Интервју
Кај мене нема место за Груевски и за Црвенковски
Љубе Бошкоски, претседател на ОМ
Го преферирам Мендух Тачи за коалициски партнер, вели Љубе Бошкоски, претседател на ОМ
Александра М. Митевска
Некако немате среќа со потпретседателите на ОМ. Прво го исклучивте Филип Петровски од партијата, а деновиве Ве напушти Златко Кесковски.
„На сите четворица потпретседатели на партијата - Ден Дончев, Филип Петровски, Златко Кесковски, Јагода Митревска, им заврши мандатот на 2 мај, на Конгресот на ОМ. Потоа беше договорено сите што имаа амбиции да бидат потпретседатели писмено да образложат што можат да понудат повеќе. И, веројатно, кај некои, особено кај господинот Петровски, проработеа суетите. Но, јас сум човек што се бори против она што е македонски стереотип - да се создаваат митови од партиските лидери.
Господинот Кесковски од Конгресот до денес ниту еднаш не дошол во партијата. Тоа е работа што е завршена пред шест месеци. Единствено е малку индикативно зошто три дена пред бунтот им дава материјал на некои како што е Латас да прават непотребни сензации. Мотивите, веројатно, ќе излезат на виделина“.
Што очекувате од протестот?
„Бината ќе биде на Стара железничка станица - тоа е симболика на едно запрено македонско време. Со овој бунт ние сакаме да го разбудиме македонскиот народ, да го раздвижиме, да покажеме дека со молкот, со небунтувањето само се потхранува суетата на Никола Груевски и на оваа Влада. Молкот е нешто што го убива човекот. Затоа ние се бунтуваме. Бунтот е резултат на една 20-годишна погубна политика. Логично се наметнува дека и Бошкоски бил дел од тие политички гарнитури. Но, кога секој ќе биде подготвен да одлежи четири години за Македонија, да го даде својот имот на испитување пред најмоќните светски истражител и кога ќе се докаже дека тој имот не е стекнат на криминален начин, тогаш ќе може да ми кажат дека ’сите политичари се исти’.
Ние сакаме да ја промениме оваа биполарност во Македонија, која е една од најголемите македонски заблуди. 20 години зборуваме дека имаме демократија, дека се менуваат партиите на власт, но, фактички, имаме еднопартиски систем и демократско едноумие. Овие што денес се претставуваат како татковци на нацијата, како водачи, се луѓе што живеат во еден поинаков свет. Во светот на личната благосостојба.
Со овој митинг сакаме и да им ги затвориме работилниците на оние платеници од анкетари, од типот на Божиновски, што ми прогнозираа два процента рејтинг во претседателската кампања, што ја завршив со над 150 илјади гласови“.
Очекувате ли помош за протестот од Бранко Црвенковски? Од власта велат дека соработувате со него.
„Со Црвенковски сум се сретнал неколку пати во мојот живот. Кога дојдов од Хаг, најнормално беше претседателот на државата да ме прими. Тоа беше единствената наша средба и два-три пати сум го сретнал на приеми. Тоа е се'. Немам допирна точка ниту со Црвенковски ниту идеологијата на СДСМ може да биде моја идеологија. Груевски е идеолошко чедо на Црвенковски - во начинот на практикување на власта, во начинот како се однесува кон неистомислениците.
Јас сум редок случај на човек што бил жртва на три режими: на југословенскиот, на удбашките режими во тоа време, а по формалното осамостојување, повторно ме цинкареа, ме следеа... само затоа што секогаш сум бил Македонец. Јас друг грев во животот не сум направил“.
Значи имате досие?
„Има едно досие што ми го даде господинот Трајанов откако станав заменик-директор на УБК. По инерција, тие се' уште ме следеле и ме прислушкувале, заборавиле дека сега формално сум им надреден на тие што ме следеле. Тоа, за жал, продолжува и денес. И денес на наплатните рампи зад мене гледам црни автомобили. Продолжува таа политика на едноумие, на уништување на секој што мисли поинаку, што има поинаков став од режимот. Ете затоа се бунтуваме - бидејќи за 20 години од Македонија се украдени и изнесени 20 милијарди евра. Каде се тие пари - треба да одговорат сите досегашни премиери, министри за финансии...“
Велите дека на следните избори ќе сте освоеле апсолутна власт. Кого го планирате за коалициски партнер?
„Црвенковски сигурно нема да ми биде партнер. Никогаш нема да коалицирам со него, па макар и да имам 60 пратеници и да ми фали само уште Црвенковски за да формирам мнозинство. Подобро ќе седам во опозиција. Мои колаициски партнери се граѓаните што ќе ми ја дадат довербата да формирам влада. Мој втор коалициски партнер се членовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои масовно преоѓаат во ОМ, сите заборавени, понижени граѓани, интелектуалци, луѓе кои со својот ангажман можеле да ја променат Македонија на подобро. Никогаш нема да коалицирам со Никола Груевски. И да е последниот човек од кого ќе ми зависи мнозинството. Никогаш нема да коалицирам со ниту еден досегашен премиер“.
Но, мора да имате партнер од албанскиот блок?
„За жал, се' уште постои таа поделеност иако во нашата партија имаме и Албанци, Турци, Власи, Роми... Јас го преферирам господинот Тачи ако освои најмногу гласови кај Албанците. Но, прифатлив ќе ми биде секој што ќе биде израз на волјата на албанските граѓани во Македонија“.
Значи, полесно би го „преџвакале“ Али Ахмети отколку Црвенковски или Груевски?
„Не верувам дека Ахмети ќе може и натаму да просперира на политичката сцена. Но, не би можел да одам против волјата на албанските гласачи. Знаете, кога човек ќе прифати сериозна и одговорна функција, тој треба да биде ослободен од сите пороци, пред се', да биде ослободен од она што значи одмазда, реваншизам, омраза, но и од она што значи душегрижништво. Ние живееме во време на одмаздници, во време на реваншизми, во време кога секој оној што малку ќе му се спротистави на вождот, се соочува со сериозен проблем. Тогаш си ти непријател, тогаш ти се монтираат процеси. Гледате какви циркузи се прават со Здружението на бранителите, го делат членови на ДПМНЕ, кои се платени со едно-две комбиња да дојдат во Скопје и да покажат сила“.
А, дали Стојанчо Ангелов е член на ОМ?
„Ниту со Стојанче сум разговарал ниту е член на ОМ. Тој е претседател на граѓанско здружение, на невладина организација. Но, кога ние ќе дојдеме на власт, ќе се бориме за реализација на барањата на „Достоинство“ како што и сега се бориме за правата на стечајците, на професионалните војници...“
Се потврди дека војната беше татковинска
Процесот на лустрација отвори многу дилеми. Сметате ли дека се менува сликата за конфликтот во 2001?
„Со ова само се потврди дека тоа беше татковинска војна за одбрана на државата од една строго контролирана група. И Рамуш Харадинај, додека бевме во хашкиот затвор, велеше дека челните луѓе на ОВК никогаш не биле за пренесување на кризата во Македонија. Во разговорите со Слободан Милошевиќ, пак, тој беше многу восхитен од македонските политичари во 90-тите години, од неговата соработка со тогашната гарнитура на власт во Македонија, но се жалеше дека претерале со наплатување рекет за време за време на ембаргото. Разузнавачи на Милошевиќ, кои, исто така, беа во Шевенинген, ми кажаа дека ОВК во Македонија е нивна творба. Тогаш, јас просто не можев да верувам. И сигурно дека конфликтот има сосема друг тек од оној што го гледавме во 2001. И Албанците во Македонија, ни криви ни должни, беа вклучени во една погубна политика, за која еден ден раководството на ОВК во Македонија ќе мора да даде одговор, особено пред оние деца и млади на кои им гарантираа за одземање на половина Македонија. Од тој сон не им остана ништо во јавето. Нашата битка, битката на институциите во тоа време беше чиста. Без разлика кој го режирал конфликтот, наша должност беше да ја одбраниме Македонија“.
-
|