Број 3261  понеделник, 19 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter

Лондон

Британците сакаат промена, a се плашат од неа

Маргарет Тачер и Тони Блер имаа визија за една поинаква Британија. Такво нешто сега не нудат ниту лабуристите, ниту ториевците, ниту либералдемократите

Од нашиот дописник
Томислав Ивановски


ЛОНДОН - Британската кралица Елизабета мораше да го прекине продолжениот велигденски одмор и со хеликоптер да се врати во Бакингамската палата во Лондон за да го прими Гордон Браун и да му даде формална согласност да го распушти Парламентот и да објави одржување на парламентарните избори. По средбата што траеше 23 минути, британскиот суверен можеше да го продолжи одморот додека да се врати Браун во својата службена резиденција и пред влезот во Даунинг стрит 10 да го соопшти она што требаше да биде тајна, но што од поодамна се знаеше - дека на 6 мај Британците ќе гласаат за нов пратенички состав во Вестминстер.

Нагаѓањата околу тоа кога ќе има парламентарни избори во земјата, траат од поодамна, уште од првите месеци, по смената на кормилото на Лабуристичката партија, на крајот од јуни 2007 година. Натеран да се повлече една година пред рокот, што претходно самиот го даде, Тони Блер му ги препушти партијата и управувањето со владата и земјата на Браун, без овој да се избори за тоа, дури и во рамките на својата партија. Таквата смена ја повлече опозицијата уште веднаш да притиска за да се одржат предвремени парламентарни избори за Британија да не биде земја со премиер, кој нема мандат за тоа ниту од сопствената партија ниту од гласачите во земјата. Кога по партискиот пуч против Маргарет Тачер за лидер на конзервативците и за премиер беше поставен Џон Мејџор, тој по една година побара и доби мандат од Британците, победувајќи убедливо на тогашните предвремени избори.

Гордон Браун ја имаше истата можност во есента 2007 година, уште повеќе што Блер му остави сигурна предност пред ториевците на тогаш се' уште младиот лидер, Дејвид Камерон. Браун во првите месеци од своето владеење како премиер ја зацврсти и малку ја зголеми. Доколку тогаш закажеше избори, општ впечаток е дека сигурно и убедливо ќе ги добиеше. Но, како што се откри подоцна, се исплаши од можноста да не ја повтори последната победа на Блер и, како што сега стојат работите, погреши. Опозицијата долго потоа го прикажуваше Браун како „плашлив и несигурен“ политичар, кој нема мандат од луѓето да ја води земјата и со тоа успеа да ја стопи предноста на лабуристите. Од паѓањето на Браун најмногу заработија токму ториевците на Камерон, кои оттогаш, па се' досега ја имаат предноста кај гласачите, во меѓувреме, нанесувајќи им неколку порази едноподруго на локалните избори, потиснувајќи ги и во традиционално лабуристичкиот Велс, како и понижувачки совладувајќи ги на минатогодишните европски избори.

За партијата на Браун тогаш гласаа помалку од 16 отсто од луѓето, рангирајќи ги лабуристите дури четврти и зад „антиевропската“ Британска партија на независноста (УКИП), што е нивниот најлош резултат во историјата. Тоа ги осоколи конзервативците постојано да притискаат за одржување на изборите, користејќи ја својата предност, што во еден момент изнесуваше и повеќе од 20 отсто во однос на лабуристите, но и избувнувањето на општествената, политичката и економската криза во која западна Велика Британија, делумно поради глобалните потреси во банкарството, а и поради владината политика.

Според тоа, излегува дека се зборува за избори безмалку три години, а датумот стана извесен откако усвојувањето на буџетот за оваа година се развлече до втората половина на март, во очекување на податоците за излегувањето на земјата од рецесијата и за првите знаци на заздравување на домашната економија. Тие, очигледно, се најсилниот адут на владејачката партија во нејзината предизборна кампања и одбранбен механизам од нападите на опозицијата дека лабуристите „повеќе не функционираат“ и треба да се заменат.

Пред 31 година, тогаш не многу позната агенција на браќата Морис и Чарлс Сачи го создаде овој слоган што и' овозможи на Маргарет Тачер да стане премиер, а на ториевците им го отвори патот да ја водат државата18 години. Пред 13 години, Тони Блер им ја понуди својата визија за „новите лабуристи“ на Британците, веќе изморени и заситени од „тачеризмот“ и успеа да ја врати на власт „работничката партија“. Тогаш таа беше целосно изменета и трансформирана и на своја страна ги привлече не само своите традиционални гласачи туку и најголемиот дел од средната класа, нанесувајќи им три едноподруго убедливи порази на конзервативците. Дури четворица ториевски лидери настрадаа до јуни 2005 година од Блер, кој успешно се справуваше и со петиот нивни лидер, Дејвид Камерон, се' додека не се повлече од Даунинг стрит 10.

Камерон, кој во декември таа година беше избран да ја предводи партијата до нејзиното враќање на власт, сега зборува дека тоа време е дојдено, дека на Британија и' е потребна промена и оти тој е подготвен да ја преземе одговорноста за управувањето со земјата. Според младиот ториевски политичар, партијата што ја предводи тој е „нова конзервативна алтернатива“ што им нуди на Британците „надеж, оптимизам и промени“. Наспроти тоа, како што вели, се наоѓа „стравот од Брауновата политика“ на постојано зголемување на даноците и разните давачки за државата и на зголемување на и онака рекордниот буџетски долг. Тоа не може и натаму да трае доколку актуелниот премиер освои уште еден мандат. Кога зборуваа како опозиционери, Тачер во предизборието во 1979 година, а потоа Блер во 1997 година, гласачите им веруваа, што и двајцата политичари ги одведе до нивните изборни триумфи. Пред сегашните парламентарни избори, повиците на денешните опозициски партии за промени, меѓутоа, не паѓаат на толку сигурна почва како порано. Впечаток е дека гласачите се претпазливи, како што тоа беше порано, околу тоа дали и овој пат треба безрезервно да и' ја дадат довербата на едната од двете главни британски партии.

Во секој случај, луѓето во Велика Британија сакаат промена на кормилото на земјата, ако ништо друго, затоа што се смета дека веќе им е доста од 13 години со лабуристите. Тоа го покажуваат и анкетите, на кои веќе две години опозициските ториевци се во предност. Но, изгледа дека Британците во исто време и се плашат од тоа што ќе може да донесе таа промена. Истражувањето на јавното мислење покажува дека предноста на ториевците сега е сведена меѓу 4 и 10 отсто, што не е само доказ за враќање на довербата кон се' уште владејачката партија, туку и илустрација за несигурноста во алтернативата што ја нуди опозицијата.

Еден наш Македонец, кој подолго време живее во оваа земја, признава дека му е доста од Браун и од неговото управување со економијата и со политиката на земјата. Вели дека се ужаснува од помислата оти тој би можел да владее уште еден мандат, што одново би го развлекол до пет години, колку што дозволува законот, но не крие дека се плаши од можноста промената да биде полоша од она што е сега.

На таа карта играат Браун и неговиот изборен штаб, постојано плашејќи ја јавноста дека ако победат ториевците, земјата (безмалку) ќе се врати во „мрачните времиња“ на криза и нестабилност од осумдесеттите години на 20 век. Лабуристите упорно тврдат дека во таква ситуација британската економија ќе се врати во рецесија, а сите социјални придобивки од годините на лабуристите ќе бидат укинати и загубени. Така или не, 33 отсто од гласачите повеќе веруваат на економската политика на лабуристите (за ториевците 27 отсто), други 50 отсто се „ужаснуваат“ од тоа да победи Браун, но 51 отсто тврдат дека „не чувствуваат ентузијазам“ за конзервативците и за нивната политика.

Во една ваква ситуација, аналитичарите се поделени околу исходот на гласањето. Не толку околу тоа кој на крајот ќе има најмногу гласови, туку за тоа кој и како ќе управува со идната влада и со земјата. Она за што се согласуваат е дека ова ќе бидат најнеизвесните и најнепредвидливите парламентарни избори во поново време, па дека затоа првпат по неколку децении, Британија се соочува со изборот на немнозински и разнишан парламент во кој ниту една од партиите ќе нема безбедно мнозинство.

Околу 38 отсто од Британците сметаат дека така ќе биде подобро. Така мисли и британска партија на либералдемократите, чиј лидер Ник Клег вели дека овие избори нема да бидат „трка на два коња“, истакнувајќи го значењето на неговата партија и сега, а и подоцна, при правењето на владата. Со можноста за Долен дом без уверливо мнозинство на една партија се согласуваат и малите партии на националистите од Шкотска и од Велс. Тие ја гледаат тука можноста низ пазарењето со оние на кои ќе им треба секој пратенички глас да изнудат нешто од владата во Лондон и за своите национални каузи. Конечно, на таа карта изгледа играат и самите лабуристи, кои во една таква разврска гледаат шанса за себе, а тоа значи поразот што се очекува да го доживеат да го претворат во можност за учество во власта или за брзо враќање на сегашните владејачки позиции.

Тоа би требало да значи дека парламентот, по мајските избори, ќе има влада, која или ќе мора да биде коалициска, прва по пауза од неколку децении или, пак, ќе управува без мнозинство, што ќе ја тера постојано да прави компромиси и секогаш да стравува од можноста од блокада на нејзините законски проекти. Главнината на сегашната предизборна кампања се врти околу прашањата за економијата и стабилизацијата, даночната политика и основните јавни служби, здравството и образованието, како и за совладувањето на огромниот буџетски дефицит и внатрешниот долг, без притоа да се наруши развојот и социјалниот мир. Околу тоа се кршат сите копја, за тоа се определени сите главни играчи во изборната трка, но ќе треба волшебно стапче за практично да се спроведе сето тоа, веќе од ова лето.

Конзервативците бегаат од таквата можност и затоа бараат сигурен мандат за себе. Лабуристите помалку веруваат дека може да извојуваат сигурна победа за да продолжат таму каде што се сега, па затоа се подготвуваат и за варијанта на дејствување во разнишан парламент, без разлика дали ќе бидат власт или опозиција. Тоа објаснува зашто Браун уште отсега најавува дека нема да поднесе оставка и доколку доживее пораз, надевајќи се на брзо организирање нови избори за расчиствување на условите во Долниот дом. Таа варијанта, во секој случај, го тера на ужас Камерон, кој тешко дека ќе може да го преживее четвртиот пораз на својата партија во изминатите 13 години, уште повеќе што нејзиното десно крило не крие дека не е задоволно од инсистирањето на својот лидер за реформирањето на конзервативизмот.

Засега сите ќе ги бркаат оние 650 места во парламентот што се на гласање. Она што им е минимално потребно е една од партиите да освои барем 326 пратенички места и да обезбеди безбедно мнозинство, што за да се постигне тоа, потребни се сите гласови на луѓето. Затоа битката ќе се води за маргиналните изборни единици, каде што може да се реши победникот. Трката овој пат и одново ќе се насочи кон истакнување на класната борба, поттикната од лабуристите. Тие ги обвинуваат ториевците дека како „богати, школувани во приватни и угледни школи и факултети и добро општествено ситуирани“, немаат чувство за барањата на малите и обични луѓе кога станува збор за образованието, здравството или за социјалните потреби. За лабуристичката левица, но и за Браун, ториевците и натаму се партија на богатите.

Од друга страна, на сите, а особено на Браун, му е потребна средната класа, особено онаа во Англија. Порано, битката за нејзината доверба ја поведоа и ја добија, секој од своите позиции, Маргарет Тачер и Тони Блер. Но, и двајцата понудија визија за една поинаква Британија, што сега во своите изборни заложби не ја нудат ниту лабуристите на Браун ниту ториевците на Камерон, или либералдемократите на Клег, колку и да знаат дека земјата е различна од времето од пред 30 или 15 години, па најмногу од се' и' треба визија за следната деценија и натаму.


#
Статијата е прочитана 917 пати.

Испрати коментар

Од: tomo
Датум: 16.04.2010 08:47:37
Kameron e prijatel so Grujo preku Orce Kamcev, bidejki Kameron ima tekstilna fabrika vo Manchester a Kamchev vo Skopje. Po taa linija Kameron go kupi i placot zad Ramstore. Inaku Kameron e mnogu za Makedonija. Sega ako tepa Kameron, a kje tepa, Britanija ke ne priznae pod ustavno ime i ke ni go resi imeto.
Од: Caci London
Датум: 16.04.2010 14:37:49
@ tomoo koja glupost!!! mesas privaten bussiness so politika

Најди! во Утрински
Насловна
Ден за жалост
Зденко
Самак многу ветува, а не остварува
Груевски и Ахмети судени еден на друг
Македонците спортуваат само во обложувалници
Појадокот на една свиња
Исповед на еден дипломат
Голем тест за старата машинерија на Ватикан
Хомо запиенс
Градоначалниците обединети против конфискацијата
Жените од Кремљ - од туршии до музеи
Убедлив концертен кам-бек пред скопјани
Немам друг чадор освен Македонија
100 години напредок