Јубилеј
„Златно славејче“ прославува 40 години постоење
Од 10 до 15 ноември во Универзална сала ќе се одржи најновото издание на најстариот фестивал на детска песна
Шеснаесет нови песни ќе бидат изведени на јубилејното 40. издание на најстариот фестивал на детска песна „Златно славејче“, што ќе се одржи од 10 до 15 ноември во Универзалната сала во Скопје, во организација на Сојузот за грижи и воспитување на децата на град Скопје.
„Ова е голем јубилеј со кој се гордееме и кој се совпаѓа со добивањето на 13-ноемвриската награда на град Скопје, што е големо признание за сите досегашни учесници. Се надевам дека наградата е заслужена и дека манифестацијата ќе продолжи и натаму успешно да опстојува на македонската културна сцена“, изјави на вчерашната прес-конференција Бобан Јосифовски, извршен директор на фестивалот.
Претставите на јубилејното издание ќе се одвиваат од 11 и 13 часот секој ден, а в сабота (13 ноември) ќе има уште еден дополнителен термин, со почеток во 18 часот. По повод роденденот, секој посетител со купена влезница чија сцена е 150 ден., на подарок ќе добие и бесплатно ЦД со песните од новото издание. „Ќе имаме и гости - деца од Бугарија, Албанија, Србија, Црна Гора и едно дете на наши иселеници од Лондон, Христијан Крстев. Првата приредба в среда (10 ноември) е со хуманитарен карактер, специјално за децата со посебни потреби, деца без родители, штитеници на „Златан Сремац“... Токму едно од овие дечиња ќе биде и дел од програмата, се работи за слепо дете што е многу музикално и што ќе ја пее песната „Скијач“, додаде Јосифовски.
Уметнички директор на фестивалот е Александар Џамбазов, а како автори на сценариото се јавуваат Ристо Самарџиев и Влатко Илиевски, кого ќе го видиме и во улога на водител. Покровител на фестивалот е претседателот на РМ, Ѓорге Иванов, кој по завршувањето, ќе организира и прием за златните славејчиња во својата вила на Водно.
Јубилејот на „Златно славејче“ ќе се прославува и со гала свечен концерт што ќе се одржи на 16 декември во Универзалната сала и на кој ќе бидат поканети сите негови досегашни учесници, како и со издавање на монографијата „40 години ’Златно славејче’“, односно промоција на двојно цеде на кое ќе бидат сместени најголемите фестивалски хитови. (К.Ш.) |