни манифестации. Нина Хрушчова, сопруга на легендарниот Никита Хрушчов, беше незабележителна и нејзини фотографии тешко може да се најдат. Исто така, во јавноста ретко се појавуваше и Татјана, сопруга на Јуриј Андропов. Тие повеќе се грижеа за семејството и за куќата, како над шпоретот да имаа напишано „домаќинке малку зборувај за ручекот да не загори“.
Внукот на Леонид Брежнев, Андреј, велеше дека неговата баба Викторија повеќе се грижела навреме да направи зимница и се' да биде добро во кујната и на дачата каде што живееја, отколку да излегува во јавноста. Важно и' било да скисели доволно краставици и друг зеленчук за зима, а „излегувањето во светот“ не ја интересирало. Викторија Брежнев имала проблеми со нозете поради тежината, па и тоа било причина што не сакала да оди таму каде што требало многу да се стои. Меѓутоа, тоа никого не го вознемируваше, бидејќи ниту другите советски политичари не ги водеа своите сопруги. За следење на модата не стануваше ни збор. Гардеробата на највисокото раководство во Кремљ ја правеше посебен кројач. Свои кројачи имаа и советските дипломати. Секако, и жените на највисоките раководители имале свои кројачи и кројачки. Никому не му паѓало на памет да купува облека од најпознатите модни креатори.
За партиските функционери имаше посебна продавница и оттаму тие купуваа кошули, обувки, шубари �� шапки. Затоа советските раководители беа слично облечени, што можеше да се забележи при одржувањето паради, кога стоеја на страничните ѕидини на Лениновиот мавзолеј на Црвениот плоштад.
Михаил Горбачов не беше кицош, па по гардеробата не се разликуваше од своите колеги од партискиот и од државниот врв. Како млад дописник во Москва се среќавам на средбата со Горбачов во Кремљ, кој сакаше да разговара со странските дописници. Тој беше во класично син костум, бела кошула и црвена врска. Носеше темнокафени „саламандер“ чевли со дебел гумен ѓон.
Раиса Горбачова сакаше помодерно да се облекува. Новинарите што ја следеа на патувањата во странство забележаа дека таа е прва сопруга на еден руски политичар што плаќа со „виза“ картичка. Поради се' почестото појавување во јавноста Раиса на Запад стана популарна, а на голем број граѓани на СССР почна да им пречи што таа „се меша во се' “. Очигледно беше дека таа се чувствува супериорно во однос на другите жени на руските функционери иако беше провинцијалка. Раиса беше родена во 1932 година во градот Рубцовски во Сибир, кој тешко може да се најде на географска карта. Татко и' беше железничар, па неколкупати се селеле од град во град. Студираше на Филозофскиот факултет во Москва, а Михаил Горбачов на Правниот факултет. Тие се запознаа во студентскиот дом и подоцна во 1953 година се венчаа. По завршувањето на факултетот живееја во Ставропол каде што нејзиниот сопруг ја направи партиската кариера. Потоа магистрираше.
Со преселувањето во Москва семејството Горбачов брзо се адаптираше. Во моментите на слава на нејзиниот сопруг и Раиса беше во центарот на културните случувања. Така, во 1985 година, учествуваше во основањето на Фондот на културата. Им помагаше на музеите и посетуваше модни ревии и изложби. Кога нејзиниот сопруг се среќаваше со претседателот на САД Роналд Реган и со други државници таа разговараше со нивните сопруги.
Во времето на Леонид Брежнев и на неговите наследници до Горбачов, на жените на странските државници во Москва друштво, главно, им правеше Валентина Терешкова, првата жена-космонаут на СССР. Валентина беше многу популарна во СССР, но и во светот, па малкумина обрнуваа внимание што Викторија Брежнев не се појавува како протоколарен домаќин.
Раиса себеси се сметаше за научен работник, па без комплекси се вклучуваше во разговор и со многу пообразовани руски научници и културни работници. Таа пред камерите не молчеше како Викторија Брежнев или Татјана Андропова.
Во време на августовскиот пуч во 1991 година Раиса со сопругот беше на одмор во Крим и поради преголемо возбудување доби мал мозочен удар. Кога Горбачов беше сменет и кога луѓето од неговото опкружување почнаа да објавуваат мемоари, во една од нив беше напишано дека Раиса барала од КГБ да и' предложи послуга избрана според нејзини критериуми. Барала готвачката помалку да зборува, но и да не е помлада од неа. Смената на Горбачов предизвика поголем шок кај Раиса отколку кај Михаил Горбачов. Подоцна таа се разболе од леукемија и во септември 1999 година почина во една германска болница.
Наина Јосифовна Елцин во руската јавност се доживуваше повеќе како маченичка отколку како прва дама. Наина, инженер по образование, остави впечаток на чувствителна и мудра жена, но без доволно женственост. Првиот претседател на Русија по распаѓањето на СССР, Борис Елцин, сакаше да пие и да прави циркус, па Наина се обидуваше да го смири. За разлика од Раиса, Наина Елцин не ја иритираше руската јавност. Граѓаните на оваа голема земја и сами се сменија, па повеќе никому не му беше чудно што Наина Елцин оди заедно со својот сопруг да гледа тенис и да навива за руската репрезентација. Преку дворските новинари што го следеа Кремљ, за Наина во јавноста се создаваше слика како за „обична руска жена“ што сака да готви и да прави слатки. Таа и сега повремено се појавува во театрите или на концерти каде што порано доаѓаше со сопругот Борис Елцин. Додека беше сопруга на претседател Наина се спријатели со некогашната ѕвезда на Бољшој театарот, оперската дива Галина Вишневска, како и со режисерката на познатиот московски театар „Современик“, Галина Волчек. Наина со ќерката Татјана и зетот Валентин и сега оди на тенис и навива за „зборнаја команда“.
Скромната мајка не можеше да го заузди не само својот сопруг, туку и помладата ќерка Татјана, која трипати се мажеше и често ги посетуваше монденските места. Уште додека татко и' беше жив таа се поврза и се здружи со олигарсите, така што имаше и материјална корист, па ниту сега не и' е тешко да живее на висока нога. Татјана со своето однесување до крај го урна и она малку углед што го имаше нејзиниот татко во Русија.
Брачната двојка Путин забележително се разликува и од Елцин и од Горбачов. Енергичниот Путин немаше цел да му се допадне на Запад, како што тоа упорно го правеа двајцата негови претходници во Кремљ. И Горбачов и Елцин уживаа да ги фалат на Запад. Како што точно забележа големиот руски писател Александар Солженицин, колку што Горбачов и Елцин повеќе ја губеа популарно��та во својата земја, тие се' повеќе беа фалени на Запад.
Поранешниот офицер на КГБ Владимир Путин научи како да се чува приватноста, па така се однесуваше и како претседател на Русија. Неговата сопруга се појавуваше таму каде што тоа го бараше протоколот. Меѓутоа, таа оставаше впечаток на скромна жена што го следи својот сопруг. Људмила Путин по образование е филолог, па својата општествена активност ја насочи за зачувување на рускиот јазик. Благодарение на неа формиран е Центар за развој на рускиот јазик. На иницијатива на Људмила Путин на сите факултети во прва година се учи рускиот јазик без разлика на специјалноста. За разлика од Наина Елцин, Људмила Путин не оди на спортски приредби, а двете ќерки живеат тивко, не посетуваат монденски места, па затоа досега никој не објавил нивни фотографии. И сега како сопруга на рускиот премиер Људмила Путин живее во сенка на својот популарен сопруг. Таа не оди со него на скијање и на спортски приредби.
Најдобриот ученик на Путин, Дмитриј Медведев, се однесува по рецептот на својот претходник. Не пие и не пуши, го сака спортот. Неговата сопруга е забележително помлада од Људмила Путин и е поактивна во јавниот живот. Светлана Медведева на 15 март наполни 45 години. Таа по образование е економист. Татко и' бил воено лице и воспитана е во конзервативно семејство. Сегашната прва дама на Русија, Светлана Медведева, голем дел од своето време им посветува на разни црковни хуманитарни акции. Многу често Светлана се среќава со највисокото раководство на Руската православна црква, па нејзини фотографии со патријархот Кирил често се објавуваат во весниците. Светлана е претседателка на Покровителскиот совет на програмата „Духовна и морална култура на младото поколение на Русија“. На иницијатива на Светлана Медведева на календарот се појави православниот аналог на свети Валентин, Денот на вљубените. Осми јули во Русија се слави како Ден на светите Петар и Феврониј, заштитници на семејството, љубовта и верноста. Таа го следи својот сопруг на патувањата во странство. За неа се организира посебна програма за посета на музеи и храмови. Светлана Медведева се грижи и за синот Илја. Сегашниот претседател на Русија вели дека Светлана е „строга, но грижлива мајка“. Сака да оди во театар и на модна ревија. Но, Светлана не заостанува ниту во модерните комуникации со јавноста. Следејќи го сопругот и таа направи свој блог на Интернет на кој пишува за своите патувања и за хуманитарните акции.
Во изминативе 25 години Русија многу се измени, па народот сосема поинаку ги прифаќа помодерните сопруги на руските претседатели. Сепак, тие очигледно водат сметка да не ја иритираат својата јавност, особено оној дел што се' уште тешко живее. Сопругите на руските претседатели значително одлучуваат и придонесуваат во тоа колку нивните сопрузи ќе добијат гласови на изборите. |